Македонија
Трајановски најави заострување на безбедносните мерки во училиштата
Од сите аспекти ќе ја разгледаме безбедносната состојба во училиштата, и ќе ги превземеме сите неопходни мерки, независно дали на некого му одговараат тие или не, за учениците кои учат во училиштата да бидат безбедни
Ова го изјави денеска Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, по состанокот со директорите на средните училишта, на кој била разгледувана безбедносната состојба во училиштата, поради последните случувања во кои неколку ученици и еден професор, во повеќе инциденти, беа повредени или прободени со нож. „Клучна точка беше безбедносната состојба, за таа цел во понеделник свикавме и посебна итна седница на Советот на Град Скопје, на која ќе се разгледува безбедносната состојба низ училиштата во Скопје“, најави скопскито градоначалник Коце Трајановски и додаде дека од 21 училиште колку што ги има во Скопје, во сите има поставено видео надзор, а во 14 училишта има физичко обезбедување.„Тоа е направено врз основа на иницијатива и проценка на Советот на родители и на директорите на средните училишта, самите тие проценуваат каква е состојбата и дали има потреба од дополнително физичко обезбедување. Градот Скопје ќе им помогне и на другите училишта доколку оценат дека им треба физичко обезбедување. Ги дискутиравме мерките и постапките кои треба да се превземат за овие состојби да се смират“, рече тој.Со директорите се договарал и начинот и методите за тоа како понатака да се спречат и оневозможат евентуални други вакви инциденти. Позачестени контакти на учениците со педагозите и психолозите, но и инсистирање на поголемо вклучување на родителите во образовниот процес на своите деца, се едни од мерките.Павле Павлов, директор на средното хемиско училиште „Марија Кири Склодовска“, каде се случи еден од инцидентите, рече дека во нивното училиште ваков инцидент немало од почетокот на формирањето на училиштето, односно цели 40 години.„Морам да укажам дека овде немаше тепачка, тоа е неадекватен термин, имаше класичен упад, бидејќи немаше две спротивставени страни туку имаше упад од една толпа на адолесценти кои самите не знаеја по кого да удрат и зошто. Замислете тие почнале прво по девојчињата“, рече тој.Вчера уште еден средношколец беше прободен со нож, овојпат во средното училиште „Коле Неделковски“ во Велес. Ова беше трет инцидент во средните училишта за неколку дена. Претходно маскирана вооружена група нападна четворица ученици и еден професор во средното хемиско училиште „Марија Кири Склодовска“. Завчера пак, со нож беше прободен средношколец од ветеринарното училиште „Браќа Миладиновци“ во скопско Драчево.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд. Претпладне, врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и во некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен, а попладне наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на оваа седмица следува период на претежно облачно време со повремени врнежи од дожд, кои на повисоките планини, ќе преминуваат во врнежи од снег. Повремено наместа врнежите ќе бидат пообилни. До сабота ќе дува југоисточен и југозападен ветер, а во недела ветерот ќе го смени правецот и ќе дува засилен северен ветер.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ избра нови претседатели на повеќе партиски комисии
На првата редовна седница на новиот состав на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, донесени се одлуки за кадровски освежувања и распишување огласи за раководни позиции во партијата, информира премиерот и лидер на партијата, Христијан Мицкоски, преку објава на Фејсбук.
Извршниот комитет одлучил да распише огласи за избор на нови претседатели на Унијата на млади сили, Унијата на жени и Унијата на ветерани, како и генерален избор на претседатели на сите општински комитети на ВМРО-ДПМНЕ.
На седницата биле избрани и нови претседатели на повеќе партиски комисии. За претседател на Комисијата за здравство е избран Сашо Клековски, на Кадровата комисија Благоја Ташаминов, на Комисијата за безбедност и одбрана Панче Тошковски, додека за претседател на Комисијата за туризам е избран Аккан Махмут.
За претседател на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје е избран Златко Перински.
„Промени. Го слушаме гласот на членството. Вистинскиот избор за заедничка иднина!“, напиша Мицкоски во објавата.

