Македонија
Денеска се слави Божик
Православните верници денеска го чествуваат најголемиот христијански празник Рождеството Христово-Божик.
Во сите храмови на Македонската православна црква изутринава се одржуват божикни литургии.
Централното одбележување е во Соборниот храм ”Свети Климент Охридски“ во Скопје, каде што архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан ќе богослужи Златоустова литургија.
Илјадници верници утринава доаѓаат во светите храмови да запалат свеќа за Исусовото раѓање и да се помолат за здравје, мир и среќа.
Денеска завршува 40-дневниот пост што кулминираше со синоќешната посна трпеза за Бадник и со кршење на лепче со паричка. Денешниот ден е посветен на љубовта, надежта и семејството.
Поради ова, традиционално, празникот се прославува во домашна атмосфера, во кругот на семејството со богата трпеза.
Божик денеска го слават и православните верници во Србија, Црна Гора, Русија, Египет, Сирија.Божик е најрадосен христијански празник .
Бидејќи на тој ден, според христијанската вера се роди Божјиот Син, Исус Христос – Спасителот на светот, Божик е празникот на раѓањето на нов живот, празник на децата и на детството, родителството и создавањето во целина./крај/бд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пуштена за сообраќај клучката на автопатот Охрид-Кичево, кај селото Подмољје
СВР Охрид ја известува јавноста дека од денеска, во редовен сообраќај е пуштен сообраќајниот крак-клучката на автопатската делница Охрид-Кичево, кај селото Подмољје, општина Дебрца.
Со тоа, воспоставен е нормален сообраќај во правецот Охрид-Кичево-Скопје, Охрид-Струга , Струга-Кичево-Скопје и Струга-Охрид и истата е во редовна функција без дополнителни сообраќајни ограничувања.
„Апелираме до возачите на патнички и други моторни возила, при користење на овој сообраќаен крак како и на целата автопатска траса, да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи како и и другата поставена хоризонтална и вертикална сигнализација и со тоа, да придонесат за зачувување на сообраќајната безбедност“, велат од СВР Охрид.
Македонија
Делови од Карпош и Центар утре без вода
Делови од Карпош и Центар утре ќе останат без вода, извести ЈП Водовод и Канализација.
„Поради промена на вентил ф-2 на крстосницата ул.Октомвриска Револуција/ бул.Партизански Одреди , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од зграда 10,12 и 14 на ул.Октомвриска Револуција и дел од бул.Партизански Одреди (потегот од Никола Тесла до Октомвриска Револуција). Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот. Поради водоводен приклучок од ф 100мм на ул.Наум Наумовски Борче бр.63, со прекинато водоснабдување ќе бидат корисниците од ул.Наум Наумовски Борче бр.63. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување.(Центар)“, се наведува во соопштението.
Македонија
Михајлов: Со над 7 милиони евра финансирани се 148 проекти во рамки на „Еразмус +“
Националната агенција за европски образовни програми и мобилност денеска ги презентираше резултатите од спроведувањето на програмите на Европската унија „Еразмус +“ и „Европски солидарен корпус“ во 2025 година. Податоците покажуваат 95% искористеност на расположливиот буџет и успешна имплементација на бројни проекти за вмрежување на корисници од Македонија со партнери од други европски земји.
В.д. директорката на Националната агенција, Ана Михајлов, информираше годинава со над 7 милиони евра финансирани се 148 проекти со кои, пак, опфатени се 2079 корисници.
„Најголем дел од проектите се однесуваат на хоризонтални приоритети, нови методи на учење и работа, вештини и компетенции за дигитална писменост, инклузија и ментално здравје. Проектите се реализираа во соработка со партнери од земјите од регионот, но и од Франција, Белгија, Австрија, Португалија, Полска, Финска, Германија и други“, рече Михајлов.
Државниот секретар во Министерството за образование и наука, Елена Ивановска изрази благодарност до сите кои се заложија да изработат проекти за поддршка и развој на образованието, обуката, младите и спортот.
„Финансирани се квалитетни и корисни проекти и јас ги повикувам досегашните корисници да ги задржат интересот и заложбата на исто ниво и следната повторно да аплицираат за поддршка преку овие програми, кои се исклучително значајна компонента на севкупната национална стратегија за интеграција на македонскиот образовен систем во европскиот образовен простор“, рече Ивановска.
Информираше дека буџетот за следната година достапен преку овие две програми, ќе биде најголем досега и ќе изнесува над 8,17 милиони евра, односно за 430 илјади евра повеќе од 2025.
„Очекувам од Националната агенција да ги интензивира активностите за запознавање и на што повеќе нови, потенцијални корисници низ државата – ученици, студенти, наставно – научни работници, истражувачи, образовни институции, компании, граѓански здруженија, волонтери, младински работници и така натаму, а Министерството за образование и наука како национален авторитет за програмите, ќе помогне во тоа. Важно е да има промотивни теренски кампањи во соработка со локалните самоуправи, да има отворени инфо денови, конференции, медиумски кампањи и така натаму, бидејќи и Европската унија сосема разбирливо очекува висока транспарентност и голема инклузивност“, рече Ивановска.
На конференцијата позитивни практики од реализирани проекти презентираа Филозофскиот факултет во Скопје, средното медицинско училиште „Д-р Панче Караѓозов“ во Скопје, Карате федерацијата на Македонија, Сојузот за младинска работа, Здружение за развој на ромската заедница „Сумнал“ и други корисници на средства во рамки на програмите.

