Македонија
Тутунарите на протести и за празниците, Премиерот ги поддржа
Тутунарите од Прилепско и денеска излегоа на протест и го блокираа патниот правец Прилеп – Македонски Брод кај селото Дебреште, како и кај селото Тополчани на патот за Битола. Протестите ќе траат до 20 часот вечерва, а блокади најавуваат и за утре, за божикните празници.
По двете неупсешни средби со министерот за земјоделство, Љупчо Димовски денеска бараат средби со премиерот Никола Груевски и министерот за финансии Зоран Ставрески.
„Не сакаме да разговараме веќе со Министерството за земјоделство сега го повикуваме Премиерот и министерот за финансии да се реши проблемот“ вели Кире Неделкоски, Претседател на иницијативен одбор за штрајк.
Премиерот Никола Груевски пак денеска изрази поддршка за тутунопроизвосителите и ги повика откупувачите на тутун да не ја злоупотребуваат маката на тутунарите бидејќи ќе бидат соодветно казнети.
„Јас ја разбирам нивната мака и нивните напори и од тој аспект владата со инспекциските служби направи огромен број на прекршочни пријави и казни за откупувачите кои несоодветно се однесуваат со тутунопроизводителите. Тој тренд ќе продолжи и тутунопроизводителите треба да знаат дека оваа Влада независно, кој што политички конструира нема да ги остави тутунопроизводителите сами и секој оној кој што ќе се обидува да манипулира со тутунопроизводителите ќе се соочи со институционалните мерки на владата кои што веќе повеќе денови се преземаат“ рече Груевски.
Тој истакна дека само првиот ден биле наплатени 90 илјади евра казна од неколку откупувачи најави дека и во наредните денови тоа ќе продолжи со многу посилна динамика.
Ја повика опозицијата да не ја манипулира со тутунопроизводителите за да не ја влоши нивната ситуација и да не можат да ги земат ни субвенциите кои им ги доделува владата.
„Тие ги убедуваат да не го достават тутунот за откуп, а знаат дека согласно законот ако не се достави тутунот за поткуп , потоа не може да се исплати субвенција. Апелирам, до опозицијата нека прави какви сака проблеми, протести против владата, нека не обвинува, нека не плука, меѓутоа нека ги остави тутунопроизводителите, нека не им се меша оти ќе ги заглави во многу потешка состојба да дојдат отколку што е оваа ако навреме не го предадат тутунот“ рече Груевски и додаде дека за разлика од порана, сега на тутунарите им се исплаќаат историски највисоки субвенции, односно од 100 ,милиони евра кои се издвојуваат за земјоделците, 23 милиони евра се за тутунарите.
Тутунарите веќе неколку дена блокираат патишта и гранични премини низ земјава, незадоволни од откупната цена. Најавуваат дека нема да отстапат од блокадите се додека не се постигне ланската откупна цена на тутунот од 190 денари./крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.
Македонија
(Видео) Филипче: Врските на Стоиљковиќ со Москва и кинеските кредити се сериозен сигнал
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по обраќањето на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, оцени дека пораките упатени од највисоката адреса на Алијансата се јасни и недвосмислени и директно се однесуваат на актуелната влада. Филипче вели дека врските на вицепремиерот Иван Стоиљковиќ со структури блиски до Москва како и кинеските кредити претставуваат сериозен сигнал за загриженост.
„Фактот дека вториот човек во Владата има отворени контакти со лица и организации кои се во директна комуникација со Кремљ, во време кога Русија води агресија врз Украина, е нешто што не може да се игнорира“, нагласи Филипче.
Тој посочи и на финансиските аранжмани на Владата, потенцирајќи дека заемот од една милијарда евра преку Унгарија, за кој европските институции во свој извештај нотирале дека станува збор за средства со кинеско потекло, отвора сериозни прашања.
„Кога на тоа ќе се додадат и кинеските пари кои пристигнаа преку заемот од Унгарија, станува јасно дека станува збор за политики кои испраќаат погрешни сигнали во рамки на Алијансата. Нашиот одбранбен чадор знае точно какви политики води оваа влада и јасно укажува на нив“, истакна Филипче.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 17 степени
Утре претпладне времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди, информира УХМР.
Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.

