Македонија
Фатен арамијата што крадел бакар од железничките рампи во Велес
Велешката полиција го фати арамијата што го крадеше бакарот од железничките рампи во градот.
Велешката полиција го фати арамијата што го крадеше бакарот од железничките рампи во градот. Како што соопшти полицијата, станува збор за педесет и шест годишниот М.Т. од Велес, против кого е поднесена кривична пријава за една тешка кражба и шест кражби. Од почетокот на годинава осомничениот повеќепати крадел од ЈП Македонски железници. Тој со помош на алат крадел бакарно носечко јаже, акумулаторски батерии, бакарен контактен проводник, сигнални бакарни кабли и нафта. Дел од украдените предмети ги продавал во отпади а дел на непознати луѓе. Со кражбите, осомничениот велешанец на Македонски железници и нанел материјална штета од околу четири илјади евра. /крај/лсц
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Освен улиците и спомениците низ Скопје видоа вода
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски синоќа на неговиот официјален фејсбук-профил објави нови фотографии од акцијата за чистење на централното подрачје на главниот град, плоштадот „Македонија“ и кејот на реката Вардар, што ја започна веднаш по преземањето на функцијата.

-Нашето убаво Скопје! Чисто и достоинствено!, напиша Ѓорѓиевски на фејсбук.
Акцијата за чистење Ѓорѓиевски ја почна вечерта по примопредавањето на функцијата од досегашната градоначалничка, и како што самиот изјави, акцијата би требало да заврши вечерва.

Согласно неговото ветување за темелно чистење на Скопје во првите 72 часа од преземањето на мандатот, деновиве со механизација и рачно се чистат коритото и косините на Вардар, се отстранува кабаст отпад и пластични шишиња и се расчистува земјен материјал насобран во централниот дел на кејот, а се празнат и контејнерите од ѓубре.
Македонија
АХВ уништи околу 37 тони небезбедна храна со поминат рок која се продавала без декларација
Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) изминатата недела при спроведена вонредна контрола кај оператор со храна, заплениле и нештетно уништиле приближно 37 тони храна.
Како што соопшти денеска Агенцијата, биле запленети и уништени јаткасти плодови, зрнести и мешункасти производи и разни зачини без декларации и на кои рокот на употреба им бил истечен од една до две години.
За сторениот прекршок на операторот му е изречена мерка привремена забрана за работа и парична казна, како и наредба за отстранување на утврдените недоследности со надзорот.

АХВ информира дека во изминатата недела биле спроведени вонредни контроли и кај други оператори со храна – месарници, ресторани, сендвичарници, маркети. Поради утврдени недоследности – нерегистрирани оператори со храна, неспроведени задолжителени обуки на вработените за безбедност на храната, пуштање во промет на небезбедна храна и слично, операторите со храна и нивните одговорни лица се казнети парично и им се изречени привремени забрани за вршење дејност.
-Издадени беа и наредби за отстранување на утврдените недостатоци со контролите, а затекнатата небезбедна храна беше нештетно уништенa, наведува АХВ во соопштение.
Македонија
„Супорт Кочани“ собра 11 милиони денари од донации за настраданите од „Пулс“, државата им наплати 1 милион денари данок
Околу 11 милиони денари се распоредени од заедничката сметка за донации од граѓанската иницијатива „Супорт Кочани“.
Од граѓанската иницијатива велат дека од вкупната сума од 10.944.793 денари еден милион се за данок на државата, а останатите се еднакво распределени на 137 лица во износ од по 71.900 денари.
Средствата што се распоредени се донирани од компании, здруженија, групни акции и хуманитарни настани организирани во земјата и во странство.
„Транспарентно ја споделуваме информацијата за втората распределбата на средствата од заедничката сметка за донации преку ‘Супорт Кочани’, кои беа собрани по трагедијата што нè погоди“, се вели во објавата на „Супорт Кочани“ на нивниот фејсбук-профил.
Иницијативата „Супорт Кочани“ беше формирана веднаш по пожарот во „Пулс“, а во неа се вклучени 30-ина волонтери, меѓу нив и млади луѓе кои биле присутни во клубот на трагичниот 16 март. Во пожарот загинаа 63 лица, а над двесте беа повредени.
Од иницијативата изминатата година реализираа и три пратки компресивна облека наменета за преживеаните лица. Облеката, како што велат од иницијативата, е со цел да се овозможи правилна рехабилитација и побрзо заздравување.

