Македонија
Тачи: Викиликс објавува страшни документи за сегашната влада
Викиликс објавува страшни документи за сегашната влада. Денеска господинот Груевски, Владата и МВР нека одат да ги апсат луѓето од Викиликс, порача претседателот на ДПА, Мендух Тачи.Тачи вели дека на интернет сајтот Викиликс ќе се појават документи за улогата на грчката влада во врска со конфликтот во 2001 година „Вчера американскиот амбасадор во Атина беше кај министерот за надворешни работи на Грција, Друцас. Му објасни дека ќе се појават многу точни документи за улогата на грчката влада во врска со конфликтот во 2001 година, за улогата на некои претставници на Албанците, нормално не од ДПА во врска со спорот со името на Македонија со Грците. Нека одат да ги присвојат компјутерите на Викиликс, и на ЦИА и тогаш ќе полемизираме“ – рече Тачи кој денеска гостуваше на основачкото собрание на новата албанска партија „Албански сојуз“. крај/кс.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Левица: Наместо нови автобуси во ЈСП, нови автобуси добија приватните превозници
Партијата Левица остро реагираше на најавата на градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, дека од понеделник ќе започнат да сообраќаат 55 нови автобуси на приватните превозници, оценувајќи дека тоа е уште едно „импровизирано решение“ на штета на јавниот интерес.
„Наместо нови автобуси во ЈСП, нови автобуси за приватните превозници! Четири години ВМРО-ДПМНЕ го држеше Советот на Град Скопје во блокада и не гласаа за набавка на нови еко автобуси, поради што јавниот превоз колабираше, а градот западна во хаос. Денес, кога ја имаат целата власт, се обидуваат да изиграат спасители и најавуваат нови автобуси од приватници, наместо системско јакнење на ЈСП,“ стои во соопштението на партијата.
Левица обвинува дека ваквиот потег отвора сомнеж дека се подготвува терен за приватизација на јавните претпријатија, наместо за нивно реформирање и модернизација.
„Се поставува прашањето зошто приоритет им е набавка на автобуси за приватниците, а не за Јавното сообраќајно претпријатие? Истите тие што беа против купување нови автобуси, сега носат импровизирани решенија. Истиот двоен стандард го гледаме и со Градска хигиена – Скопје тонаше во смет поради нивните блокади, а сега се сликаат со метли како да го чистат туѓиот неред,“ порачаа од партијата.
Од Левица додаваат дека нивните советници во Советот на Град Скопје ќе се спротистават на секоја одлука што го фаворизира приватниот интерес пред јавниот и нема да дозволат, како што велат, „дополнително уништување на јавните претпријатија.“
„Ние сме за силно, јавно и модерно ЈСП, а не за приватизација и политички маркетинг,“ се наведува во соопштението на Левица.
Македонија
Во државава е поевтино да се облечеш, отколку да се храниш
Државниот завод за статистика (ДЗС) објави дека во октомври индексот на трошоците на живот забележал мала дефлација од 0,2% во споредба со септември. Тоа се должи на поевтинувањето на транспортот за 6,1%, мебелот и одржувањето на домаќинствата за 0,3%, како и на образование и култура за 0,1%. Индексот на цените на мало бележи слично благо намалување, на 98,7 поени.
Сепак, ова благо месечно намалување не го менува годишниот тренд. Во однос на октомври 2024 година, индексот на трошоците на живот пораснал за 4,5%, а индексот на цените на мало за 2,8%, што покажува дека граѓаните сè уште се соочуваат со висок инфлаторен притисок.
Највидливо поскапување е регистрирано кај храна и безалкохолни пијалаци, кои за една година се зголемиле за 7%, како и кај алкохолни пијалаци и тутун (+6,7%) и облека и обувки (+2,8%). Мали месечни зголемувања има и кај домувањето, вода, електрична енергија и гас, како и ресторани и хотели, со раст од околу 0,2%.
Минималната синдикална кошница во октомври пораснала за 467 денари, а за просечно четиричлено семејство месечните трошоци изнесувале 65.544 денари. Најмногу се зголемиле трошоците за храна и пијалоци, кои во октомври достигнале 23.772 денари, што е раст од 378 денари за еден месец.
Македонија
И денес врнежи од дожд
Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 11, а максималната ќе достигне од 14 до 18 степени.
Во Скопје ќе биде променливо облачно со повремен слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне 17 степени.
Според прогнозата на УХМР, во понеделник ќе се задржи претежно облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат поројни и пообилни (над 30 литри на квадратен метар за 24 часа) со појава на грмежи.
-Во вторник претпладне ќе има повремен локален дожд, а преку денот ќе дува умерен, долж Повардарието повремено засилен северен ветер. Во деновите потоа времето ќе биде стабилно и суво со пониски утрински температури, соопшти Управата за хитрометеоролошки работи.

