Македонија
Кантримен: Без постапки што разгоруваат емоции
САД продолжуваат да ги поддржуваат тековните напори на ОН на чело со Метју Нимиц за решавање на прашањето во догледно време, како и активната ангажираност меѓу Атина и Скопје,
САД продолжуваат да ги поддржуваат тековните напори на ОН на чело со Метју Нимиц за решавање на прашањето во догледно време, како и активната ангажираност меѓу Атина и Скопје, изјави на заменик-помошникот државен секретар Томас Кантримен, на прашањето на Гласот на Америка за реакцијата на официјален Вашингтон на поставувањето на споменикот „Воин на коњ“ во Скопје. „Кон решение не придонесуваат постапки и изјави од која и да е` страна што разгоруваат емоции. Во обете земји, ги поттикнуваме владите да покажат лидерство, а медиумите – воздржаност, додека Атина и Скопје се обидуваат да најдат разумен компромис, што е можно побргу“ рече Кантримен. Стејт департментот смета дека тоа налага приватни дискусии, одмерени, директни и со почитување, а чија цел е решение што е од корист на обата американски пријатела и што ќе овозможи влез на Македонија во евро-атлантските институции. крај/воа/ва
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Таравари нема информација оти некој рендген не работи, а матичните од Скопје два дена немаат каде да ги испратат на снимање пациентите
Министерот за здравство Арбен Таравари не знае за проблемите со кои се соочија матичните лекари оваа недела кога ординациите им ги преполнија пациенти со грип и пневмонии, а упат за рендген не може да креираат. Министерот Таравари вели дека речиси и да нема болница во земјата во која нема рендген.
„Пред да дојдам тука имав состанок со екипата од ’Мој термин’ за да има што повеќе термини во болниците и на периферијата. Јас немам информација дека некој од рендген-апаратите не работи, повеќето функционираат.
Речиси и да нема болница во државата во која нема рендген-апарати.
Во „Здравствниот дом“ може да нема некаде, меѓутоа во повеќето населени места јас мислам дека постојат и работат. Можеби онаму каде што немаат два-тројца радиолози или педијатри, можеби нема дежурен“, рече Таравари денес по посетата на Детската клиника.
Синоќа, матичниот лекар од Скопје, Драган Ѓорѓиевски, кој истовремено е и претседател на Здружението на лекарите по општа семејна медицина, се пожали дека прегледал 90 пациенти, но ниеден не можел да испрати со итен упат да направи рендген на градите во ек на грипови и пневмонии. Рендген-апаратите биле прикажани како надвор од функција, а онаму каде што биле функционални, биле блокирани итните упати поради големиот метеж, па рендген-снимка на државно на пациентите не им е достапна.
Скопје
Отстранети 50 кубни метри отпад од диви депонии во Чаир, Ѓорче Петров и Карпош
Во текот на изминатото деноноќие, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнаа и транспортираа приближно 50 кубни метри непрописно одложен отпад во скопските општини Чаир, Ѓорче Петров и Карпош.
„Отстранети се 15 кубни метри отпад од картонска амбалажа и петнаесетина автомобилски гуми одложени на јавна површина на улицата Војдан Чернодрински, како и 10 кубни метри кабаст отпад одложен на булеварот Никола Карев (Пластичарска улица) во скопската општина Чаир. Во општината Карпош се подигнати приближно 10 кубни метри кабаст отпад одложен на сообраќајна површина на улицата Загребска, во населбата Козле. ЈП Комунална хигиена-Скопје реализираше активности и во општината Ѓорче Петров, каде што се подигнати 15 кубни метри отпад од диви депонии лоцирани на улиците Лука Геров и Ѓорче Петров“, посочија од ЈП Комунална хигиена Скопје.
Македонија
Докторите немаат никаква грешка за смртта на седуммесечното бебе на Детската клиника, Таравари го доби извештајот од стручната комисија
Лекарите на Детската клиника не направиле грешка при лекувањето на седуммесечното бебе, кое почина на клиниката на почетокот на минатиот месец откога првин беше одбиено за хоспитализација, а по два дена, со влошена состојба, било примено на лекување. Министерот за здравство Арбен Таравари денес извести дека го добил извештајот од стручната комисија.
„Нема одговорност од докторите. Извештајот пристигна, јас го прочитав уште во понеделникот, ако не се лажам. За среќа, професионалците констатираа дека докторите немаат никаква грешка. Можеби болеста си го направила своето, можеби доцна е донесено детето, меѓутоа констатирано е дека нема лекарска грешка“, рече министерот Таравари.
Низа вонредни инспекции беа направени на Детската клиника минатиот месец по смртта на седуммесечното бебе. Државниот санитарен и здравствен инспекторат забележа пропусти и укажа дека Клиниката била должна да издаде писмено образложение за одбивањето прием на болничко лекување, т.е. кога не бил направен прием на бебето, а констатира и дека не е решен проблемот со присуство на специјалист во дежурната амбуланта за што најави прекршочна постапка. ДСЗИ, по констатирањето на неправилностите, му предложи на министерот да формира стручна комисија во чија надлежност е да утврди дали лекарите направиле грешка при лекувањето на бебето.
Родителите на бебето за медиумите изјавија дека првиот пат кога побарале помош оти бебето имало црвенило на лицето и нозете, по направената лабораторија, ги прошетале клиниките во „Мајка Тереза“, завршиле на Детската клиника, од каде што ги одбиле за хоспитализација. Но, по два дена, му се влошила состојбата на бебето, се вратиле на Детската клиника и бебето било хоспитализирано, но за пет дена починало.