Македонија
МИМ:Отпуштањето на Чаусидис е меѓународен преседан
Отпуштањето на Синдикалниот лидер на новинарите или нејзиното „откажување на договорот“ е невиден преседан во европски и меѓународни рамки, реагираат од Македонскиот институт за медиуми.
Отпуштањето на Синдикалниот лидер на новинарите или нејзиното „откажување на договорот“ е невиден преседан во европски и меѓународни рамки, реагираат од Македонскиот институт за медиуми. Тамара Чаусидис, претседателката на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, инаку вработена во Алсат М телевизија, денеска соопшти дека вчера била информирана за прекинување на нејзиниот договор за вработување, односно дека е одјавена од работа врз основа на „спогодбен договор за отказ“.„Станува збор за злоупотреба, манипулација или уцена на работниците, да потпишат или да се злоупотреби нивниот потпис врз основа на нешто што се вика согласност за отказ. Оваа појава е сериозен проблем затоа што ги суспендира сите закони и сите права кои ги имаат работниците. Како е дојдено до тоа јас да ставам потпис на спогодбен отказ, тоа допрва ќе се докажува во судска постапка и ве уверувам дека ќе биде добиена. Ова е појава која мора да биде генерално адресирана, бидејќи ги суспендира сите закони и ги држи колегите во една заложничка позиција од која не можат да излезат“, рече Чаусидис. Таа додаде дека отказот е директен атак врз Синдикатот, поттикнат и охрабрен и од други инситутиции кои сакаат да се сосече во корен обидот за солидаризирање и обединување на новинарите. „Во европски и меѓународни рамки ова е еден сериозен преседан на функционирањето на правната држава, и правата и слободите на новинарите и верувам дека не постои држава во развиениот свет во која преку ноќ се носат решенија за откажување на договорот за работа на првиот синдикалец на новинарите и на медиумските работници“, порача Биљана Петковска, извршен директор на Македонскиот институт за медиуми.Новинарот Боби Христов, кој во слични услови исто така беше отпуштен од телевизијата Алсат М, тврди дека на удар се активистите во синдикатот на новинарите.„Заедничко со мојот и случајот на Тамара е тоа што и двајцата бевме вработени во Алсат М, и станува збор за идентичен случај, за отпуштање од работа од денес за утре, со наводно потпишани претходни спогодби за прекин на работниот однос. Специфично е тоа што станува збор за синдикални активисти, Тамара е претседател, а и јас бев претставник на Синдикатот во Алсат М“, изјави тој. Чаусидис на прес конференција порача дека нејзиниот отказ е токму она што на Синдикатот му било потребно. „Доказ повеќе, мотив повеќе дека сме на вистинскиот пат, дека се плашат од нас и дека ја доживуваат нашата сила многу повеќе отколку ние самите сме свесни, затоа не напаѓаат и затоа сакаат да го сосечат во корен обидот да се организираме. Ве уверувам и во име на тие шестотини наши членови но и во име на оние кои ќе бидат, дека допрва почнуваме да се организираме. Сега имаме и слободно време и тоа ќе го искористиме токму на синдикалното организирање“, рече таа.Отказот на синдикалната лидерка на новинарите и медиумските работници го осуди и Насер Селмани, Претседател на Здружението на новинари на Македонија и упати апел до сите државни инспекции и трудовата инспекција да превземат мерки против ваквите незаконски отпуштања на медиумски работници. „Ова е јасна порака, да се убие обидот синдикално да се организираме уште на почеток и е неодговорна одлука на сопственикот и на менаџментот на Алсат телевизија и не знам зошто тие се одлучија да бидат први кои ќе дадат отказ на синдикалниот лидер во време кога тој има законска заштита. Тоа не смеат да го прават“, рече Селмани. Од Синдикатот на новинарите информираа дека за ваквите отпуштања е информирана Меѓународната федерација на новинари, која во свое име ќе реагира до Меѓународната организација на трудот, бидејќи не се работи за еден случај, туку за повеќе откази потпишани од самите вработени по пат на измама или принудно. „Како што е идеална сега ситуацијата за работодавачите така е идеална и за синдикатот. Ние почнуваме да го воведуваме редот. Ова е борба, а во борбата мора да има жртви. Тој кој не е подготвен да загуби нема ни да добие. Од есен очекувам уште подобра почва за вистинско синдикално организирање и активизам и ве уверувам дека тоа ќе се случи. Постои една точка до кој човекот можете да го плашите потоа тој престанува да се плаши, кога гледа дека веќе нема што да загуби. Апелирам до работодавачите да не ја дотераат фелата до таа точка, но имам впечаток дека апелот ми е залуден, така што ќе го добијат одговорот“, порача денеска Чаусидис.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) СДСМ ја напушти седницата откако предлогот за минимална плата од 600 евра не се најде на дневен ред
Пратениците на СДСМ ја напуштија седницата во Собранието откако владејачкото мнозинство одби предлог-законот за минимална плата да биде ставен на дневен ред. Во меѓувреме пред Собранието се одвиваше блокадата организирана од Сојузот на синдикати за зголемување на минималната плата на 600 евра и на другите плати за 100 евра.
„Не може моето право како координатор или пратеник од опозицијата да е послабо од правото на кој било пратеник на власта“, нагласи координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, повикувајќи го претседателот на Собранието, Африм Гаши, да образложи зошто предлогот за зголемување на минималната плата не се стави на гласање, и пред пратениците, и пред граѓаните кои го блокираа Собранието.
