Македонија
Општина Карпош го кочи проектот за изградба на станови, вели Коњановски

Министерот за одбрана, Зоран Коњановски, денеска до Општина Карпош упати апел за побрзо донесување на Деталниот урбанистички план, со кој ќе се овозможи реализација на проектот „АРМ – Мој вистински дом“ на територијата на ова скопска општина.„Кога требаше да се донесе деталниот урбанистички план, на голема жалост видовме дека тој проект се кочи од општината Карпош и од самиот градоначалник. Неколкупати разговарав со градоначалникот. Ми беше ветено дека нема да има такво кочење, напротив дека колку што е можно побрзо ќе се донесе ДУП-от, дури ми беше кажано и дека ќе бидеме ослободени од комуналиите, но за жал во стварност и во пракса гледаме едно сосема поинакво однесување на градоначалникот на Општина Карпош“, вели Коњановски.Со проектот, предвидено е дел од становите за припадниците на армијата да се изградат на локацијата на касарната „Илинден“. /крај/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче до Мицкоски: Најлошото допрва доаѓа

Во рамки на теренските активности, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, беше во Кавадарци каде што оствари средби со граѓани и со членови на СДСМ. Од таму Филипче зборуваше за првата година на ВМРО-ДПМНЕ, предупредувајќи дека државата тоне, додека владините функционери се кријат зад празни зборови и лажни успеси.
„Откако сфатија дека незадоволството расте и граѓаните се чувствуваат измамени, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека најдоброто допрва ќе дојдело. По четири години локална власт и една централна, ВМРО-ДПМНЕ порачува: не гледајте што правевме досега, туку гледајте кон иднината“, рече Филипче пред присутните.
Тој реагираше на, како што истакна, обидите на власта да го релативизира сопствениот неуспех.
„Но јас имам една порака до Мицкоски – денот по утрото се познава. А утрото кое требаше да донесе надеж, гордост и перспектива, донесе само понижувања, негрижа, ароганција и своеволие. Додека Мицкоски држи прес-конференции за „успеси“ што никој не ги видел, земјоделците се оставени без денар поддршка, економијата е заглавена во место, со негативен раст. Нема поврат на ДДВ за фирмите, нема раст на платите. Нема реформи во судството. Нема мерки за цените. Има само долгови – 7 милијарди евра нов долг за една година. Има и галопирачка инфлација, во време кога властите нè убедуваат дека сме економски „тигар““, додаде Филипче, потенцирајќи ја апсурдноста на владините наративи во споредба со реалноста.
Во завршницата на своето обраќање, тој ја истакна директната реакција на граѓаните од теренот.
„Манипулациите не поминуваат кај граѓаните – денес тоа јасно го почувствував во Кавадарци. Сите се свесни дека не може ништо добро да се очекува од оваа власт. Напротив, како што тргнале состојбите, најлошото допрва доаѓа“, рече Филипче.
Завршувајќи го обраќањето, тој ја пренесе пораката на СДСМ:
„СДСМ останува таму каде што власта одамна не е – меѓу народот. Битката што следи не е само изборна – таа е борба за нормалност“, заклучи Филипче во Кавадарци.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Дали советниците на Филипче добиваат инструкции за тепање?

Филипче и понатаму собира политички поени и неговото молчење е се погласно, што веќе сигнализра одобрување. Очигледно е дека во мрежата на СДС, чуварот на фотелјата, Филипче го премолчува, толерира, па дури и го наградува насилството, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Акиов беше клиентелист на Заев и дали поради тоа се чувствува сигурно и не презема одговорност? Акиов за сите нормални луѓе е насилник, меѓутоа за Филипче тој е човек од доверба, и човек кој тепа во име на политички интерес, а притоа не се срами бидејќи знае дека неговиот ментор молчи, и затоа ни Филипче бар оставка, ни Акиов поднесува. Дали советниците на Филипче добиваат инструкции за тепање, и дали во СДС има место само за лојални, па дури по цена и ако се насилници? Филипче се обидува да воспостави контрола на локален терен, и тоа избира да го прави преку насилство“, велат од партијата.
ВМРО-ДПМНЕ прашува уште колку вакви насилници, уште колку Акиовци се кријат низ советите и општините, уште колку тепачи има во мрежата на Заев и Филипче?
„Дали СДС ги резервира советничките места за послушници кои се подготвени на се, па дури и на физичка пресметка? Аки Акиов, член на Советот во општина Кочани од редовите на СДС, е разоткриен. Време е граѓаните да знаат уште колку вакви тепачи има, и кои од нив се спремни да тепаат по партиска наредба. ,Дали истите се шетаат по општините со чувство дека се над законот? Никој не е над законот. Секој кој го прекршил треба да одговара“, велат од партијата.
Македонија
Не излегувајте ако немате потреба: сончево и многу топло време

Времето денеска ќе биде многу топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, информира УХРМ.
Максималната температура ќе биде во интервал од 31 до 39 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло со слаб ветер од северен правец. Максималната температура ќе достигне до 39 степени.
Министерството за здравство вчера информира дека се активира фаза 3, кога се очекуваат вонредно високи температури, кои го загрозуваат здравјето на населението, особено на најранливите групи.
Граѓаните потребно е најтоплиот дел од денот да го поминуваат во затворени, разладени простории, да консумираат доволно течности и да избегнуваат алкохол. Посебно да бидат внимателни хронично болните, лица постари од 60 години, бремените жени и помалите деца.
Министерството апелира до сите институции, работодавачи и граѓани да постапуваат одговорно и согласно следните мерки:
-Активирање на планови за вонредни услови – сите здравствени установи, установи за згрижување стари лица и образовни институции да постапат согласно интерните протоколи за кризна состојба.
-Да се реорганизираат работните процеси за вработените изложени на директна топлина и да се разгледа можноста за:
-Одложување на работниот процес во критичните часови (11:00–17:00) за работници изложени на директна топлина;
-Работа од далечина, флексибилно или двократно работно време каде што е изводливо;
-Работодавачите да обезбедат микроклиматски услови за работа согласно акцискиот план: простории со температура до 25°C, освен таму каде што природата на работниот процес налага поинаку;
-Ослободување од работни обврски за бремени жени и лица постари од 60 години, доколку работодавецот не е во можност да создаде соодветни микроклиматски услови за работа.
-Да се реорганизираат работните процеси за вработените изложени на директна топлина;
-Здравствените, образовните и социјалните установи да постапат согласно плановите за вонредни состојби, да го ротираат персоналот, и да обезбедат климатизирани простории за пациентите и вработените;
-Центрите за социјална работа, локалната самоуправа и Црвениот крст да ја интензивираат теренската поддршка за осамени, стари и бездомни лица;
-Образовните установи и градинките да избегнуваат активности на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот;
-Работодавачите да обезбедат соодветни услови за работа (температура до 25°C) и по можност да применат онлајн работа или флексибилно работно време;
-Да се обезбеди климатизиран јавен превоз за граѓаните во текот на целиот ден.
Министерството за здравство, заедно со сите надлежни институции, ќе продолжи со редовно информирање и спроведување на мерките, со цел заштита на здравјето на граѓаните.