Македонија
Груевски: Напредокот е потребен за граѓаните а тој ќе не доведе во ЕУ и НАТО
Оваа историска неправда нема да биде вечна, важно е неуморно да го продолжиме патот кон напредокот“, рече премиерот Никола Груевски нагласувајќи дека членството во ЕУ и НАТО ќе дојдат сами посебе ако земјата се модернизира, реформира, а животот стане поквалитетен за сите граѓани.„Македонија денес е завртена кон својата иднина. Газиме по трновит но по вистински пат. Работиме да направиме што повеќе за нашите граѓани да живеат онака како што живеат граѓаните на повеќе развиени европски држави. Работиме со силна динамика, пред се за нас самите, за Македонија, а натаму и да ја одведеме државата онаму каде што и е местото во Европската унија и во НАТО“, рече премиерот Никола Груевски. Тој вечерва како претседател на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ се обрати пред присутните на конференцијата по Унијата на жените на ВМРО-ДПМНЕ.Груевски во своето обраќање натаму изрази жалење што и покрај напорната работа на владата, која што се гледа низ модернизацијата, реформите и напредокот, како што рече, не и’ се овозможува она што реално го заслужила со постигнатото. „Ни се поставува пречка која реално се има испружено пред Македонија која не става на испит и исклучително некоректно задира онаму каде што не смее да се задира. Ние сме посветени на надминување на таа пречка, но при надминувањето на тој предизвик, ние не смееме, не можеме и не сакаме да му наштетиме на нашиот национален и на нашиот државен интерес. Ако со решавањето на еден проблем си создал нов тогаш ништо не си направил, ако со надминувањето на еден предизвик си решил проблем, тогаш си ја постигнал целта. Тоа е нашата цел“, нагласи Груевски.Тој посочи дека од македонската страна може да се очекува само позитивен пристап и огромни напори за решавање и надминување на сегашната состојба, која што, како што рече ја наметнува јужниот сосед. Груевски меѓу другото зборуваше и за тоа дека сегашните критичари за ова прашање немаат морално право за тоа, бидејќи биле самите во позиција да одлучуваат и да го решат спорот со името со Грција.„Тој кој имал шанса да го реши спорот и не го решил, денес нема морално право да го критикува оној кој вложува огромни напори да го направи тоа, особено не кога и не кажува како тој би го решил. Додека таа борба трае ние Македонците сме тука да предочиме дека Македонија постои, дека македонскиот јазик се говори, дека македонската култура се живее, дека македонскиот идентитет не е ничија закана туку богатство на овој балкански полуостров, исто како што е богатство и грчкиот, албанскиот, српскиот, бошњачкиот, црногорскиот, бугарскиот, хрватскиот и сите други идентитети“, рече премиерот Груевски.Обраќајќи се пред претставничките на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски потсети дека партијата и нејзините претставници во власта вложиле огромна енергија, и труд за, како што рече, да биде извлечена од дното во кое беше фрлена. крај/с.н
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЛДП: Техничката влада нема да ги нахрани граѓаните, време е за вистински реформи
Либерално-демократската партија (ЛДП) смета дека лидерска средба има смисла само доколку на неа се разговара за суштински реформи, а не за, како што велат, пазарски и ПР решенија. ЛДП е подготвена да учествува на лидерска средба, но не и доколку таа се сведе исклучиво на прашањето за укинување или задржување на техничката влада како изолирана и празна тема, без одговори на клучните прашања што директно го засегаат животот на граѓаните.
„Несериозно е политиката да се сведе на тоа: „ние сме за укинување“ или „ние сме против укинување“ на техничката влада. И што потоа? Ако се укине или ако не се укине ?! Дали ќе јадеме поевтино? Дали ќе дишеме почист воздух? Дали ќе добиеме повеќе неповратни средства од Европската Унија? Дали конечно ќе ја решиме корупцијата? Ако одговорот е не – тогаш темата сама по себе е празна. Зошто доцнат некои министерства со реализација на реформската агенда? До каде е пакетот системски реформи што треба да ја придвижи државата напред? На граѓаните им е преку глава од парцијални изјави и ад-хок решенија. Таквиот пристап покажува дека граѓаните не се точка на интерес, туку само алатка за медиумска доминација“, велат од ЛДП.
