Македонија
Трајковски: Цаноски градел од декември, а доставил проект во јули

Пратеникот и лидер на ПЕИ Фијат Цаноски градел од декември, а основниот проект и неговите измени ги доставил до општината во јули. Градоначалникот на општина Гази Баба, Тони Трајковски и денеска го праша
Пратеникот и лидер на ПЕИ Фијат Цаноски градел од декември, а основниот проект и неговите измени ги доставил до општината во јули. Градоначалникот на општина Гази Баба, Тони Трајковски и денеска го праша Цаноски врз основа на кој проект градел.
„Овој проект е изготвен во седми месец, ревидиран е во седми месец, не би можел тој да гради од декември до сега по овој проект затоа што го немал. Го прашувам по кој проект ја изведувал постоечката градба“ изјави Трајковски.
Тој соопшти дека и измените и дополнувањата на основниот проект кои што ги доставил пратеникот Цаноски во јули не биле во согласност со Законот за градба и Деталниот урбанистички план.
Сите активности кои што ги презел инвеститорот, фирмата „Фине“, биле откако инспекторката констатирала нерегуларности при изградбата и „флагрантни отстапувања и кршења и на основниот проект и на Деталниот урбанистички план и на Законот за градење“. Општината донела решение со кое што се одбива барањето на инвеститорот за измени и дополнувања на основниот проект.
„Проектираната површина на приземјето излегува надвор од градежната линија, во мезанинот, во продолжение на спратот има простор планиран за паркирање на цела површина за градење и тоа е многу поголема од онаа површина која што му е дозволена, намената паркирање на приземје е спротивна на ДУП каде што точно и прецизно е напоменато дека на приземјето не може да има паркирање. Сообраќајното решение му е тотално промашено и е спротивно на ДУП“, се дел од неправилностите кои ги наведе градоначалникот.
Инаку кривична пријава, како што појасни Трајковски, ќе има против фирмата на Цаноски, „Фине“ и нејзиниот управител, Адријан Амзоски, против надзорот, а најави кривична и против проектантот. Овие субјекти ќе се гонат кривично поради непочитување на Законот за градење. Надзор на објектот вршела фирмата „Елса инженеринг“.
Трајковски тврди дека Цаноски имал некоректен однос и одбивал да ги прими документите кои му ги доставувала општината.
Од канцеларијата на Цаноски велат дека досега не стигнало ништо кај нив и дека се на колективен одмор, доколку стигнело нешто својот став ќе го кажеле утре.
Комплексот “Космос“ почна да се руши минатата недела бидејќи целиот објект, според општина Гази Баба, бил надвор од рамките на проектот што го добил одобрението за градба што го издале службите на Општина Гази Баба.
Целата градба била повисока за метар и 43 сантиметри во однос на апсолутната кота којашто била измерена од геодетска фирма.Комплексот се градеше покрај Вардар кај мостот “Близнак“, во непосредна близина на Универзитетот ФОН, кој исто така е во сопственост на Цаноски. Предвиден беше како луксузен станбено-деловен комплекс со 562 стана. /крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Идентификувани 20 лица осомничени за подметнување пожари во Скопје

Премиерот Христијан Мицкоски денес изјави дека дваесетина лица се идентификувани како осомничени за серијата подметнати пожари во Скопје.
Според него, Министерството за внатрешни работи веќе собрало дојави и информации за нивните активности, а во координација со Министерството за животна средина ќе следуваат конкретни акции.
„Идентификувани се дваесетина лица за кои постои основано сомневање дека стојат зад целиот овој процес“, изјави Мицкоски додавајќи дека институциите интензивно работат на расчистување на случаите.
Тој посочи и дека веќе постои снимка, која јасно покажува како бил подметнат пожарот во еден објект во Скопје рано утрото во 4.30 часот.
„Видовте колку дрско се подметнува пожар и тоа е уште еден доказ дека постојат центри на моќ што сакаат да внесат страв и паника пред изборите“, рече премиерот.
Според него, заседавањето на врвот на структурите на МВР е во тек, а институциите се решени да ги спречат обидите за создавање нестабилност. „Тие ќе конструираат, ќе лешинарат, ќе подметнуваат. Ние чесно ќе работиме, ќе се бориме и на крајот – повторно ќе победиме“, порача Мицкоски.
Македонија
Идните рудари и инженери од Македонија, Хрватска и од Норвешка на практична обука во „Булмак 2016“

