Македонија
Полицајците се унапредуваат без оглед на професионалните критериуми
Непочитувањето на прописите во сообраќајот, злоупотребата на дрога и животните скитници се главните три проблеми кои предизвикуваат загриженост кај граѓаните во однос на проблемите од јавната безбедност, покажува истражувањето за полициското работење во заедницата за 2010 година на ОБСЕ во соработка со министерството за внатрешни работи.
Се намалува процентот на граѓани кои се плашат и се загрижени од кражби, разбојништва, малолетничка деликвенција, семејно насилство и проституција.
МВР и ОБСЕ како проблем ја гледаат и професионализацијата на полицијата.
Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска како проблем кој го покажува ова истражување го гледа тоа што кај голем број од полициските службеници постои убедување дека истите се унапредуваат без оглед на професионалните критериуми иако кај граѓаните постои зголемување на чувството за безбедност.
„Навидум двата податоци може да делуваат контрадикторно, но кога ќе го спротивставиме мислењето на граѓаните за полициското работење и мислењето на полициските службеници за својата кариера, може да се изведе и заклучок дека биле направени вистинските ротации и биле поставени вистинските луѓе на вистинските места, без разлика на негодувањето на дел од службениците. Истото може да се толкува и како несогласување на полициските службеници со новопоставените барања и критериуми, како и напуштање на стариот начин на работа. Сепак тоа не смее да не амнестира од воспоставувањето на транспарентен систем на кариера во полицијата“ рече Јанкулоска.
Амбасадорот на ОБСЕ во Македонија, Хозе Луис Хереро смета дека има подобрување на јавното мислење на полицијата, но дека овој процес оди споро.
„Има подобрување на јавното мислење за полицијата, но тука има се уште простор за понатамошна работа. Трендовите се во висока правилна насока, но сепак, тоа оди споро. Секако не сите аспекти се позитивни. Има некои проблеми кои се загрижувачки, главно за тоа како напредува професионализацијата на полицијата, процесот на регрутирање, процесот на промовирање, напредување“ рече Хереро.
Истражувањето покажува дека скоро половина од граѓаните и полициските службеници сметаат дека полицијата се однесува фер со луѓето, полицијата еднакво се однесува кон сите етнички групи и дека полицијата се однесува со почит кон сите граѓани.
Околу 38 проценти, наспроти 61 процент сметаат дека полицијата еднакво се однесува кон сите граѓани.
Половина од граѓаните се чувствуваат сигурни кога на полицијата и јавуваат за криминални случувања, голем процент на граѓаните сметаат дека полицајците обрнуваат внимание на проблемите на луѓето и дека полицијата може да даде доволно поддршка кога треба.
Речиси половина од граѓаните сметаат дека полицајците се професионални и стручни во извршувањето на нивните задачи и во нивниот изглед и однесување.
Резултатите од истражувањето во однос на 2008 година покажуваат напредок. За потребите на истражувањето анкетирани се 2.600 граѓани и 500 полициски службеници, а го спроведе агенцијата „Рејтинг“. /крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Наредена ексхумација на уште една жена, можна жртва на 25- годишникот од Малотино осомничен за сериски убиства
Во наредните денови ќе биде направена уште една ексхумација на жена за која постојат сомневања дека е жртва на 25-годишниот овчар Трајко Бојковски од селото малотино, Старо Нагоричане, осомничен дека е серириски убиец. Обвинителството ја прошири истрагата за уште едно кривично дело – убиство, за кое е предвидена казна доживотен затвор, извести денес обвинителот Љубомир Лапе.
Обвинителството веќе обезбеди докази за две убиства и еден обид за убиство со ДНК анализи кои посочуваат кон 25-годишникот, кој е во притвор. Сите жртви се од истиот регион и според Обвинителството, нема докази за сексуално насилство. Дадени се наредби за психијатриско вештачење на осомничениот и сè уште не е утврден мотивот за убиствата.
За расчистување на случајот дадени се наредби на МВР да ги извади сите можни пријави, поплаки, телефонски јавувања, очевидци за настаните поврзани со осомничениот кој од СВР Куманово веќе има кривична пријава за две тешки кражби.
Кумановската обвинителка Теута Рамдани потсети дека истрагата за Бојковски почна по пријава од 83- годишна жена која успеала да преживее напад од осомничениот.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Во минатото, географијата ги одредуваше можностите, а денес знаењето и храброста ги надминуваат границите
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на отворањето на 24-часовната виртуелна конференција на Women in Tech, глобална организација насочена кон поттикнување на инклузија, разновидност и еднаквост на жените во STEM професиите (наука, технологија, инженерство и математика).
Во обраќањето, Сиљановска-Давкова ја опиша конференцијата како „невидлива линија што го поврзува светот од една временска зона до друга, од еден континент до друг“, нагласувајќи дека ако некогаш географијата ги одредувала можностите, денес знаењето и храброста ги надминуваат границите.
Според неа, жените повеќе не се исклучок во технолошките процеси, туку нивни креаторки: истражувачки умови, основачки на стартапи, инженерки и визионерки, кои ја градат инфраструктурата на иднината.
Таа потсети дека секој напредок е плод на споделено знаење и солидарност и дека кога една жена успева, отвора простор за другите, а кога создава, ги проширува нивните хоризонти.
Обраќајќи им се на младите девојки, претседателката порача дека „иднината не е однапред напишан код“, туку се гради со љубопитност, креативност и визија.
На крајот, таа укажа дека технологијата мора да биде водена од етика, емоционална интелигенција и човечко достоинство, додавајќи дека вистинскиот напредок се мери не само со иновации, туку и со вредности.
Конференцијата, во траење од 24 часа, се одржа во текот на вчерашниот ден, поврзувајќи илјадници жени од различни континенти, кои преку знаење, искуство и солидарност испишуваат заедничка женска глобална приказна.
Македонија
Македонско-француското партнерство и ЕУ-перспективата во фокус на средбата Карапејовски – Ле Риголер
Координаторот на пратеничката група на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Бобан Карапејовски, оствари средба со амбасадорот на Француската Република, Кристоф ле Риголер и првиот советник Филип Маршето.
Амбасадорот Ле Риголер и советникот Маршето со Карапејовски разговараа за долгогодишното македонско-француско пријателство и соработка, особено на планот на културата.
Карапејовски го истакна придонесот на македонските образовни институции во промоцијата на францускиот јазик и култура и му се заблагодари на амбасадорот за поддршката што ја дава Франција во различните области на меѓудржавната соработка. Тој ги истакна приоритетите на ЗНАМ во Собранието, програмските заложби и специфичната функција на партијата и на пратеничката група како дел од владејачкото мнозинство, каде што функционира и како коректив на власта.
Во врска со евроинтеграциите, беше реафирмирана поддршката на Франција на патот на Македонија кон Европската Унија. Координаторот на ПГ на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија го истакна ставот на пратеничката група и силната заложба за исполнување на обврските од реформската агенда во процесот, како клучен чекор во пристапувањето.

