Македонија
Волци на Тумбе кафе
Битолчани се преплашени од информацијата дека глутница волци е забележана во близина на градот, кај Тумбе кафе, кај Лавци и Буково. Повеќемина граѓани коишто ги забележале волците во близина на населените места, веднаш пријавиле во здружението на ловџии „Сокол“ од Битола.„Во попладневните часови во понеделникот, меѓу 13 и 14 часот организиравме хајка и наидовме на осум волци од кое еден беше ранет, а еден застрелан“, рече Ѓорѓи Бучуковски од битолското Здружение на ловџии „Сокол“.Според Бучуковски, периодот на парење и потрагата по храна ги натерало овие диви животни да слезат од планинските области во населените места„Последниве години, односно од пред две години беше забранет волкот за отстрел, а од 2010 г. повторно е дозволен отстрел бидејќи во изминатиот период нивниот број е драстично зголемен“, вели Бучуковски.Кај Тумбе кафе, каде што битолчани често пешачат, се наоѓа и Зоолошката градина, од каде велат дека се информирани за движењето на глутница волци во близина на зоолошката.„Што се однесува до Зоолошката градина, се надеваме дека во текот на наредните години ќе се подигне соодветна ограда, за да не ни се случи како пред неколку години кога чопор волци нанесе голема штета“, рече директорот на битолската Зоолошка градина, Коста Нешовски.Затекнатите граѓани на овој дел од градот велат дека не ги виделе волците, но оти слушнале дека тие се појавиле во близина на градот/„Слушнав за тоа бидејќи сум секој втор ден на Тумбе кафе. И сега кога се искачив кај Касарната, видов траги од волк, а и пријатели рекреативци пред неколку дена ми кажаа дека ги има тука.“, вели еден битолчанец.Според здружението на ловџии „Сокол“, во текот на зимава застрелани биле неколку волци, од кои примероци се испратени во Министерството за земјоделие, водостопанство и шумарство, со цел испитување колку оваа популација волци е здрава и дали има беснило. Од таму апелираат до граѓаните доколку забележат волк, веднаш тоа да го пријават во здружението./крај/твтера/ом/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

