Македонија
Вељаноски: Државниот архив е еден од столбовите на државотворноста и самобитноста
Државниот архив е еден од столбовите на државотворноста и самобитноста на македонскиот народ, за што потврда се големиот број документи од неговата историја, рече претседателот на македонското собрание, Трајо Вељаноски
Собранискиот спикер Трајко Вељаноски по повод одбележувањето на 60- годишнината од основањето на оваа институција рече дека архивот се афирмира и се потврди како значаен столб на македонскиот идентитет самобитност и државност, и оти стана неодминлива институција и извор за минатото на македонската нација, како и на албанската, влашката, турската, српската и ромската етничка заедница. „Имајќи ја предвид бурната историја на македонскиот народ, почнувајќи од византискиот период, преку времето на отоманската империја, балканските, првата и втората светска војна, многу архивски материјали се присвоени од други држави почнувајќи од нашите соседи, па се до Франција, Турција, Австрија, Велика Британија. Благодарејќи пред се на истражувачката дејност на Архивот голем дел е истражена“, рече Вељаноски.Тој им порача на вработените во Архивот да продолжат со таквата дејност со цел да се истражат и останатите архивски материјали во другите земји, значајни за македонската историја.Директорот на Државниот архив на Република Македонија, Зоран Тодоровски истакна дека македонскиот, како и сите останати архиви се чувари на историското паметење, но и врска меѓу минатото, сегашноста и иднината, но и извори на осознавањето на историското минато и пренесувачи на духот и суштината на националното и државното постоење. „Покрај ваквите универзални вредности институцијата Архив за Република Македонија претставува важен столб и бедем на македонскиот идентитет, самобитност и државност. Историската граѓа што се чува во Архивот е изворно сведоштво за нашето постоење за опстојувањето на нашиот национален идентитет, за борбата на нашиот народ за самостојна држава“, рече Тодоровски.Државниот архив на Македонија е формиран на 1 април 1951 година. Во него се чуваат 1.486 архивски фондови и 28 збирки. Најстариот документ кој се чува во оваа институција е Евангелието на светиот Апостол Лука од 12-ти век.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Наќе Чулев: Незаконски бев отпуштен од работа, со години трпев јавно понижување
Поранешениот директор на Агенцијата за разузнавање и министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, објави дека судот донел пресуда во негова корист дека незаконски му бил одземен безбедносниот сертификат и незаконски бил отпуштен од работа во Агенцијата. Тој вели дека со години трпел јавно понижување и дискредитација, медиумски конструкции и лажни наративи, како и силен притисок врз неговото семејство и неговите деца.
„Денес ви се обраќам не само како Наќе Чулев, поранешен директор на Агенцијата за разузнавање и министер за внатрешни работи, туку пред сè како човек и родител кој помина низ години на понижување, клевети и неправда. Со години бев цел на организирана кампања на дезинформации и политички прогон од претходната власт. Незаконски ми беше одземен безбедносниот сертификат и незаконски бев отпуштен од работа. По долга и исцрпувачка борба, судовите во Македонија тоа јасно го утврдија и го запишаа во своите пресуди. Тоа беа години на јавно понижување и дискредитација, медиумски конструкции и лажни наративи, како и силен притисок врз моето семејство и моите деца. Човек кој речиси 25 години чесно служел во безбедноста на државата и соработувал со меѓународни партнери, одеднаш беше прогласен за „безбедносен ризик“ – не поради дело, туку поради политичка одлука и затоа што јавно зборував за корупцијата и аномалиите во системот“, вели Чулев.
Тој вели дека по долги судски процеси, судовите утврдиле дека одземањето на безбедносниот сертификат и неговото отпуштање биле незаконски, дека целата конструкција била неправична и политички мотивирана, а против сторителите е поднесена кривична пријава за злоупотреба на институциите, за која очекува институциите да постапат, а сторителите да одговараат.
Вели дека не ја пишува оваа објава на социјалните мрежи за освета, туку за вистината да биде јавно запишана.
„Оваа објава не ја пишувам за освета, ниту за саморекламирање, туку за вистината да биде јавно запишана. Да се знае дека човек може да биде понижен, но не мора да биде скршен; дека може незаконски да му се одземе работната позиција, но не и достоинството, искуството и знаењето; и дека вистината, иако привремено сокриена, секогаш излегува на виделина. Ова не е само моја приказна. Многу луѓе и денес водат битки по судови за да ја докажат својата невиност и да ја вратат честа и професионалниот интегритет. Тоа е симптом на поширок проблем – политички прогон и злоупотреба на институциите кои ја разоруваат довербата во државата и ги уништуваат семејствата“, вели ексминистерот.
