Македонија
СДСМ најави кривични за Бичиклиски, Стефановски и Андоновска
ВМРО-ДПМНЕ денеска објави дека поседуваат документи од кои како што тврдат може да се види дека фирмите Пристоп и Пристоп МК соработувале со Бранко Црвенковски
ВМРО-ДПМНЕ денеска објави дека поседуваат документи од кои како што тврдат може да се види дека фирмите Пристоп и Пристоп МК соработувале со Бранко Црвенковски, не само кога тој бил претседател и премиер, туку и кога бил лидер на СДСМ. Од СДСМ ова го оценија како лага и најавија кривични пријави за клевета за Бичиклиски, Стефановски и Андоновска.„До нас пристигнаа нови документи поврзани со соработката помеѓу Пристоп и Пристоп МК со СДСМ и Бранко Црвенковски. Според нив,во 2004 година Бранко Црвенковски ги користи услугите на Пристоп за осмислување на неговата претседателска кампања. Слоганот „ДРЖАВНИК“ со кој тој настапи на претседателските избори е обмислен, напишан и предложен од Пристоп. Овие документи покажуваат дека Пристоп за потребите на кампањата за претседател на Црвенковски прави тестирање на слоган, испитување на јавно мислење, дава совети, говори“, изјави Сашо Стефановски од ВМРО-ДПМНЕ.Тој истакна дека еден од советите кои Пристоп му ги дава на Црвенковски е да се направи договор со Невладини организации за да покренат таканаречена ГО ТВ кампања.„Во истиот документ стои замислете: да се пронајде техника за целиот процес на договарање и финансирање на ГО ТВ кампањата која треба да ја водат невладините организации, со цел овој процес да биде брз и ефикасен. Тоа значи дека Црвенковски се советува финансиски да ги подржи невладините организации за да ги исполнат зацртаните партиски цели, рече Стефановски.Документите според него покажуваат и дека Пристоп го советува Црвенковски, членовите на СДСМ да праќаат писма до медиуми за што било обмислено упатство до членовите.„Ништо не е случајно, се работи за вешто смислен план на соработка меѓу Бранко Црвенковски, Дејан Верчич и Пристоп. Тоа значи дека истата фирма Пристоп Бранко Црвенковски ја користи и кога е претседател на Владата, и кога е претседател на државата и кога е Претседател на СДСМ“, посочи Стефановски. Тој побара Црвенковски да одговори колку чинела оваа најнова стратегија на Пристоп, направена, како што рече, за партиските потреби на Црвенковски и дали и оваа стратегија е платена со државни пари.Од СДСМ велат дека ВМРО-ДПМНЕ лажат.„Лажевте за законитоста околу организацијата на Самитот во Охрид, лажевте за сумите со кои играте дека се потрошени на тој Самит, а денеска продолжувате да лажете за слоганот „ДРЖАВНИК“ и најразличните кампањи кои ги споменувате, а наводно биле изработувани од агенцијата Пристоп“, се наведува во писмената реакција на СДСМ./крај/бд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.

