Македонија
Опозицијата симболично со метли побара разрешување на Канческа-Милевска
Пратениците од опозицијата денеска со метли во рацете побараа разрешување на министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска заради, како што велат, неодговорно и расипничко владеење и нечесно и скандалозно однесување
„Нема никаков политички и морален кредибилитет да ја извршува својата функција и затоа треба да се разреши. Го претвори Министерството за култура во царство на расипништво и криминал, во министерство за перење на пари“, рече пратеникот Игор Ивановски од СДСМ, кој ја образложи интерпелацијата поднесена од пратеничката група на неговата партија.Тој потсети на аферата „Патриотска метла“, случај кој беше отворен минатиот месец и посочи дека исчезнување и уништување тендерска документација е прв скандал од овој тип во земјава.„Тоа е мега афера за перење пари зашто смислено биле поништени тендери за јавни набавки за да се прават непосредни договори“, обвини Ивановски.Според него, станува збор за криминално однесување кое предизвикува и финансиски импликации, за што, како што рече, говори и фактот дека е уништена дел од тендерската документација и за седум важечки тендери. „Во Министерството за култура свесно е уништена дел од тендерската документација за милионските тендери од „Скопје 2014“. Мотив за тоа е злоупотребата на огромните суми народни пари“, додаде Ивановски.Министерката Канческа-Милевска рече дека Ивановски клевети и ја манипулира јавноста „со груби невистини и лаги“ и дека неговите тврдења биле демантирани и од МВР.„МВР потврди дека нема никакви финансиски импликации од направениот пропуст, ниту, пак, е исчезната финансиска документација и финансиски договори со милионски суми, со кои господинот Ивановски бесправно ја манипулира македонската јавност за исчезната документација од 20 милиони евра. МВР ги потврди ставовите на Министерството за култура дека немало ниту налог, ниту решение за посочените документи да бидат уништени и ги демантираше клеветите на СДСМ за сомнителни намери“, рече министерката за култура.Таа додаде дека сите 14 предмети, не биле од времето додека таа е министер и оти не ги спровела тие постапки.Заблагодарувајќи и се на опозицијата за поднесената интерпелација, Милеска рече дека со тоа добива можност да даде отчет за досега сработеното и ги спореди инвестициите во културата од оваа Влада и во времето на СДСМ, набројувајќи ги проектите во сите сегменти и дејности на културата.„Културата за првпат зазеде важно место во една Влада. Тоа е во Владата на Никола Груевски, никогаш досега, додека вие бевте на власт, не обрнавте внимание на културата. Сега за првпат културата не е маргинализирана како што беше во времето на СДСМ“, рече Канчевска – Милеска.Собраниската расправа за интерпелацијата на министерката за култура е уште во тек и се очекува дека за истата ќе се гласа вечерва.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кисела Вода со прочистувачи ќе го чисти воздухот во градинките
Во градинките на територијата на општина Кисела Вода се поставуваат прочистувачи за воздух. Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, ја посети градинката „Синоличка“ при ЈДГ „Весели цветови“, една од градинките каде што веќе се поставени прочистувачи.
Како што соопшти Општина Кисела Вода, при посетата, таа разговарала со вработените за значењето на оваа мерка, која директно придонесува за подобрување на условите за престој, како и за заштита на здравјето и благосостојбата на најмладите.
Покрај во градинките, прочистувачи за воздух се поставени и во спортската сала во ООУ „Невена Георгиева Дуња“, како и во ПОУ „Кузман Јосифовски – Питу“.

-Оваа активност е дел од пошироката стратегија на Општина Кисела Вода за создавање почиста и поздравa животна средина, особено во објектите каде што секојдневно престојуваат деца и млади. Општина Кисела Вода и претходно презеде низа конкретни чекори во оваа насока, посочуваат од Општината.
Оттаму додаваат дека прочистувачи за воздух биле поставени во сите училници во сите основни училишта на територијата на општината, како и во поголемите паркови, со цел да се подобрат условите за престој и секојдневно функционирање на граѓаните.
