Македонија
Многу неразјаснети работи околу смртта на Мартин Нешковски
Мотивот за убиството на Мартин Нешковски од страна на припадникот на „Тигрите“, Игор Спасов е се уште мистерија, а институциите веќе започнаа да ја префрлаат топката за тоа кој направил пропусти во истрагата.
Мотивот за убиството на Мартин Нешковски од страна на припадникот на „Тигрите“, Игор Спасов е се уште мистерија, а институциите веќе започнаа да ја префрлаат топката за тоа кој направил пропусти во истрагата.„Според првичните сознанија кои ги имаме, претходела вербална расправија. Осомничениот во полиција одлучи да се брани со молчење, не знам дали истиот се брани со молчење и пред истражниот судија, сепак судот е тој кој одлучува околу вината на осомничениот и судот е тој кој ги утврдува мотивите за делото“, рече на денешната прес конференција, портпаролот на МВР, Иво Котевски. Котевски изјави дека истражниот судија бил повикан на лице место но според него, ниту истражен судија ниту заменик јавен обвинител не дошле за време на вршењето на увидот а исто така, информиран бил уште вечерта и Институтот за судска медицина, доколку процени да испратат нивни вешти лица на лице место.„Сите институции кои беа повикани, ниту една не се одзва на поканата туку напротив, увидот и го препуштија на полицијата“, рече тој.Самата министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска потврди дека службени лица останале со мртвото тело на Мартин, додека осомничениот исчезнал од настанот. „Осомничениот заедно со полициските службеници Мартин го фатиле под рацете, го пренеле во непосредна близина во тревнатиот дел на паркингот пред Мепсо, каде му укажувале помош обидувајќи се да го реанимираат. Осомничениот заминал од местото и ги оставил полициските службеници да го обезбедуваат и да ја чекаат екипата на брзата помош, каде по нивно пристигнување од страна на доктор кај Мартин, констатирана е смрт“, изјави Јанкуловска во средата. Колку е логично, еден осомничен кој голем број на сведоци го виделе дека претепал некого до смрт, да биде пуштен да си отиде од местото на злосторството, без изјава и без земање на лични податоци, го праша Макфакс, портпаролот на МВР, Иво Котевски на денешната прес конференција.„До моментот до известувањето на Институтот за судска медицина, МВР немаше потврда околу причините за настанувањето на смртта. Кажавме и на првата прес конференција, единствено што имавме пријава во МВР, е дека случајот се води како „незнаена смрт“. Значи ниту едно лице, ниту еден медиум, не дојдоа да пријават во МВР и на полицијата да и помогнат при расветлувањето на полицијата“, одговори тој. Полицајците според него не го пријавиле случајот, бидејќи според нивните искази, тие не го виделе чинот на тепањето.На повторно прашање зошто на осомничениот кој го прскал Мартин со вода додека бил во бесознание, не му била земена изјава од службените лица и зошто бил пуштен да си оди, Котевски одговори:„Значи ќе ви повторам. Поднесена е кривична пријава против осомничено лице за кое што откако бевме известени од судска медицина дека станува збор за насилна смрт, беше утврден идентитетот и истиот беше процесуиран од судот. Останатите според нивните искази, помогнаа, за разлика од сите други наводно заштитени сведоци, во идентификација на осомничениот бидејќи беа поврзани приказните од дел од лицата кои подоцна беа повикани или се јавуваа со дел од лицата кои биле присутни за време на укажувањето на помош. Но дел од тие лица кои учествуваат при укажување на помош, односно обидот да се реанимира момчето, тие според нивните искази велат дека не го виделе чинот на тепањето“. Во меѓувреме протестите против насилството и полициската бруталност продолжуваат. Вчера најмалку 3.000 луѓе протестираа во Скопје, а протест имаше и во Битола. На социјалните мрежи најавени се протести и во други градови од внатрешноста. Народниот правобранител, Иџет Мемети исто така побара целосно расветлување на случајот./крај/ко
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пожар во струмичко, поради силниот ветер огнот брзо се раширил
Пожар избувна денеска во 12.30 часот во атарот помеѓу селата Вељуса и Ангелци во Струмица, кој поради силниот ветер се ширел брзо.
Од Територијалната противпожарна единица Струмица соопштија дека била зафатена поголема површина од сува трева и трски.

„ТППЕ Струмица интервенираше со две ПП возила и шест пожарникари-спасители. Пожарот е целосно изгаснат околу 15.00 часот со што е спречено негово ширење и предизвикување поголема материјална штета“, велат од таму.
Во случај на пожар или друга природна непогода граѓаните може да се јават на 112 или 193.
