Македонија
Kривична пријава против Цаноски

Општина Гази Баба поднесе кривична пријава против пратеникот и претседател на ПЕИ, Фијат Цаноски, кој се јавува како инвеститор и изведувач на комплексот „Космос“, соопшти градоначалникот на општината Гази Баба, Тони Трајковски.
Освен против Цаноски, кривична пријава деновиве ќе биде поднесена и против надзорот.„Бидејќи градбата се изведувала спротивно на Законот за градење, спротивно на основниот проект против сите учесници во градбата, инвеститорот, изведувачот, надзорот ќе се преземат соодветни постапки“, изјави градоначалникот на скопската општина Гази Баба, Тони Трајковски.Тој ја демантираше информацијата на Фијат Цаноски дека временскиот период за спроведување на решението за отстранување на градбата бил многу мал.„Во тој временски период тој ја немаше ни отпочнато постапката за спроведување на решението за отстранување на градбата. Напротив тој продолжи со градењето, така да инспекторката на лице место во присуство на инвеститорот во присуство на изведувачот констатира дека во тој временски период кога тој требаше да отпочне со отстранување на градбата тој имаше правено активност бетонирање на столбови. Видовме дека инвеститорот нема намера да започне постапка за отстранување на објектот, започнавме со прислино административно извршување на решението донесено од инспекторатот. Доколку инвеститорот имаше почнато активност за отстранување на објектот и побараше од општина Гази баба да му се продолжи рокот, ние ќе го продолжевме рокот“ рече Трајковски и праша по кој основен проект ја изведувал постоечката градба, дали е тоа бил основниот проект кој е заверен од страна на општина Фази Баба или тоа е основниот проект кој што е донесен за измени на основниот проект во текот на градбата.Цаноски, чиј комплекс „Космос“ од минатата недела се руши денеска најави дека ќе ја тужи државата пред судот во Стразбур. Комплексот „Космос“ почна да се урива минатата недела бидејќи целиот објект, според општина Гази Баба бил надвор од рамките на проектот што го добил одобрението за градба што го издале службите на Општина Гази Баба. Целата градба била повисока за метар и 43 центиметри во однос на апсолутната кота којашто била измерена од геодетска фирма. Комплексот се градеше покрај Вардар кај мостот „Близнак“, во непосредна близина на Универзитетот ФОН, кој исто така е во сопственост на Цаноски. Предвиден беше како луксузен станбено-деловен комплекс со 562 стана.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола ќе добие Факултет за медицина

Владата ја разгледа и усвои информацијата за потреба за основање на Факултет за медицински науки и здравство при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола.
„Формирањето на Факултетот за медицински науки и здравство како единица во состав на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола претставува стратешка неопходност за унапредување на здравственото образование особено во Пелагонискиот и Југозападниот регион на Република Северна Македонија“, велат од Владата.
Новоформираниот факултет ќе има задача да биде правен наследник на Високата медицинска школа, каде освен тригодишни студии ќе може да се акредитираат четиригодишни студиски програми по медицински сестри и акушерки.
Од Владата велат дека имајќи го предвид фактот дека е потребно време да се испочитуваат мислењата од сите надлежни институции, како на пример да се разгледа проектот за основање на Факултетот за медицински науки и здравство како единица во состав на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола од страна на Одборот за акредитација на високото образование, да се донесе закон за основање, и да се испочитува членот 149 од Законот, каде е наведено дека запишувањето на студии се врши врз основа на јавен конкурс кој го објавува универзитетот, односно самостојната висока стручна школа кој ги реализира студиите најмалку пет месеци пред започнувањето на наставата, Министерството за образование и наука предложи Факултетот за медицински науки и здравство да отпочне со работа од студиската 2026/2027 година, а во меѓувреме да се завршат сите постапки согласно Законот за високо образование.
Македонија
Ќе се градат и реконструираат 30 спортски сали во училиштата, најави Владата

Владата најави дека ќе се градат и реконструираат 30 спортски сали во основните и средни училишта.
Владата ја разгледа и усвои информација за обезбедување на буџетско учество за реализација на заемот за изградба и опремување на 30 училишни спортски сали во основните училишта и реконструкција на училишта.
Во рамките на Министерството за образование и наука се реализира проектот – Изградба и опремување на 145 училишни спортски сали и рехабилитација на основни и средни училишта. Истиот има за цел да обезбеди подобри услови за реализација на наставата, како и да го унапреди училишниот спорт, здравјето и здравите навики на учениците.
„Изградбата на училишни спортски сали е дел од програмата на Владата и е уште еден од проектите кои започнуваат постапка за нивна реализација. За таа цел, Владата ја разгледа и усвои информацијата за обезбедување на буџетско учество за реализација на заемот за изградба и опремување на 30 училишни спортски сали во основните училишта и реконструкција на училишта и даде согласност за преземање обврски за чие плаќање е потребно користење на буџетски средства во 2026, 2027, 2028 и 2029 година за заемот за изградба и опремување на 30 училишни спортски сали во основните училишта и реконструкција на училишта“, се наведува во соопштението.
Македонија
Владата одобри средства за набавка на инсулин

Владата на денешната 73 редовна седница ја усвои информација за давање согласност за финансиски средства за набавка на инсулин, глукагон, инсулински игли и ленти за мерење шеќер, инсулински пумпи со потрошен материјал и сензори за континуирано мерење на гликемија за периодот април 2025 – април 2027 година.
За оваа намена ќе бидат потрошени 2.319.311.828,00 денари со вклучен ДДВ, од кои 1.854.864.916,00 денари со вклучен ДДВ се средства потребни за инсулинска терапија и 464.446.912,00 денари со вклучен ДДВ средства потребни за инсулински игли и ленти за мерење шеќер, инсулински пумпи со потрошен материјал и сензори за континуирано мерење на гликемија.
„Средствата е предвидено да се исплаќаат од Програмата за обезбедување на инсулин, глукагон, инсулински игли и ленти за мерење шеќер, инсулински пумпи со потрошен материјал и сензори за континуирано мерење на гликемија со точно утврдена динамика на плаќање. Владата останува посветена на унапредување и грижа за здравјето на сите граѓани“, соопштија од Владата.