Македонија
Иванов на средба со највисокиот цивилен претставник на НАТО во Авганистан и командантот на ИСАФ
Претседателот Ѓорге Иванов кој се наоѓа во прва посета на македонските мировници во Авганистан, денеска во Кабул се сретна со највисокиот цивилен претставник на НАТО во таа држава, амбасадорот Марк Седвил и со генералот Дејвид Петреус, командантот на ИСАФ
На средбите е разговарано за постигнувањата и придонесот на македонските војници во мисијата ИСАФ, при што било изразено задоволство од нивната професионалност и посветеност во извршувањето на задачите.Се дискутирало и за придонесот на Република Македонија во ИСАФ, за достигнувањата во процесот на транзиција, напредокот на демократските процеси во Авганистан и градењето на капацитетите на авганистанските безбедносни сили.Посетата претседателот Иванов ја искористи и за средба со македонските мировници. Тој истакна дека Македонија треба да се гордее со учеството на нашите војници во мисијата ИСАФ во Авганистан бидејќи тие на најдобар начин ги претставуваат сите реформи во нашата армија, како и за тоа до каде се подготовките за наше полноправно членство во НАТО.„Иако се уште не сме член на НАТО, тука покажуваме дека ги исполнуваме сите обврски и се однесуваме како и сите земји членки на НАТО“, изјавил претседателот Иванов.Тој потенцира дека македонските војници во оваа мисија придонесуваат и за светскиот мир и за градењето на институциите во Авганистан.„Нашите војници професионално ги извршуваат сите обврски. Почитувани се од колегите, но и од локалното население. Иако сме мала држава, на овој начин придонесуваме да се стабилизира еден дел од светот“, посочил Иванов и додаде оти ова искуство ќе им помогне на нашите војници и за следните мисии.Придонесот на Македонија во мисијата ИСАФ почна во август 2002 г., со симболично испраќање на двајца офицери во рамки на турскиот контингент. Во моментов Република Македонија во ИСАФ учествува со 242 војници, распоредени во четири поголеми контингенти. Досега во оваа мисија учествувале повеќе од 1.500 македонски војници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

