Македонија
Откриен и осветен споменикот на Св. Климент
По повод државниот празник Св. Климент Охридски, денеска беше откриен и осветен споменикот со ликот на просветителот и прв епископ, во близина на Соборниот храм и на почетокот на булеварот што го носат неговото име.
Статуата е изработена од бронза и е висока околу 4,70 метри. Стои на постамент од гранит висок 1,20 метри.
Споменикот го освети архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан кој во име на Македонската православна црква се заблагодари што непосредно до Соборниот храм ќе стои и споменик со ликот на Свети Климент.
Автор на споменикот е скулпторот Томе Серафимовски, кој рече дека ликот на Свети Климент е секогаш неисцрпна личност и оти е предизвик за секој вид уметност, за скулпторите, сликарите, писателите и композиторите.
„Тој е неисцрпен предизвик и инспирација. Над 40 години ја работам преродбата и духовноста. За разлика од Св. Климент во Охрид, кој држи дел од Охрид и го благословува градот, овој треба да ги благослови скопјани и сите кои ќе дојдат во Скопје“, истакна Серафимовски.Споменикот е изработен во познатата белградска леарница „Јеремиќ“, во која се излиени многу препознатливи спомен-обележја во Србија, меѓу кои и „Победникот“ на Калемегдан во Белград.
Скулптурата на Св. Климент Охридски е инвестиција на општина Центар и нејзиниот вкупен износ е 185.000 евра, со кои се покриени сите трошоци.
Градоначалникот на општина Центар Владимир Тодоровиќ рече дека овој споменик ќе биде единствен на бул. „Св. Климент Охридски“. Тој најави дека следни за поставување во центарот на градот се споменикот „Гемиџии“ покрај Вардар, „Бранители“ во паркот „Жена-борец“, „Карпошово востание“…
За споменикот на Александар на плоштадот „Македонија“, Тодоровиќ посочи дека градежните работи на фонтаната би требало да завршат напролет./крај/бд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Засега нема услови за евакуација на македонските државјани од ОАЕ и Катар, се разгледуваат алтернативи за државјаните во Израел
Повеќе од 400 македонски државјани се обратиле до дипломатско-конзуларните претставништва со барање за информации околу можноста за евакуација, додека околу 30 од нив изразиле подготвеност да заминат при првата можна прилика, соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, по ескалациите на Блискиот Исток.
Од Министерството информираат дека со сите пријавени лица се одржува редовна и континуирана комуникација, а во тек се подготвителни активности за евентуална асистенција и нивна безбедна евакуација, зависно од развојот на состојбата на терен.
Дипломатско-конзуларните претставништва, како што се наведува, ги преземаат сите неопходни мерки за подготовка и безбедна реализација на евакуацијата на граѓаните кои изразиле подготвеност за тоа. Министерството е во постојана комуникација со пријателски земји и меѓународни партнери со цел координирано спроведување на постапката.
Во однос на Обединетите Арапски Емирати и Државата Катар, во моментов не постојат безбедни услови за евакуација. За македонските државјани кои се наоѓаат во Израел, веќе активно се разгледуваат и координираат потенцијални алтернативи за нивно безбедно извлекување.
Министерството останува целосно на располагање на граѓаните преку дежурниот телефон и дипломатско-конзуларните претставништва, и ги повикува сите македонски државјани во регионот доследно да ги почитуваат упатствата на локалните безбедносни органи.
За дополнителни информации и помош, на располагање се:
СОС дежурен телефон (МНРНТ):
075/273-732
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546
Македонија
(Видео) ЛДП ја поздравува одлуката на ЕК за почеток на преговори за укинување на роамингот за Западен Балкан
Либерално-демократската партија (ЛДП) го поздравува предлоготот на Европската комисија за почеток на преговорите за интеграција во режимот на бесплатен роаминг во ЕУ, односно укинување на роаминг трошоците за земјите од Западен Балкан, вклучително и Македонија.
Со воведување на бесплатниот роаминг помеѓу корисниците од ЕУ и Западен Балкан ќе се олеснува комуникацијата и значително ќе се намалат телефонските сметки на милиони корисници.
„Уште од 2021 година ЛДП ја започна оваа иницијатива, за во 2025 година на состанокот на Советот на групацијата АЛДЕ во Хелсинки, биде усвоена резолуцијата на ЛДП за вклучување на земјите од Западен Балкан во европскиот режим Роаминг како дома (Roam Like At Home – RLAH)“, вели во изјава за медиумите членката на ЛДП, Тамара Гарческа.
Гарческа додава дека резолуцијата предвидува целосно интегрирање на Македонија и соседните држави најдоцна до 2030 година и тоа да биде исклучиво по мерит систем, односно вреднувано по постигнатиот реформски напредок.
„По интеграцијата на Украина и Молдавија во системот на бесплатен роаминг, повеќе нема простор за оправдувања зошто и земјите од Западен Балкан да не бидат вклучени. ЛДП отсекогаш била чекор пред времето со храбри и оригинални идеи како оваа, сме работеле исклучиво во интерес на граѓаните и горди сме што години заложби и лобирање на нашите иницијативи, денес се слушаат погласно и се на чекор до финално реализирање“, завршува Гарческа во својата изјава.
Македонија
По речиси една година од пожарот во „Пулс“, семејствата ќе ги добијат личните предмети на настраданите – телефони, обувки, накит
Одделението за внатрешни работи Кочани информира дека, во врска со трагичниот настан – пожарот во клубот „Пулс“ на 16 март, од денеска, 2 март 2026 година, почнува постапката за враќање на личните предмети пронајдени на местото на настанот.
Се известуваат сите повредени лица, блиски членови на семејствата на починатите, како и други лица кои биле присутни за време на настанот, дека во периодот од 2 до 6 март 2026 година, во времето од 09:00 до 18:00 часот, можат да се обратат во просториите на Одделението за внатрешни работи Кочани, на ул. „Тодосија Паунов“ бр. 12.
Целта на посетата е идентификација и враќање на личните предмети кои биле пронајдени при увидот и им припаѓаат на повредените и на починатите лица. Меѓу предметите што ќе се враќаат се: мобилни телефони, паричници, накит, часовници, ташни, облека и обувки.
Враќањето ќе се врши по претходна идентификација од страна на сопствениците или од блиски членови на семејствата на починатите, нагласуваат од ОВР Кочани.
Фото: ЕПА