-Грижата за здравјето на нашите најмлади е еден од нашите највисоки приоритети. Со поставувањето на пречистувачи за воздух во градинките, училиштата и спортските објекти, создаваме поздрави услови за престој и развој на децата. Ова е дел од стрстегијата на Општина Кисела Вода за почиста животна средина и за подобар квалитет на живот за сите наши сограѓани, заложба од која нема да отстапиме, изјави градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.
Македонија
Откажани и одложени повеќе летови на Меѓународниот аеродром Скопје
Маглата го отежнува авиосообраќајот на скопскиот аеродром, каде, според податоците од официјалната веб страница, има повеќе откажани и одложени летови.
На официјалната страна на Меѓународниот аеродром Скопје, од утринава откажани се летовите Истанбул, Измир, Венеција и Љубљана, како и повеќето полетувања.

Бидејќи временските услови се менуваат постојано, од ТАВ Македонија апелираат до сите патници да ги следат информациите и насоките за нивните летови кои ги добиваат од авиокомпанијата со која летаат.
Сите промени во редовниот распоред на летање се ажурираат во реално време на веб-страницата на Меѓународниот Аеродром Скопје https://skp.airports.com.mk/, а патниците може да се информираат за статусот на нивните летови и на пултот за информации кој работи 24/7 со персонал кој е присутен на аеродромот и на телефонскиот број 02 3148 333.
Поради густата магла која ја зафати скопската котлина, а која предизвика намалена видливост, на Меѓународниот Аеродром Скопје, вчера од 00:00 часот до 18 часот, како што информираа од ТАВ Македонија имло 16 откажани и 11 пренасочени летови, додека три авиони слетале и три авиони полетале после пладне, кога се подобриле временските услови.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ не се обновува, го рециклира моделот на Заев
ВМРО-ДПМНЕ остро реагира на последните кадровски решенија во СДСМ, оценувајќи дека наместо најавена обнова, партијата продолжува со, како што велат, рециклирање на стари кадри и политики од времето на Зоран Заев.
Според владејачката партија, изборот на Александар Наумоски и Драган Крајовски за членови на Извршниот одбор на СДСМ покажува дека станува збор за свесна одлука да се задржи истиот модел на функционирање, а не за вистинско кадровско освежување.
Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека Александар Наумоски, како поранешен градоначалник на општина Ѓорче Петров, зад себе оставил бројни нерешени проблеми, меѓу кои недостиг на вода, недоволен број места во градинките и депонија што со години претставувала сериозен проблем за граѓаните. Во исто време, како што се наведува, уште на почетокот на мандатот си ја зголемил градоначалничката плата и во последните шест месеци се обидел да протурка 25 урбанистички планови со брзина каква што, според партијата, не покажал кога станувало збор за јавниот интерес.
Во реакцијата се спомнуваат и наводни тендерски шеми поврзани со неговиот мандат, меѓу кои и набавка на две машини за перење за градинка по цена од 25.500 евра, од фирма која, според ВМРО-ДПМНЕ, редовно добивала јавни набавки.
За Драган Крајовски, кој претходно беше директор на затворот „Црн мост“ во Битола, од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека неговото раководење било обележано со молк за сериозни инциденти и неправилности. Како примери се посочуваат пожар во ќелија во кој бил повреден затвореник, користење европски средства за реновирање на објект што почнал да се распаѓа по две години, како и наводна злоупотреба на службени возила за приватни патувања.
ВМРО-ДПМНЕ оценува дека лидерот на СДСМ, Венко Филипче, овие кадровски решенија ги претставува како „реформски капацитет“, со што, како што велат, се потценува јавноста и се испраќа порака дека партијата нема намера да се дистанцира од влијанието на поранешното раководство.
„Изборот на овие старо-нови лица е јасен доказ дека во СДСМ ништо суштински не е променето“, се вели во соопштението.

