Македонија
Петерле: Ни треба поиновативен пристап за интеграцијата на Македонија
Европската Унија треба да постави добра динамика и јасна перспектива за интеграцијата на Република Македонија, порача словенечкиот европратеник, Алојз Петерле, по денешната средба со вицепремиерот задолжен за европски прашања, Васко Наумовски.
Европската Унија треба да постави добра динамика и јасна перспектива за интеграцијата на Република Македонија, порача словенечкиот европратеник, Алојз Петерле, по денешната средба со вицепремиерот задолжен за европски прашања, Васко Наумовски. Според Петерле, иако Европската Унија има амбиции да биде глобален играч на светската политичка сцена, сепак главниот фокус треба да го насочи кон случувањата во Европа, вклучувајќи го западниот Балкан и Македонија.„Мислам дека ни треба поиновативен пристап. Видовме кои патишта не беа многу успешни, но ние мора да разбереме кој пристап ќе не’ однесе до поголем успех. Според мене, првиот аргумент за ова е волјата на луѓето, очекувањата на луѓето во однос на европската перпсектива на Македонија. Убеден сум дека играта треба да започне. Сигурен сум дека во Европскиот Парламент, но не само таму, вашата земја ќе има клучни поддржувачи и пријатели. Секогаш велам дека оние што се пријатели на Македонија, не се непријатели на никој друг“, рече Петерле.Вицепремиерот Наумовски, пак, од своја страна, посочи дека на средбата се разговарало за сите прашања поврзани со европската интеграција на Македонија, вклучувајќи го и исполнувањето на потребните реформи. „Ги претставивме нашите заложби и во наредниот период како Влада да продолжиме со се’ она што е потребно со цел да се исполнат критериумите за членство, со се’ она што е потребно Република Македонија и македонското општество да се доближат до високите европски стандарди“, изјави Наумовски.Претходно, Петерле се сретна со претседателот Ѓорге Иванов. /крај/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денеска посебен режим на сообраќај во Скопје
Денеска од страна на Сојузот на синдикати на Македонија ќе биде одржан протест пред Собрание на Македонија на улицата „11-ти Октомври“ и улицата „Даме Груев“ и доколку се појави потреба од пренасочување, сообраќајот ќе биде пренасочен по околните сообраќајници.
Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Мали остатоци од снег има на планинскиот превој од (село Лисец – Попова Шапка) кои се задржани на коловозот, извести АМСМ.
Врнежи од снег со слаб интензитет има на патниот правец (Крива Паланка – г.п.Деве Баир) кој не се задржува на коловозот и намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 30 метри, Ѓавато до 100 метри и планинскиот превој Крушево до 40 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.

