Македонија
Митриновски дал оставка поради здравствени причини?
Претседателот на Апелацискиот суд, Јордан Митриновски поднел оставка поради здравствени причини
. Претседателот на Републичкиот судски совет, Васил Грчев денеска официјално потврди дека до судскиот совет имало поднесено барања за оставка од функцијата судија и од функцијата претседател, не споменувајќи за кои судии се работи. Во оставката судијата кој поднел оставка од претседателската функција било наведено дека ја поднесува поради здравствени причини. „Во оставките не е наведено, само во едната оставка стои дека е од здравствени причини“ рече Грчев и дополни дека тоа било наведено во оставката на судијата кој се откажува од претседателската функција. Митриновски кој уште во петокот поднел оставка денеска не одговара на повиците на новинарите за да објасни зошто се решил на ваков чекор и дали врз него бил вршен некаков притисок. Грчев вели дека од страна на Судскиот совет не бил вршен никаков притисок врз Митриновски. „Од моја страна не е вршен никаков притисок, а се сомневам дека и од некој член на судскиот совет“ рече Грчев. Сепак во четврток во 10 часот на седница Судскиот совет, ќе расправа за барањето кое што е поднесено за утврдување на одговорноста на Митриновски, за случајот со Бајруш Сејдиу. Седницата ќе биде затворена за јавност, освен во случај ако самите судии не сакаат да биде јавна. „Беспредметно ќе биде барањето само за судијата кој побарал да биде разрешен од функцијата судија, а за претседателот со оглед на тоа што има поднесено барање за утврдување на одговорност за вршење на судска функција останува и за тоа судскиот совет да расправа на седницата која е закажана за в четврток“ вели Грчев. На прашањето до кога судскиот совет ќе ја толерира практиката на среде почната постапка за утврдување на одговорност, да ја прекинат постапката бидејќи судиите поднесуваат оставка, Грчев вели дека во одлуката за прифаќање на оставката ќе биде наведено дека против тој судија веќе претходно е поведена постапка. „Согласно стариот закон, пред да се измени законот, немаше одредба која укажуваше на тоа до која фаза може судија да си поднесе оставка по сопствено барање, имајќи во предвид дека веќе претходно е покрената постапка. Сега со измените на законот за судски совет предвидено е дека судскиот совет ќе расправа по поднесената оставка, со тоа што ќе ја прифати оставката меѓутоа во одлуката со која констатира престанок на вршење на функцијата ќе констатира и дека била претходно веќе поведена постапка. Значи ќе стои укажување во самата одлука дека е поведена постапка против одреден судија за утврдување на негова одговорност“ објаснува Грчев.Во четврток судскиот совет треба да постави и нов претседател на Апелацискиот суд, кој ќе биде вршител на должност. Вршителот на должност се поставува од судиите кои што работат во судот. Кандидатите се бираат од судиите во судот кои што добиле највисока оценка со оценувањето направено во 2008 година.И покрај турбуленциите што се случија во Апелација, двајца судии беа разрешени, а други двајца си дадоа оставка, Грчев, Апелација ја смета за добар суд и цели дека повеќето од судиите имаат добри оценки.„Судскиот совет не е место за компромиси, не е место за договори, судскиот совет ќе постапува согласно законот, односно во конкретниот случај барањето кое е поднесено до овластен подносител за утврдување на одговорност на судија“ вели Грчев.Претседателот на Апелацискиот суд, Јордан Митриновски и судијата Исмаил Лимани во петокот си поднеле оставка, Митриновски од функцијата претседател, а Лимани од функцијата судија.Двајцата му го заменија притворот на Бајруш Сејдиу со куќен притвор кој кумановскиот бос го гарантираше со 1,4 милиони евра.По одлуката на Апелација за замена на притворот на Бајруш, Врховен ја преиначи оваа одлука и не му дозволи на Бајруш да оди во куќен притвор, а поведе и постапка за нестручно и несовесно работење за Митриновски и Лимани.По неколкудневните обвинувања на Митриновски дека одлуката на Врховен е незаконска, тој се премисли и рече дека Апелација ќе ја почитува одлуката на Врховен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Густата магла и лизгавиот пат ѝ помогнале на полицијата да го спаси Кајмакоски, тврди извор за српските медиуми
Густата магла и лизгавиот коловоз, по сè изгледа, одиграле клучна улога во спасувањето на Даниел Кајмакоски.
Како што вели извор на Курир.рс, можно е киднаперите, поради намалената видливост, да се дезориентирале и на кружниот тек кај Рума пропуштиле да скршнат во планираниот правец, па продолжиле право и изгубиле контрола над возилото, кое излетало од патот и удрило во банкина.