Компанијата „Булмак 2016“ од Пробиштип, која управува со рудниците „Злетово“ и „Тораница“, активно вложува во образованието преку практична настава и опремување стручни кабинети во средните училишта. Во партнерство со училиштата „Наум Наумовски-Борче“ (Пробиштип) и „Коле Нехтенин“ (Штип), како и со Универзитетот „Гоце Делчев“, компанијата овозможува реална обука за ученици и студенти од геолошко-рударската, машинската и од техничката струка.
Секоја година над 30 средношколци и десетина студенти добиваат можност да учат директно во производствените погони, облечени во рударска униформа и со ламба во раката – симбол на нивниот прв чекор во професијата. Практичната настава се реализира со сертифицирани ментори од областа на рударството, геологијата, електротехниката и машинството.
„Булмак 2016“ не обучува само млади од Македонија – туку и студенти од Хрватска и од Норвешка, кои преку научни екскурзии добиваат можност да се запознаат со современите рударски технологии и процеси. Оваа интернационална соработка ја позиционира компанијата како регионален центар за практична инженерска обука.
Покрај теренската обука, „Булмак 2016“ активно поддржува и опремување стручни кабинети во училиштата, овозможува стипендии за ученици, а за студентите од повисоките години – вработување и поддршка за магистерски и за докторски трудови.
Со оваа програма компанијата не само што го продолжува рударското наследство во регионот туку создава генерации млади инженери и техничари подготвени за современи предизвици – дома и во Европа.
Македонија
Адеми: Мицкоски сака да биде тој што одлучува за и во име на Албанците

Синоќа, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пред целата јавност јасно ја откри суштината на својата политика: „Целта на овие избори е ДУИ да исчезне од политичката сцена“. Со Ова Мицкоски ја потврди веродостојноста на сè она што ДУИ го зборува со месеци, Мицкоски сака да биде тој што одлучува за и во име на Албанците, истакна на прес-конференција потпретседателот на ДУИ, Арбер Адеми.
Како што вели, идејата на Мицкоски, кој е маша во рацете на српскиот свет, е да спречи обединување и моќно претставување на Албанците. Само така, додава Адеми, ќе може тој и неговите патрони од северот да продолжат да го понижуваат албанскиот народ, а во власта да имаат понижени и слаби албански политичари како „Вреди“, кои ќе молчат само за да ги зачуваат своите фотелји.
„Мицкоски не сака да победи на избори, туку да избрише цела една политичка идеја за рамноправност, цел еден народ од јавниот и од политичкиот живот на Македонија.
Кога Мицкоски вели „ДУИ да исчезне“, тој вели дека Албанците немаат право сами да одлучуваат кој ќе ги претставува. Тој вели дека е време некој друг – поточно тој – да одлучи кој е прифатлив Албанец, кој може да седи на масата, а кој не. Тоа е обид за политичко чистење, кое опасно ќе му се удри од глава.
Мицкоски треба да знае дека Албанците сами избираат кој ги претставува и дека со овие изјави ја отвори вратата на пеколот, кој му следува на 19 октомври. На 19 октомври неговите пудлици од „Вреди“ ќе претрпат стравотен пораз. На 19 октомври Мицкоски ќе ги дознае моќта и поривот на Албанците да не трпат наметнати решенија. Еднаш вака згреши Заев, истата грешка ја прави и Мицкоски“, порачува Адеми.
ДУИ, додава тој, можеби не била совршена, но ДУИ, како што вели, отсекогаш била изборот на Албанците.
„’Не’ на Мицкоски. ‘Не’ на централните штабови на ВМРО. ‘Не’ на структури што сакаат покорни Албанци, кои ќе креваат рака кога ќе им се каже.
Токму затоа на 19 октомври Албанците јасно ќе кажат: Никој, апсолутно никој, нема право да го избира политичкиот претставник на Албанците, освен самите Албанци.
Најтрагично е што ‘Вреди’ е неговата алатка. ‘Вреди’ е неговиот проект за контролирана албанска политичка сцена. ‘Вреди’ е неговиот тројански коњ во Чаир, во Тетово, во Струга. Граѓаните тоа го гледаат, чувствуваат и знаат.
Нашата порака е јасна: Ние нема да исчезнеме, нема да се поклониме, нема да дозволиме некој друг да го избере нашиот пат“.