Македонија
Амбасадорите порачуваат изборите да бидат слободни и фер
Изборите да бидат слободни и фер, порачаа денеска амбасадорите на САД и Британија, Филип Рикер и Кристофер Ивон и евроамбасадорот Петер Соренсен на последниот ден од кампањата „Каков белег ќе оставиме?
„Многу е битно каков белег ќе оставиме како граѓани утре на денот на гласање. Изборите да бидат слободни и фер. Белегот што ќе го оставиме е битен за иднината на Македонија. Ние како амбасада и ОБСЕ ќе ги набљудуваме изборите и се надеваме дека на крајот ќе имаме позитивни извештаи од тоа каков белег имаме оставено на изборите“ – рече американскиот амбасадор Филип Рикер Евроамабсадорот Соренсен рече дека политиката на Европската Унија е да соработува со било која влада која ќе дојде по утрешните предвремени парламентарни избори. „Сите ние како општество се надеваме дека ќе оставиме демократски белег за слободни и фер избори. Знаме дека можете да го достигнете тоа како општество“ – изјави Соренсен. Британскиот амбасадор Кристофер Ивон го истакна правилото „Еден човек еден глас“ „Се надевам дека гласачите ќе имаат доверба во тоа дека нивниот глас е личен индивидуален и таен. Ќе веруваат дека начинот на којшто тие го даваат гласот е сосема слободен, без притисоци и таен“ – истакна амбасадорот Ивон. Националниот карван „Остави го својот белег“ по тринеделно патување низ западна и источна Македонија завршува денеска во градскиот парк. Во рамките на кампањата беше вклучен и Кодексот на однесување за слободни и фер избори што го потпишаа 38 лидери на политички партии. Кампањата ја организираа Националниот Демократски Институт (НДИ), Мост, Метаморфозис, Македонското женско лоби и Институтот за парламентарна демократија. „Со карванот се контактирани над 40 илјади граѓани и од двете стани на земјата каде што помина карванот. Постои само еден белег кој што се остава за слободни и фер избори, тоа е белегот што го оставија граѓаните во изминативе неколку недели“ – рече Крис Хеншоу од НДИ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.
Македонија
(Видео) Филипче: Врските на Стоиљковиќ со Москва и кинеските кредити се сериозен сигнал
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по обраќањето на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, оцени дека пораките упатени од највисоката адреса на Алијансата се јасни и недвосмислени и директно се однесуваат на актуелната влада. Филипче вели дека врските на вицепремиерот Иван Стоиљковиќ со структури блиски до Москва како и кинеските кредити претставуваат сериозен сигнал за загриженост.
„Фактот дека вториот човек во Владата има отворени контакти со лица и организации кои се во директна комуникација со Кремљ, во време кога Русија води агресија врз Украина, е нешто што не може да се игнорира“, нагласи Филипче.
Тој посочи и на финансиските аранжмани на Владата, потенцирајќи дека заемот од една милијарда евра преку Унгарија, за кој европските институции во свој извештај нотирале дека станува збор за средства со кинеско потекло, отвора сериозни прашања.
„Кога на тоа ќе се додадат и кинеските пари кои пристигнаа преку заемот од Унгарија, станува јасно дека станува збор за политики кои испраќаат погрешни сигнали во рамки на Алијансата. Нашиот одбранбен чадор знае точно какви политики води оваа влада и јасно укажува на нив“, истакна Филипче.