Македонија
Милошоски на Конференцијата на претседатели на парламенти на земјите од ЈИЕ во Будимпешта
Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, на 26 и 27 февруари ќе учествува на Конференцијата на претседатели на парламенти на земјите од Југоисточна Европа, која ќе се одржи во Будимпешта, во организација на Националното собрание на Унгарија.
Станува збор за традиционален меѓупарламентарен форум што се организира од 2004/2005 година и претставува значајна платформа за политички дијалог и парламентарна соработка меѓу земјите од Југоисточна Европа. Фокусот на конференцијата е насочен кон регионалната соработка, европската интеграција и заедничкото справување со актуелните политички, економски и безбедносни предизвици во регионот.
Во рамки на официјалната агенда, на 27 февруари ќе се одржи 12-тата Конференција на претседатели на парламенти, на која ќе учествуваат спикерите и шефовите на делегации од земјите на Југоисточна Европа, како и од земјите на Вишеградската група. Централна тема на првата сесија ќе биде „Состојбата на проширувањето во регионот на Југоисточна Европа“, додека втората сесија ќе биде посветена на „Економските инвестиции и енергетските поврзувања – предизвици и можности во регионот“.
На конференцијата се предвидени обраќања на високи претставници на земјата домаќин, како и на претставници на Европската унија и меѓународни организации, по што ќе следат дискусии и излагања на учесниците. Во завршниот дел е планирано усвојување на заедничка парламентарна декларација, како и билатерални средби меѓу делегациите.
„Собранието на Република Северна Македонија редовно учествува на оваа конференција, која претставува важен дел од напорите за унапредување на парламентарната дипломатија и зајакнување на европската перспектива на регионот“, пишува во соопштението.
Македонија
Предложени мерки за унапредување на правото на здравје на лицата со попреченост
Во Собранието се одржа настан на тема „Унапредување на правото на здравје за лицата со попреченост“, во организација на Интерпартиската парламентарна група (ИППГ) за правата на лицата со попреченост, во соработка со Зета – организација за попреченост и правда, Здружение на лица со церебрална парализа и други попречености – Велес, Порака – Неготино и Еко – Живот – Кавадарци.
Настанот имаше за цел отворање институционален дијалог за унапредување на пристапот до здравствени услуги, подобрување на системските решенија и зајакнување на соработката помеѓу законодавната и извршната власт и граѓанскиот сектор, при што беа презентирани и наодите од анализата за предизвиците со кои се соочуваат семејствата на лицата со попреченост, како и можните решенија поврзани со нивниот медицински третман, со цел обезбедување еднаков и достоинствен пристап до здравствена заштита.
Претседателот на ИППГ за правата на лицата со попреченост, Никола Мицевски, истакна дека правото на здравје е фундаментално човеково право, нераскинливо поврзано со правото на живот и заштитата на човековото достоинство. Уставот гарантира здравствена заштита за секој граѓанин, што претставува обврска институциите континуирано да го унапредуваат системот и да обезбедат еднаков, квалитетен и навремен пристап до здравствени услуги за лицата со попреченост. Собранието останува отворено за предлозите и искуствата на граѓаните со цел носење одржливи и инклузивни решенија.
Во активна дискусија присутните имаа можност да ги искажат предизвиците со кои се соочуваат при остварувањето на правото на здравје, како и предизвиците со кои се соочуваат институциите и другите чинители во оваа област. Беше нагласена потребата од континуирани реформи во здравствениот систем, унапредување на законската рамка, обезбедување финансиска одржливост на услугите и воведување механизми за следење на спроведувањето на политиките.
Како предложени мерки за унапредување на правото на здравје на лицата со попреченост се:
· Ортопедските помагала кои се обезбедуваат на товар на Фондот за здравствено осигурување, да бидат целосно усогласени со индивидуалните потреби на лицата со попреченост, да овозможуваат избор и да бидат со подобар и проверен квалитет, во согласност со современите медицински и технолошки стандарди;
· Адаптација на здравствените установи на сите нивоа на здравствена заштита со цел обезбедување целосна физичка, сензорна и комуникациска пристапност за лицата со попреченост, во согласност со принципите на универзален дизајн;
· Воведување задолжителна, континуирана обука за здравствените работници за работа со лица со различни видови на попреченост, со фокус на пристап базиран на човекови права, достоинство, недискриминација и информирана согласност.
· Унапредување на системот „Мој термин“, со воведување механизми за приоритетно закажување за лицата со попреченост, особено за лица со попреченост кои имаат потреба од поголема поддршка, хронични состојби.
„Настанот се одржа во клучен момент – кога се подготвуваат измените на Законот за здравствена заштита и претставува значаен чекор кон градење поинклузивен здравствен систем, заснован на еднаквост, пристапност и почитување на човековите права. На истиот беа донесени заклучоци во насока на унапредување на правото на здравје за лицата со попреченост“, се наведува во соопштението од Собранието.

