Македонија
Пинк ТВ ја купи К-15
Пинк телевизија ја купи К-15 и во Македонија новата телевизија ќе се вика Пинк 15, а програмата ќе почне да се емитува од петок. Содржините главно ќе бидат од забавен карактер, но исто така ќе има документарна, информативна и филмска програма. Најголем процент од програмата 60 отсто ќе биде произведен овде, а останатиот дел пак ќе биде титлуван и синхронизиран. Во првите осумнаесет месеци планирана е инвестиција од пет до осум милиони евра.
Сопственикот на Пинк, Жељко Митровиќ очекува телевизијата за помалку од два месеци да постане моќна продукциска сила која ќе произведува програма на македонски јазик.Првите два месеци поради транзициониот период ќе се користат програми кои се произведуваат во Србија, но секојдневно ќе се работи на продукцијата овде.
„Постои конкуренција која не е наивна, ќе имаме алтернативен концепт ќе се обидеме да оствариме добар резултат. Македонија има креативен и духовит народ затоа не се сомневам дека ќе се направи интересна продукција за извоз. За К-15 се одлучивме бидејќи со сопствениците имам изградено пријателски однос, а цената воопшто не беше пресудна.Таа е во доменот на деловна тајна и не можам да говорам за неа. Која и телевизија да ја купевме, моравме се да правиме од почеток. Не бевме подготвени нешто да претплатиме бидејќи имаме наш концепт, визија, политика и стратегија. К-15 имаше многу предности, а од друга страна не е развиен систем и оваа инвестиција ќе биде како гринфилд инвестиција, се ќе работиме од почеток. “ вели Митровиќ.
На прашањето на „Макфакс“ зошто пропаднаа преговорите со Алфа, Митровиќ одговори:„Не преговаравме само со Алфа туку и со други четири телевизии, но со Алфа преговорите беа сериозни и морам да се забалгодарам на Штерјо Наков за топлото гостопримство бидејќи со денови бевме негови гости, коректно не прими и бевме топло дочекани.Не можам да кажам за деталите околу преговорите бидејќи се работи за деловна тајна. Она што можам да ви кажам дека како и во секој деловен дил го избравме она што најмногу ни договара. Имињата на телевизиите не можам да ги кажам, бидејќи не е фер.“
За топ- менаџментот односно главниот и одговорен уредник на Пинк-15 и неговите помошници ќе се одлучува наредните три дена, додека кадровското доекипирање ќе следува наредните два месеци.
Пинк медиа груп е најголема медиска групација на Балканот која има пет национални телевизии во пет различни држави, 15 сателитски програми, неколку продукции, 26 студиja, авиокомпанија со осум авионi, чартер компании со три бродови, Универзитет во кој се вклучени студии за веб дизајн, аудио-инжинеринг и видео-продукција, дискографска куќа Сити рекордс, фабрика за изработка на ди-ви-ди и цедеа. крај/сж
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во израелски напади во Газа убиени 17 лица, меѓу нив шест деца
Во израелски напади на северот и југот на Појасот Газа убиени се најмалку 17 Палестинци, меѓу кои и шест деца, соопштија локалните болници, пренесе Би-Би-Си.
Израелската војска наведува дека нападите уследиле откако, според нив, „терористи отвориле оган и тешко раниле еден војник“ на северот на Појасот Газа, во близина на таканаречената Жолта линија, која според договорот за прекин на огнот со Хамас означува територија под контрола на Израел. Како одговор, биле изведени прецизни удари од копнени и воздушни сили, поради, како што наведуваат, „очигледно кршење“ на примирјето.
Болницата Ал-Шифа во Газа соопшти дека примила тела на 13 лица, меѓу кои пет деца, по напади врз шатори и домови во источните квартови Зеитун и Туфа. Во болницата Насер во Хан Јунис биле донесени тела на уште четири жртви, меѓу кои и едно дете.
Од стапувањето во сила на примирјето на 10 октомври, Израел и Хамас речиси секојдневно меѓусебно се обвинуваат за негово кршење. Министерството за здравство во Газа, под контрола на Хамас, наведува дека од тогаш во израелска ватра загинале најмалку 529 луѓе, додека Израел соопштува дека во палестински напади загинале четворица нивни војници.
Македонија
СДСМ му оддаде почит на македонскиот великан Гоце Делчев
Делегација на СДСМ предводена од генералниот секретар Александар Саша Димитријевиќ, заедно со членовите на Извршниот одбор, Наташа Поповиќ и Петар Огњеновиќ, денеска оддаде почит и се поклони пред ликот и делото на македонскиот великан Гоце Делчев.
„Идеалите на Гоце Делчев за слободна, праведна и напредна Македонија и денес се силен потсетник дека иднината се гради со храброст, знаење и единство. Наша должност е да ги чуваме и живееме тие вредности, секој ден.
Нека е вечен споменот на македонскиот великан Гоце Делчев“.
Македонија
Мицкоски: Очекувам раководството на ССМ да излезе од партиската прегратка и да се договори со Владата во интерес на административците
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, изјави дека очекува неколкумина од раководството на Сојузот на синдикати да излезат од, како што рече, партиската прегратка и да постигнат договор со Владата во интерес на работниците, односно на административните службеници.
Одговарајќи на новинарско прашање во врска со утрешната средба со УПОЗ и очекувањата, Мицкоски нагласи дека дел од вработените во јавната администрација сè уште немаат договорен Колективен договор со Владата.
„Очекувам да излезат од партиската прегратка тие неколкумина во раководството на Сојузот на синдикати и да се договорат со Владата во интерес на работниците, односно во интерес на административните службеници, бидејќи уште тие, како што многу пати кажав во минатото, уште тие 7.700–7.800 наши колеги немаат со Владата договорен Колективен договор, сите останати имаат“, изјави премиерот.
Тој додаде дека со ваквиот договор Владата, како работодавач, ќе ги заокружи односите со сите вработени до истекот на мандатот.
„Со ова, Владата како работодавач ги заокружува односите до истекот на мандатот на оваа Влада, до 2028 година, со сите оние на чии работодавач директен или индиректен е Владата“, рече Мицкоски.

