Македонија
Калниете: Потребни се тешки одлуки при интеграцијата во Европската Унија

Латвискиот европратеник, Сандра Калниете, денеска во својот настап пред македонските пратеници порача дека се потребни тешки одлуки од страна на властите, како во однос на реформите, така и во однос на надминувањето на спорот со името, ако земјата сака да се интегрира во Европската Унија.
Латвискиот европратеник, Сандра Калниете, денеска во својот настап пред македонските пратеници порача дека се потребни тешки одлуки од страна на властите, како во однос на реформите, така и во однос на надминувањето на спорот со името, ако земјата сака да се интегрира во Европската Унија.Говорејќи пред членовите на собраниските комисии за европски прашања, за надворешна политика, за земјоделство, шумарство и водостопанство и на Мешовитиот парламентарен комитет Македонија – ЕУ, Калниете го посочи примерот на Латвија кога земјата морала да постигне тежок договор со Русија околу спорот со границата, со цел заокружување на територијалната целовитост и интеграција во унијата. „Ако сакате да припаѓате на Европската Унија, понекогаш ќе морате да донесете тешки одлуки“, рече Калниете. Таа изрази надеж дека спорот набрзо ќе биде решен и дека земјата ќе ги започне пристапните преговори со унијата во 2012-та година. „Македонија не е единствен случај во историјата на Европската Унија кога отворени прашања постоеле меѓу соседите и се разрешиле. Јас верувам дека со сите напори од страна на вашите лидери, исто така со посредство на Европската Унија, конечно ова прашање нема повеќе да биде пречка и ќе има решение, со што Македонија ќе биде во можност да ги отвори преговорите во 2012 година“, рече Калниете, која нагласи дека значајно е што во земјата постои внатрешен консезус околу европската интеграција.Дел од македонските пратеници пред Калниете посочија дека земјата е конструктивен фактор во спорот со името, но истовремено порачаа дека Македонија е за решение што нема да го наруши националниот идентитет на граѓаните. „Ако се обидеме да измериме колку години Република Македонија тапка во место од 1995 година, кога формално воспоставивме односи со тогашната Европска Заедница заклучно со денес, ќе видиме дека повеќе од осум години нашата држава не преминува од една во друга фаза во интеграцијата кон Европската Унија заради блокадата на Република Грција. Се разбира, наш е тој проблем и наша е одговорноста да го решиме тој проблем. Меѓутоа, исто така сметам дека е важно постојано и постојано да се укажува на неговата непринципиелност и на ситуацијата во која што се доведени малите држави“, рече Александар Спасеновски, претседателот на мешовитиот комитет Македонија – ЕУ.“Надминувањето на овој спор во никој случај не смее да го негира нашиот национален идентитет, ниту нашиот јазик. Националниот идентитет е индивидуално прашање на секој поединец, на секој граѓанин и ваквото наметнување на вакви спорови едноставно задира во делот на непочитување на индивидуалните човекови права и слободи кои што, едноставно, се фундамент на постоењето на Европската Унија“, рече Петар Поп Арсов, претседател на собраниската Комисија за европски прашања.Калниете е пратеник во европскиот парламент и известител за новите политики во областа на земјоделството за новите земји-членки. Таа беше и шеф на латвиската дипломатија, како и еврокомесар задолжена за земјоделство и рибарство. /крај/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЦУК: Пожарот во Самоков веднаш изгаснат, објектите на фабриката не беа во опасност

Пожарот во Самоков е локализиран и веднаш изгаснат. Во ниту еден момент немаше опасност од негово ширење кон објектите на фабриката Самоков, соопшти Центарот за управување со кризи.
Од РЦУК Македонски Брод претходно стигна информација дека е настанат пожар во населбата Самоков, во фабриката „Сувенир“, а опожарен е магацин со хемикалии. Во информацијата беше наведено дека електричната енергија во фабриката е исклучена.
Македонија
„Седи Боби, кец!“, му рече Арсовска на Стефковски за проблемот со водата, па доби одговор

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот официјален профил на Фејсбук, му возврати на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој претходно ги прозва Градот и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за прекините во водоснабдувањето во неколку скопски населби. Тој побара итна интервенција од Градот, предупредувајќи на можни протести ако состојбата не се реши веднаш.
Арсовска му одговори на Стефковски дека и по три години на функција сè уште не прави разлика што е во надлежност на Градот, а што на Општина Гази Баба. Таа појасни дека жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП „Водовод и канализација“, туку на ЈКП „Гази Баба“ – претпријатие под општинска надлежност.
„Ова по три години ќе го знаеше ако паузираше еден ден од сликање по фолклорни манифестации за да сработиш нешто“, напиша Арсовска, посочувајќи дека со средствата добиени од владите на Ковачевски и Мицкоски, Стефковски можел да изгради нова водоводна мрежа за тие населби.
Во продолжение, Арсовска рече дека Град Скопје во изминатите три години не добил ниту еден денар од централната власт, а дека Владата ѝ должи на ЈСП Скопје осум милиони евра.
Градоначалничката ја заврши објавата со саркастичен тон: „Седи Боби, кец!“
Ситуацијата дополнително ја заостри реториката меѓу градоначалниците на Скопје и Гази Баба, отворајќи нова рунда меѓусебни обвинувања. По објавата на Арсовска, повторно се огласи Стефковски кој и’ одговори дека надлежноста за Смилковци и Црешево ја знае многу добро, па ја повика да каже зошто жителите од Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Ченто немаат вода? За крај по однос на делењето оценки, Стефковски на социјалните мрежи напиша дека граѓаните и’ дале оценка на парламентарните избори на Арсовска. Тогаш таа освои вкупно 3.438 гласови.
Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.