Македонија
Фудбалот во Македонија конечно се професионализира
Измените на Законот за спортот, ќе придонесат кон унапредување, професионализација на спортот и трансформација на клубовите во акционерски друштва и професионални спортски клубови.
Ова денеска на прес конференција го соопшти директорот на Агенцијата за млади и спорт Диме Спасов, при тоа додавајќи дека измените ќе придонесат и за создавање на професионални лиги, подобрување на организацијата на клубовите, регулирање на статусот на спортистите и поголема грижа за спортистите и тренерите во насока на обезбедување на пензиско, здравствено и социјално осигурување од страна на клубовите.
Спасов дополни дека со законските измени се предлага широка законска рамка за составот на собранието на националните спортски федерации што ќе го сочинуваат претставниците од клубовите од прва и втора лига и останатите здружени во федерациите, како и претставници на спортските тренери, ветерани, судии и спортисти од соодветниот спорт предложени од нивните организациони облици.
Со законските измени предвидено е и формирање на Здружение на прволигаши за остварување на своите права и интереси, особено врзани за највисокиот степен на натпревари. Со оваа мерка ќе се овозможи спортските клубови и сите останати субјекти заеднички да го одредуваат напредокот на одреден спорт.
Меѓународните лиценци за тренери т.е. лиценцирањето на стручните лица, е прифатено во новиот закон, и покрај досегашниот услов стручното лице да има соодветно образование од областа на спортот од најмалку вишо образование, за стручно образование ќе се смета и стекната лиценца добиена од соодветна меѓународна спортска асоцијација.
Директорот Спасов на крајот додаде дека на усвојувањето на измените на Законот за спорт од страна на Владата на РМ, претходеше анализа за состојбата на спортот и организацијата на спортските клубови во нашата држава, во европските држави, а исто така беа организирани средби и дебата со клубовите и федерациите од екипните спортови и меѓународните асоцијации. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Мали остатоци од снег има на планинскиот превој од (село Лисец – Попова Шапка) кои се задржани на коловозот, извести АМСМ.
Врнежи од снег со слаб интензитет има на патниот правец (Крива Паланка – г.п.Деве Баир) кој не се задржува на коловозот и намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 30 метри, Ѓавато до 100 метри и планинскиот превој Крушево до 40 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд. Претпладне, врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и во некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен, а попладне наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на оваа седмица следува период на претежно облачно време со повремени врнежи од дожд, кои на повисоките планини, ќе преминуваат во врнежи од снег. Повремено наместа врнежите ќе бидат пообилни. До сабота ќе дува југоисточен и југозападен ветер, а во недела ветерот ќе го смени правецот и ќе дува засилен северен ветер.

