Македонија
Иванов:Поддржувам дебата за работата на службите на редот и мирот
Македонскиот претседател Ѓорге Иванов ја поддржа иницијативата за отворање на дебата за работата на службите на редот и мирот и нивната работа и одговорност во рамките на законот и единствено во интерес на граѓаните.
Македонскиот претседател Ѓорге Иванов ја поддржа иницијативата за отворање на дебата за работата на службите на редот и мирот и нивната работа и одговорност во рамките на законот и единствено во интерес на граѓаните. Поддршката на Иванов доаѓа преку отвореното писмо до медиумите, што следи откако повеќе стотици млади луѓе неколку дена протестираат низ центарот на Скопје, со барање да се расветли убиството на младиот Мартин Нешкоски, а виновниците да бидат казнети. „Oдлуката на младите луѓе, поттикнати од оваа голема трагедија, да се ангажираат и да ги искажат своите ставови ја сметам за искрена иницијатива и искрена желба да се придонесе за подобрување на демократијата. Активистите кои се ангажираа на протестите или беа активни преку социјалните мрежи покажаа одговорност и сериозност. Но апелирам интернетот и социјалните мрежи да не се користат за промовирање на говорот на омразата. Се надевам дека овој вид на конструктивност ќе вроди со прогрес и унапредување на функционирањето на сите демократски институции во Република Македонија“, се вели во отвореното писмо на Иванов. Тој се придружи на повиците овој случај да биде расветлен преку институциите на системот, согласно Уставот и законите, и одговорното лице или лица да бидат казнети. „Секогаш сум поддржувал и сум учествувал во иницијативи за отворање на дебати како да се обезбедат повисоки стандарди на демократијата и слободата во Република Македонија. Тоа го правам и сега, особено кога такви иницијативи доаѓаат од млади луѓе. Вашата иницијатива, за отворање на дебата за работата на службите на редот и мирот и нивната работа и одговорност во рамките на законот и единствено во интерес на граѓаните, ја има мојата поддршка. Во интерес на сите нас е оваа дискусија да се води рационално. Македонија е доволно зрела демократија и отворено општество да овозможи сите граѓански иницијативи за подобрување на системот, да се артикулираат низ институциите. Јас, како Претседател на Република Македонија, сум подготвен да бидам активен учесник во оваа дискусија“, истакнува Иванов, во отвореното писмо до медиумите. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.
Македонија
Повредата на данскиот скијач не се случила на патека под наша надлежност, велат од Ски центарот „Попова Шапка“
Повредата на скијачот од Данска не се случила на официјална патека администрирана од „Попова Шапка“, бидејќи ски-лифтот „Церипашина“ не бил во функција поради силните ветрови и неповолни временски услови, информираат од Ски Центарот.
Се додава дека скијачот бил гостин на приватен оператор кој работи надвор од патеките управувани од овој центар.
„Ски центарот сноси одговорност исклучиво за патеките и просторот што се под наша официјална администрација и управување, а не и за зоните каде што оперираат трети страни надвор од овие патеки“, се наведува во соопштението на Ски Центарот Попова Шапка..
И покрај тоа, веднаш по добивањето на информацијата за повредата, спасувачката единица излегла на терен за да обезбеди помош и да асистира при транспортот и третманот на повредениот.
Од Центарот посочуваат дека безбедноста на посетителите останува врвен приоритет и му се заблагодаруваат на спасувачкиот тим за брзата и професионална реакција.
„Макфакс“ претходно објави дека 24-годишниот скијач од Данска бил пронајден на Попова Шапка, а според информациите од полицијата тој бил повреден од снежна лавина и со повреди пренесен во болница во Скопје.

