Македонија
За изборите ќе бидат ангажирани близу 6.900 полицајци
Претстојните предвремени парламентарни избори ќе ги обезбедуваат близу 6.900 полицајци, соопшти министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.
Претстојните предвремени парламентарни избори ќе ги обезбедуваат близу 6.900 полицајци, соопшти министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.
Министерката, денеска, заедно со Паоло Коста од одделот за полиција при мисијата на ОБСЕ, ги посети полициските службеници кои посетуваат тренинг за однесување на полицијата на изборите.
„Согласно акцискиот план веќе се одржани серија на обуки, а до 30 мај, до непосредниот почеток на изборите, обука ќе поминат близу 6.900 полициски службеници, што всушност е бројката на полициски службеници кои ќе бидат ангажирани по различни основи за време на изборите“ рече Јанкулоска.
Како што истакна Јанкулоска, ова е придонес на министерството за внатрешни работи во функција на создавање на атмосфера за одржување на слободни демократски избори, на кои граѓаните ќе ја изразат својата волја, без притисоци и без влијанија.
На самиот старт на изборната кампања МВР ги засили мерките и почна да ги апси предизвикувачите на изборни инциденти од изборите во 2008 година, за кои има судска пресуда, а се уште се на слобода.
Вчера беа уапсени двајца во гостиварското село Неготино, а мината недела уште еден од тетовското село Желино. Во координација со судовите и јавните обвинителства полицијата трага по уште седум, осум лица кои предизвикале инциденти во 2008 година.
Министерката вели дека нивното апсење не е поврзано со изборите и дека активностите за нивно апсење се одвивале во континуитет.
„Без разлика дали има или нема избори, ние како министерство за внатрешни работи по сите телеграми од судот постапуваме веднаш кога ќе се создадат услови за тоа. Заради зголемените активности на терен во последниов период имавме значителни резултати и ние ќе продолжиме со таквите активности бидејќи сакаме да испратиме јасна порака дека насилството нема да се толерира и дека нема да дозволиме никој да ја попречи слободната волја на граѓаните, на 5 јуни да дадат поддршка за оној за кој што тие сметаат дека треба да ја дадат. Нема да ги оставиме мирни насилниците и нема да дозволиме да се создава атмосфера на страв или притисок“ изјави Јанкулоска. /крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