Додаваат и дека на Македонија не ѝ се потребни 120, туку 90 пратеници. На Македонија не ѝ се потребни 25, туку 15 функционални министерства. На Македонија не ѝ се потребни купишта членови на управни и надзорни одбори, ниту армија заменици директори. На Македонија ѝ се потребни повеќе пари во џебот на граѓаните.
Според партијата, на Македонија не ѝ е потребна техничка влада, туку ефикасен, рационален и деполитизиран систем – една изборна единица, отворени листи и можност граѓаните сами да одлучат кој ќе ги претставува.
Македонија
Фондот за здравство и ПМФ склучија договор за молекуларно-дијагностички анализи
Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) склучи договор со Природно-математичкиот факултет (ПМФ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје за вршење молекуларно-дијагностички анализи.
Договорот го потпишаа генералниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, и деканот на Природно-математичкиот факултет, Даворин Трпески.
Лабораторијата за молекуларна биологија и геномика при ПМФ е една од најмодерните лаборатории во земјата. Таа располага со напредна опрема за молекуларно-дијагностички анализи, вклучително и секвенционирање од новата генерација (NGS).
Првата цел во овој момент е проширување на мрежата и зголемување на капацитетот за онколошки анализи, односно за прецизно и брзо утврдување на генски мутации кои се клучни за избор на целна онколошка терапија. Најсовремената опрема и стручниот кадар со долгогодишно искуство ќе придонесат за поефикасно одговарање на зголемената потреба од онколошки анализи во здравствениот систем и ќе претставуваат значајна поддршка на постоечките капацитети.
Втората цел, како образовна и научна установа од областа на молекуларната биологија и генетиката, ПМФ со овој договор ќе им овозможи на студентите и вработените поголеми можности за практична примена на стекнатите знаења.
Со овој договор се проширува националната мрежа за молекуларно-дијагностички услуги, што претставува значаен чекор напред за здравствениот систем во земјата.
Во моментов, Фондот има договори за NGS-анализи со следните установи:
· Македонска академија на науките и уметностите (МАНУ) – претежно за ретки и наследни болести,
· Медицински факултет – Институт за патологија – претежно за онкологија,
· Медицински факултет – Институт за имунологија – претежно за имунодефициенции и трансплантации,
· Медицински факултет – Институт за судска медицина – претежно за форензика,
· Фармацевтски факултет – претежно за хематологија и онкологија,
· Институт за јавно здравје – претежно за вирусологија.
NGS-анализи извршуваат и приватни лаборатории, како и Ветеринарниот факултет.
Бројот на услуги во 2025 година (проекција) е зголемен за околу 22 % во однос на 2023 година, додека буџетот е зголемен за над 40 %, што овозможува поцелосни и посложени генетски истражувања.
Се унапредува дијагностиката за рак, со цел поголема успешност во лекувањето.
Овој договор претставува почеток на поширока соработка. Со ПМФ се разговара за воведување нови услуги, вклучително и генетска дијагностика пред имплантација (PGD) кај бременост со биомедицински потпомогнато оплодување (БПО). Станува збор за анализа на неколку клетки од ембрионот уште пред негово внесување во матката, со цел избор на ембриони без патолошки мутации. Со тоа значително се намалува ризикот од појава на одредени вродени заболувања и се зголемува шансата за успешна бременост.
Фото: Pixabay
Македонија
Снег и заладување низ земјава, од следната седмица утрински температури под -10
Утре претпладне ќе има повремени врнежи од дожд и снег во пониските и снег на повисоките места и на планините. Ќе дува умерен до засилен јужен ветер (над 60км/ч.). Поради спуштање на постудена воздушна маса од север, попладне и во текот на ноќта врнежите насекаде ќе бидат само од снег.
Пообилни врнежи ќе има во западните делови, при што висината на снежната покривка на планините ќе се зголеми за 20, а во останатите места од 5 до 10 сантиметри. Локални врнежи од снег ќе има и во недела, кога ќе дува засилен северен ветер, кој ќе продолжи да дува и во понеделник. Од почетокот на следната седмица наместа утринските температури ќе се спуштат и под -10 степени, а дневните ќе се задржат под нулата.
Во Скопје, утре претпладне ќе има повремени врнежи од дожд и снег, кои попладне и во текот на ноќта ќе бидат само од снег. Локални врнежи од снег ќе има и во недела, кога ќе дува засилен северен ветер.