Тој вели дека ќе продолжи да се бори за општество во кое никој нема да биде гонет затоа што мисли поинаку, во кое институциите нема да бидат алатка за политички прогон и во кое честа, професионалноста и интересите на Македонија ќе бидат пред сè.
Чулев во 2022 година објави дека е отпуштен од своето работно место како разузнавач и дека повеќе не е дел од безбедносниот систем на државата.
Македонија
(Видео) „100 милиони евра загуба – кој профитира од увозот на струја“, прашува Димитријевиќ
„Наместо да ги покачи платите и пензиите, власта ја покачи сметките за струја, удри по стандардот на народот. Државата нема пари за плати и пензии, дупката е 1 милијарда евра. Поскапувањето на струјата и прогласувањето кризна состојба, не се поради протестите во Грција туку две причини директно врзани со владата: криминални тендери и неспособност во енергетиката“, рече Александар Саша Димитријевиќ – генерален секретар на СДСМ.
„За само година и половина, со Божиновска на чело на овој сектор, Владата ја доведе ЕСМ до финансиски и производствен колапс. Не се произведува доволно струја дома, се увезува скапа струја од надвор.
Затоа оваа година има историски најниско производство на домашна струја, ниту половина од планираните 5.100 GWh.
Наместо да се произведува дома, која што државата ќе ја чини 80-90 евра мегават час, владата купува струја за 140 евра мегават часови.
Колку ги чини тоа граѓаните? 77 милиони евра загуба за само првите два квартали од 2025 година а проекцијата е дека ќе достигне над 100 милиони евра загуба до крајот на оваа година.
Сега е ли јасно зошто струјата поскапува? Зошто се прогласува кризна состојба?
Да се покријат криминални тендери и неспособност.
Зошто фали 1 милијарда евра во буџетот? Исто така за тендери, како што се 161 тендер за една фирма или 9 милиони евра за друга фрима за двајца вработени кои ги објавивме.
Клучното прашање е кој профитира од скапиот увоз на струја? Зошто навреме не биле обезбедени енергенси, мазут на пример?
СДСМ бара Јавното обвинителство веднаш да отвори истрага за овие загуби од 100 милиони евра и да утврди одговорност. Кој ќе одговара за загубите од над 100 милиони евра? Кој профитира од увозот на струја? Кој заработува додека народот плаќа? Одговроност мора да има!“, изјави Александар Саша Димитријевиќ – генерален секретар на СДСМ.
Македонија
Вонредни екипи ќе ги читаат броилата за време на празниците и викендите
Зголемен е процентот на отчитување на броилата на 95% на тримесечно ниво (на 90% на месечно ниво), таргетирани се 10.000 потрошувачи кои во последните две години имале приговори или поплаки во врска со фактури и со нив е почната етапна телефонска комуникација – ова се дел од сетот на активни мерки што по налог на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) ги презеде операторот на електро-дистрибутивниот систем Електродистрибуција ДООЕЛ Скопје.
Во пресрет на зимските месеци, на иницијатива на РКЕ се одржа координативен состанок со Електродистрибуција ДООЕЛ, каде првите луѓе на компанијата реферираа за преземените мерки со цел подобрување на услугата и воспоставување на двонасочна комуникација со потрошувачот, а се со цел јакнење на довербата, транспарентноста и отчетноста.
Регулаторите напоменаа дека клучно е во првите недели од јануари да продолжи редовното отчитување, за што од Електродистрибуција информираа дека имајќи го во предвид овогодинешното искуство со поплаките за претстојните празници се организирани во вонредни екипи кои и за време на празниците и викендите ќе вршат отчитување се со цел потрошувачите да добиваат сметки со реална, а не прогнозирана потрошувачка.
Од Електродистрибуција ДООЕЛ информира дека од 1 декември годинава, проширени се дигиталните опции за потрошувачите и е ставена во функција новата услуга за онлине корекција на фактура, мобилизирани се вработените да им помогнат на потрошувачите во креирање на кориснички профил.
Во исто време достапни се и останатите претходно воведени дигитални услуги како „Пријави состојба“, „Е-фактура“, и примена на ознака на фактурата со „О“- отчитано или „М“- проценета состојба со што потрошувачите знаат точно дали добиваат сметка со реална потрошувачка, или истата е базирана врз основа на проценета состојба.
Од РКЕ и Електродистрибуција упатија апел до потрошувачите да продолжат со одговорно трошење на електричната енергија и во текот на зимскиот период.

