Македонија
Владата со карикатура му се заблагодари на евроамбасадорот Фуере
Владата со карикатура, на која е претставен Ерван Фуере како излегува од фрижидер, му се заблагодари на евроамбасадорот за неговиот петгодишен ангажман како шеф на делегацијата на Европската Комисија во Скопје и специјален претставник на Унијата во земјата
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Васко Наумовски, кој денеска имаше проштална средба со Ерван Фуере, евроамбасадорот го нарече пријател на Македонија и му изрази благодарност за неговиот ангажман во изминатите пет години. Карикатурата, според него, ја симболизира присутноста на Фуере во македонската јавност.„Амбасадорот Фуере честопати беше присутен во многу прилики, беше и со политичарите, и со невладиниот сектор, и со медиумите, и со бизнис заедницата, беше и со студентите и средношколците, кроеше лозје, пливаше по бурето во Охрид и многумина ми рекоа – амбасадорот Фуере недостига уште да ни излезе од фрижидерот“, рече Наумовски.Фуере, пак, на последната официјална средба со вицепремиерот Наумовски, ја искажа својата желба Македонија што поскоро да стане полноправна членка на Европската Унија.„ Имаше времиња кога морав да давам некои критики, тешки критики, но тие беа давани со најдобра намера да ја водат, да ја советуваат владата и земјата на патот напред како што сите добри пријатели треба да прават“, рече Фуере, кој покрај карикатурата, доби и плакета од Секретаријатот за европски прашања.Фуере својот мандат го завршува на крајот од февруари. На почетокот на март на негово место доаѓа данскиот дипломат Питер Соренсен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места со мали остатоци од кашест снег на коловозот
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП Македонијапат.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Мицкоски е во паника, опозицијата освои двојно повеќе гласови од власта, велат од СДСМ
„Мицкоски мора да е во голема паника штом свика прес конференција да се пофали дека опозицијата освоила повеќе гласови од владејачките партии“, велат од СДСМ.
„Дури и со сите можни злоупотреби на институциите и притисоци, кандидатите за градоначалници од опозициските партии освоија двојно повеќе гласови од кандидатите на владејачките партии.
Опозицијата освои двојно повеќе гласови, 21.394 гласови а власта само 12.534 гласа. Заклучокот е едноставен, власта на ВМРО, ВЛЕН и ЗНАМ загуби вечерва и тоа убедливо“, соопшти СДСМ.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Прилеп и околината
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, ноќеска во 01 часот и 14 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 116 км југоисточно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML2.9
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Прилеп и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.

