Македонија
Средба Мулен-Стојановски: Продолжува армиската поддршка од САД
Македонија не запрела со армиските реформи, му порачал началникот на Генералштабот на АРМ на својот американски колега, јавува Гласот на Америка на македонски јазик. Македонија изразила благодарност за американската поддршка на сите полиња, а пред се` на армиското. На получасовната средба во Пентагон со началникот на Здружениот штаб на вооружените сили на САД, адмиралот Мајкл Мулен, началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-потполковникот Мирослав Стојановски нагласил дека има унапредување на воената соработка во регионот преку разни форми на конференции и средби, соопшти аташето за одбрана на Република Македонија во САД полковникот Јорданчо Миладиновски за Гласот на Америка на македонски.Стојановски му порачал на Мулен дека Македонија не запрела со армиските реформи и дека продолжува трансформацијата на АРМ во мала и компактна армија која ќе одговори на предизвиците од 21-от век. Миладиновски вели и дека Стојановски на домаќинот Мулен му пренел дека стратегијата за одбрана на Република Македонија на среднорочен рок е веќе потпишана од претседателот Иванов во ноември 2010-та.Стојановски потенцирал дека за Македонија како приоритетно прашање останува проблемот со името на политички план, дека тоа е чувствителен проблем што задира во идентитетот на македонски народ, потоа дека земјата ја чувствува економската криза и дека таа има одредено влијание врз структурите на одбраната. Според аташето за одбрана на Република Македонија во САД, Мулен изразил разбирање за проблемот со името, ја повторил досегашната поддршка од САД и повторил дека очекува членство во НАТО – и тоа набрзо. Мулен пренесол порака дека и врховниот командант на силите на НАТО во Европа Џејмс Ставридис изразил целосна поддршка за членството на Македонија во Алијансата.Мулен се интересирал и каков би бил степенот на армиска подготвеност, со цел Македонија рамноправно да ги преземе сите одговорности кои следуваат со членството во НАТО. Стојановски го уверил дека постојано се врши проценка на декларираните македонски единици за НАТО и оти нивната подготвеност е на највисоко ниво, информира Миладиновски.На средбата била поздравена добрата соработката на АРМ со армијата на Вермонт. Стојановски искажал благодарност за можноста Македонија да учествува во мировната мисија во Авганистан, од каде армијата црпела искуство за идно учество во сојузнички акции. Во моментот има 10-тина македонски офицери на обука во САД и таа ќе продолжи и во иднина, информираше аташето Миладиновски, кој вели дека на средбата во Вашингтон се разговарало и за воена вежба во 2012-та на армискиот полигон во Криволак, под покровителство на Националната гарда на САД, а во која би се вклучени и други земји од регионот. Началникот на Генералштабот на АРМ, кој се наоѓа во неколкудневна посета на САД, претходно престојуваше во Канзас, каде го посети Центарот за обука и симулации на американската армија. /крај/voa/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.
Македонија
(Видео) Филипче: Врските на Стоиљковиќ со Москва и кинеските кредити се сериозен сигнал
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по обраќањето на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, оцени дека пораките упатени од највисоката адреса на Алијансата се јасни и недвосмислени и директно се однесуваат на актуелната влада. Филипче вели дека врските на вицепремиерот Иван Стоиљковиќ со структури блиски до Москва како и кинеските кредити претставуваат сериозен сигнал за загриженост.
„Фактот дека вториот човек во Владата има отворени контакти со лица и организации кои се во директна комуникација со Кремљ, во време кога Русија води агресија врз Украина, е нешто што не може да се игнорира“, нагласи Филипче.
Тој посочи и на финансиските аранжмани на Владата, потенцирајќи дека заемот од една милијарда евра преку Унгарија, за кој европските институции во свој извештај нотирале дека станува збор за средства со кинеско потекло, отвора сериозни прашања.
„Кога на тоа ќе се додадат и кинеските пари кои пристигнаа преку заемот од Унгарија, станува јасно дека станува збор за политики кои испраќаат погрешни сигнали во рамки на Алијансата. Нашиот одбранбен чадор знае точно какви политики води оваа влада и јасно укажува на нив“, истакна Филипче.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 17 степени
Утре претпладне времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди, информира УХМР.
Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.

