Македонија
Промовиран проект за електронски формулари во аптеките
Министерот за информатичко општество Иво Ивановски, денеска го промовираше проектот за електронски формулари во „Алпи фарм“ аптеките. Целта на проектот е да се подобри ефикасноста на администрацијата и услугата на граѓаните на Република Македонија. „Било која аптека во Македонија може да се поврзе преку системот, кој што го има поставено Министерството за информатичко општество и администрација, со Фондот за здравствено осигурување и можат да комуницираат на еден ефикасен начин со тоа што требувањето на лекарства ќе биде веднаш електронски проверено во Фондот за здравственото осигурување“, вели Ивановски. Тој додаде дека секоја аптека ќе има можност по електронски пат да пополни формулари за состојбата на залихи на лекови и да достави месечен извештај до Фондот. Директорката на Фондот за здравствено осигурување, Маја Парнарџиева Змејкова изјави дека досега комуникацијата меѓу фондот и аптеките била преку хартиена или ексел форма, што преставувало проблем фондот да ги исчита и да добие сознанија за реалната состојба на лековите во аптеката. „Сега значително се скратува и времето за добивање на податокот и форматот кој што ќе биде лесен за аптеките, а корисен за фондот. Со овој вид на електронска форма ќе можеме понатаму да ги развиеме и понатамошните и други комуникации што ги имаме со аптеките, а понатаму и со другите здравствени установи доколку Министерството за информатичко општество ни помогне “, рече Парнарџиева Змејкова. Светлана Ботева, директорка на „Алпи фарм“ аптеки, вели дека со овој систем ќе се подобри целиот процес на работењето и ќе се добие поквалитетна услуга од страна на аптеките. Засега проектот е достапен само во десет аптеки, а набрзо од 1-ви април ќе треба да стартува и во другите. Воведувањето на ваквиот електронски формулар во Република Македонија може да се најде меѓу првите 20 земји во Европската Унија при оценувањето на електронската софистицираност. Оценувањето се врши од Европската Комисија која секоја година донесува извештај за рангирањето на земјите во ЕУ и пошироко, велат од Министерството за информатичко општество./крај/пк
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски се огради од народот, сега на камерите во Скопје може да види колку е паднат стандардот на граѓаните, велат од СДСМ
„За само 12 часа од поставувањето на камерите од системот во Скопје се покажало дека има над 1.000 возила кои биле нерегистрирани. Тоа покажува колку е паднат стандардот на граѓаните со Мицкоски и ДПМНЕ. Народот нема пари ниту за регистрација на автомобилите“, велат од СДСМ.
„И тоа зборуваме за паднат стандард во Скопје, во главниот град, колку е само полоша состојбата во помалите градови и населени места?
Економијата паѓа а народот едвај преживува.
Добро е што власта ги постави камерите, сега од неговиот кабинет во зградата на Владата Мицкоски, зад вратената ограда, ќе може да ја види катастрофалната состојба во Македонија.
Мицкоски се огради од народот па сега ќе може да гледа на камери.
Додека власта се гоштева со папаја и манго, се вози со бизнис класи, додека врти милионски тендери за испумпување на партите на граѓаните -народот нема пари ниту за регистрација на возилата.
Тоа „економски тигар“ им го донесе на граѓаните и им го постави како „стандард“.
СДСМ ја тргна оградата пред владата одма после рушењето на режимот на Груевски, просторот и вратата во Владата беше отворена за граѓаните, затоа што им припаѓа на граѓаните.
Ама ученикот на Груевски ја врати оградата и тоа е показател колку се исти. Ова е иста банда. Работата сè уште не е завршена“, соопшти СДСМ.
Македонија
Трето судење за „Пулс“: нов обид за воведни зборови на одбраната
Судењето за дискотеката „Пулс“, во која загинаа 63 лица и речиси 200 беа повредени, продолжува денеска со трето рочиште. Се очекуваат воведните зборови од одбраната, кои требаше да почнат минатата недела, но бранителите на обвинетите побараа интегрираниот обвинителен акт, покрај тоа што судот им го испратил ним како бранители, и официјално да им го испрати и на обвинетите оти, како што рече Петре Шилегов, адвокат на еден од обвиннетите, не е работа на бранителите да бидат судски доставувачи.
Судијката Диана Груевска-Илиевска ги одложи воведните зборови за следно судење и остави рок од шест дена за судска достава на интегрираните обвиненија и до обвинетите.
Откога не почна со воведни зборови, на рочиштето од минатата недела судијката Груевска-Илиевска побара оштетените да се изјаснат за отштетни побарувања. Но, и оваа постапка не можеше до крај да биде завршена бидејќи немаше адреси од сите оштетени, па уште на рочиштето од минатата недела побара нова листа со имејлови од сите оштетени и најави дека во истиот рок од шест дена, во кој треба да се достават интегрираните обвиненија и на обвинетите, ќе се доставуваат и известувања до сите оштетени дека треба да се појават на судење за да се изјаснат за отштетни побарувања.
Иако судијката Груевска-Илиевска најави динамика од две судења неделно, поради недостигот од адреси од оштетените и поради неиспратените интегрирани обвиненија до обвинетите, мораше едното судење да го одложи и затоа судењето продолжува денеска.
За трагедијата во „Пулс“ обвинети се 35 физички и три правни лица. Судењето почна на 19 ноември со воведни зборови од одбраната.
Македонија
Дел од Карпош денеска без струја
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН Македонија АД, информира дека: поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска, без електрична енергија ќе останат:
· од 11:00 до 15:00 часот, корисниците на ул. Хелсинки од бр. 22 до бр. 36, општина Карпош.