Спасовски појасни дека СДСМ го поднел предлогот за изменување и дополнување на Законот за минимална плата на 31 јануари, со што бил исполнет условот точките поднесени до крајот на минатиот месец да бидат ставени на седницата.
„Дополнувањето односно поправањето на текстот, според собранискиот Деловник, не значи повторно поднесување“, рече Спсовски. Според него, барањето на синдикатите минималната плата да се зголеми на 600 евра или 36.960 денари е реална основа и постои можност за обезбедување финансиски средства.
„Има можност, само треба политичка волја да се излезе на барањето на работниците“, додаде Спасовски, потсетувајќи дека кога владата на СДСМ го почнала мандатот, минималната плата била 8.600 денари, а кога завршил 22.400 денари.
СДСМ остро реагираше на одлуката на претседателот на Собранието, истакнувајќи дека постапката создава двојни стандарди.
„Не може да имате двојни стандарди во однос на поднесување на законски текстови. Ако ги извадите стенограмите, ќе видите на колку седници реагирам дека се ставаат на дневен ред предлози доставени до почетокот на седницата, но само ако предлогот е од ВМРО-ДПМНЕ“, рече Спасовски.
По едночасовната пауза, пратеничката група на СДСМ одлучи да не учествува во продолжението на седницата, нагласувајќи дека „оваа пракса уште повеќе го руши дигнитетот на Собранието и ги става пратениците во подредена улога едни наспроти други“.
Македонија
Македонското небо се врзува со Сингапур: потпишан стратешки меморандум
Во рамките на престижниот глобален авијациски самит „Changi Aviation Summit 2026“, директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство, Драги Стојаноски и генералниот директор на Управата за цивилно воздухопловство на Сингапур, Хан Кок Јуан, официјализираа нов, сеопфатен Меморандум за разбирање.
Овој чин, реализиран за време на посетата на Стојаноски како висок делегат на специјална покана од сингапурските власти, означува суштинско унапредување на билатералните односи и директно поврзување на македонскиот воздухопловен сектор со еден од водечките светски авијациски центри.
„Потпишувањето на овој стратешки документ, претставува директна валоризација на новите политики на менаџментот на АЦВ како за меѓународно етаблирање на институцијата така и за забрзување на темпото за што побрза примена на најновите безбедносни стандарди. Со овој чекор се отвора широка рамка за институционален развој преку напредна едукација и специјализирани програми за обука во Сингапурската воздухопловна академија (SAA), која важи за една од најреномираните во светот“, соопшти Министерството за транспорт.
Договорот предвидува директна размена на експертиза и примена на најдобри практики во делот на регулативата, безбедносниот надзор и лиценцирањето, со што македонските воздухопловни власти ќе ги хармонизираат своите капацитети со најстрогите глобални стандарди. Покрај едукативната компонента, Меморандумот има силен регионален и технолошки фокус. Соработката подразбира заедничка реализација на проекти кои не само што ќе го зајакнат домашниот сектор, туку имаат потенцијал да ја позиционираат Македонија како регионален лидер во примената на иновативни решенија во воздушниот сообраќај.
Ова партнерство, како што велат од Министерството, е јасен показател за решителноста на Агенцијата да ги следи и имплементира најсовремените технолошки трендови во меѓународното цивилно воздухопловство.
Во својата изјава, директорот на АЦВ, Драги Стојаноски, истакна дека овој меморандум ја потврдува посветеноста кон примената на највисоките меѓународни стандарди на ICAO. Тој нагласи дека соработката со глобален лидер како Сингапур овозможува пристап до врвна експертиза со која дополнително ќе се подигне нивото на безбедност и ефикасност на македонското небо.
Македонија
Владата најави вонредни контроли на фирмите за медицински канабис
Владата на 149-тата седница одлучи да ги задолжи надлежните институции да спроведат вонредни контроли на сите фирми што имаат одобрение за одгледување и производство на канабис за медицински цели и во рок од 45 дена да достават извештај. Како што појаснуваат, контролите се со цел да се спречи индустриско нелегално производство и пласман на домашниот и меѓународниот пазар.
Воедно, ќе бидат именувани членовите на меѓуресорската државна комисија за борба против недозволено производство, трговија и злоупотреба на дроги. Од Владата посочуваат дека комисијата, формирана во 2017 година, досега не била активна и немала резултати, поради што во иднина ќе се бараат редовни извештаи за нејзината работа.
На истата седница е донесена и одлука за конечно решавање на проблемот со паркирањето во Клиничкиот кампус „Мајка Тереза“. Со одлуката се создава правна основа за потпишување договор меѓу Министерството за здравство и Градот Скопје.
Министерството за здравство во рок од три месеци го завршило процесот на регистрација на парцелите во Катастар и изработка на соодветни елаборати, со што се отвора можност за изградба на модерен и функционален паркинг, вклучително и катни гаражи, како и воведување софтверско решение за управување. Според Владата, проектот треба да обезбеди подобри услови за пациентите, здравствените работници и граѓаните што ги користат услугите на кампусот.
Владата го усвои и Предлог-законот за Советот на јавни обвинители, кој заедно со Предлог-законот за Јавно обвинителство добил позитивно мислење од Венецијанската комисија. Според информацијата, усвојувањето на овие закони во Собранието ќе значи исполнување на чекор од Реформската агенда.
„Нашата цел како Влада е да воспоставиме неселективност во постапувањето и да преземаме политики во интерес на граѓаните“, порачаа од Владата, додавајќи дека продолжуваат со реализација на програмата за обезбедување подобар, поквалитетен и побезбеден живот за сите.

