Македонија
Почна изградбата на спортска сала во ОУ „11 Октомври“
Со удирање на камен темелник, денеска започна изградбата на спортска сала во ОУ „11 Октомври“ во општина Центар
На поставувањето на камен темелникот присуствуваше премиерот Никола Груевски кој истакна дека салата ќе биде од големо значење за општината, во која има најголема концентрација на млади луѓе.Во општината има седум основни училишта, а во две од нив „Гоце Делчев“ и „Кирил и Методиј “нема спортски сали.„Општина Центар во координација со Министерството за образование ги завршува подготвителните работи за оваа година да отпочне изградбата на спортска сала и во училиштето „Кирил и Методиј.“ Проблемот со училиштето „Гоце Делчев“ е во малата дворна површина, но општина Центар оваа година ќе изготви проект со димензии онакви какви што ќе можат да послужат за изградба и на толку мал простор“ – рече градоначалникот на Центар Владимир Тодоровиќ. Салата во ОУ „11 Октомври„ е дел од владиниот проект за изградба на 35 спортски сали преку Агенцијата за спорт и млади. Оваа сала е 28-ма по ред и ќе има капацитет од 500 седишта, опремена со најмодерна спортска опрема. ОУ „11 Октомври“ е изградено и пуштено во употреба пред 55 години, каде биле предвидени две спортски сали.Владиниот проект предвидува и изградба на уште 145 спортски сали преку Министерството за образование.„Овој проект оди полека во својот финиш. Она што го ветивме на граѓаните чекор по чекор се остварува. Се надевам дека во текот на оваа година ќе започне и изградбата на преостанатите седум спортски сали од овој проект. Оваа година ќе го завршиме отпочнувањето на сите спортски сали, дел од нив ќе завршат оваа година, дел од нив на почетокот на следната година“ – додаде Груевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Боки 13 ја вознемирувал Русковска, таа го пријави во полиција
Поранешната обвинителка Вилма Русковска поднела пријава до полицијата против Бојан Јовановски – Боки 13 за телефонско вознемирување.
Според пријавата, инцидентот се случил вечерта на 18 декември 2025 година, кога Јовановски, додека бил во живо вклучување на „Јутуб“, повеќепати телефонски ја контактирал Русковска, и покрај нејзиното одбивање на повиците.
Од снимката што циркулира на социјалните мрежи може да се види дека разговорот бил проследен со навредливи и вознемирувачки изјави од страна на Јовановски. Русковска во еден момент го предупредила дека доколку продолжи со повиците, ќе го пријави во полиција, по што повиците сепак продолжиле.
Од Министерството за внатрешни работи за медиумите ја потврдија пријавата и информираа дека работат на расчистување на случајот.
Македонија
Пратеникот Јанчев кој имаше сообраќајка во која загина тинејџер доби обвинение, свртел на место каде не смеел
Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против Сашко Јанчев, пратеник од партијата Левица, за кривично дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“, согласно член 300 став 4, во врска со член 297 став 3 и став 1 од Кривичниот законик.
Обвинението се однесува на тешката сообраќајна несреќа што се случи на 14 септември, по полноќ, во скопското село Марино, во која животот го загуби 16-годишниот Матеј Димовски, а неговата 13-годишна сопатничка беше тешко повредена.
Според Обвинителството, по спроведена истражна постапка, обезбедени се сите релевантни докази и извршени се соодветни вештачења со кои се утврдени причините за несреќата.
Обвинетиот управувал патничко возило „Хјундаи Тусон“, при што не се придржувал до сообраќајните прописи и со своето однесување го загрозил јавниот сообраќај и безбедноста на учесниците.
„Осомничениот непрописно свртел со возилото, без претходно да се увери дека маневарот може да го изврши без да ги загрози другите учесници во сообраќајот“, наведува Обвинителството.
Во тој момент, во возилото удрил мотоцикл марка „Јијинг“, без регистарски ознаки и без вградени светлосни уреди, со кој управувал починатиот 16-годишник. Според официјалните наводи, мотоциклистот немал возачка дозвола, а ниту тој ниту неговата сопатничка не носеле заштитни кациги.
Како последица на тешките повреди здобиени во сообраќајната несреќа, малолетниот возач на мотоциклот починал, додека девојчето кое било сопатник се здобило со тешки телесни повреди.
Македонија
Скопје руши рекорди по загаденост, утрово е втор град во Европа
Според светскиот сервис IqAir Скопје утрово е на 20 место во светот, а второ во Европа по загаден воздух.
Доколку се следат податоците од апликациите кои ја мерат загаденоста на воздухот, Скопје и утрово е град со многу висока загаденост. Според светскиот сервис IqAir Скопје утрово е на 20 место во светот, а второ во Европа по загаден воздух.
Најзагаден воздух утрово дишат жителите на населбата Илинден.
Министерството за животна средина алармираше дека е надминат прагот на алармирање. Загадувањето во Скопје е децениски проблем особено во зимскиот период и времетраењето на грејната сезона.