„Токму тој тек на околности доведе до прекин на нивната намера. Интересно е што киднаперите, заедно со жртвата во автомобилот, успеале да поминат две наплатни рампи – во Шимановци и во Рума. Но ударот во заштитната ограда го запрел нивното бегство. Откако го оштетиле автомобилот, двајцата осомничени, за кои се верува дека се турски државјани, продолжиле да бегаат пеш. Истрагата продолжува, а надлежните ги испитуваат сите околности, вклучително и движењето на осомничените пред инцидентот“, изјавил изворот.
Според досегашните информации двајца странци во ноќта меѓу сабота и недела го пресретнале Даниел Кајмакоски по негов настап во локал во Белградската Бетон хала. Со закана со нож и пиштол му наредиле да влезе во својот бел „волво“, каде што го врзале. Киднаперите од пејачот барале 20.000 евра.
„Прво се обидела да ги запре патрола на сообраќајна полиција во Белград, но откако возачот на ‘волвото’ не застанал, туку дал гас, се активирале алармите. Наскоро некој од блиските на пејачот ја повикал полицијата и пријавил дека ‘исчезнал’. Во потрагата, покрај сообраќајната полиција, се вклучиле и други полициски единици. Белото ‘волво’ било пронајдено на автопатот кај исклучокот за Рума, каде што имало сообраќајна незгода, односно удрило во банкина“, додава изворот.
Полицијата во возилото го пронашла пејачот, кој бил во шок. Киднаперите сè уште се во бегство, а потрагата продолжува.
Македонија
Војници во влага, на перници стари со децении, со прибор стар 20 години и руинирани тоалети – синдикатот алармира по појавата на шуга во велешката касарна
Независниот синдикат на професионални војници, реагира поради појавата на шуга кај новопримените професионални војници во касарната „Алексо Демниевски – Бауман“ во Велес, обвинувајќи за катастрофални услови за живот и работа во касарните низ државата.
Оттука посочија дека случајот во Велес е само еден од ретките кои добиле медиумска покриеност, иако слични инциденти се случувале и порано, но останувале тајни.
„Професионалните војници имаат најлоши услови за работа, од нечиста постелнина, неисперена со години, од перници стари по 15-20 години, исто така и за кебињата и чаршавите со години стари и необновени. Просториите каде што спијат војниците се најчесто со влага , со многу инсекти по просториите, храната се дава во нехигиенски услови со прибори стари над 20 години и нејзиниот квалитет е на најслабо ниво, храната е еднолична и недоволна, санитарните јазли се нереновирани и руинирани повеќе од 15-20 години. Професионалните војници многу често работат во услови кога немаат струја во објектите за да се загрејат и техничка вода за да се одржава личната хигиената и хигиената на објектите, ваквите состојби траат со години“, се наведува во соопштението на сидникатот.
Александар Насковски, претседател на синдикатот потенцира дека военото раководство и сите министри за одбрана досега не покажале грижа за војниците, и покрај долгогодишните апели. Според него, се реновираат само просториите на офицерите, а не и објектите каде што живеат и престојуваат 24/7 професионалните војници.
„Со зголемениот буџет согласно барањата на НАТО, треба приоритет да бидат условите за работа и човечкиот фактор, а не само набавки на оружје. Залудно е да се инвестира во опрема ако нема кој да ја користи“, се наведува во соопштението.
Синдикатот го обвинува министерот за одбрана Владо Мисајловски за игнорантски однос, отсуство на социјален дијалог и непочитување на основните човекови права на припадниците на Армијата.
Меѓу причините за растечкото незадоволство ги посочуваат: немање покачување на плати три години поради правни измени, дискриминација и мобинг и масовен одлив на војници.
Синдикатот најавува дека во наредниот период ќе продолжи јавно да информира за состојбите во Армијата низ целата држава.
АРМ и Министерството за одбрана претходно информираа дека двајца професионални војници од велешката касарна се зарезени со шуга. Заразените се дел од 296-темина нови професионални војници кои на 16 јануари положија заклетва.
Од страна на стручните лица на АРМ и Воено-медицинскиот центар (ВМЦ) биле преземени мерки согласно здравствените протоколи за спречување на евентуално ширење на заболувањето. Во касарната бил направен епидемиолошки надзор од страна на ВМЦ и се постапувало согласно препораките на стручните лица.
Македонија
Српската полиција се огласи по киднапирањето на Даниел Кајмакоски: Се трага по двајца осомничени
Министерството за внатрешни работи на Србија соопшти дека полицијата трага по две лица осомничени за киднапирање на македонскиот пејач Даниел Кајмакоски, нагласувајќи дека пејачот, кој бил пронајден со врзани раце, е згрижен.
Како што е наведено, по полициска потера, возилото во кое се наоѓале двете непознати лица, било запрено на територијата на општина Рума. Киднапираниот бил затекнат во возилото со врзани раце, додека киднаперите успеале да го напуштат возилото и да побегнат во непознат правец.
Двајцата претходно со нож и огнено оружје го киднапирале Кајмакоски.
Српското МВР потенцира и дека киднапирањето се случило во утринските часови во Белград и дека киднаперите барале пари од пејачот.

