Македонија
Прославата на независноста без странски државници
Ниту еден странски државник не е на листата од над 2.000 поканети гости што ќе бидат дел од централната прослава на 20-годишнината од независноста на Македонија, што на 8 Септември ќе се одржи на централниот плоштад во Скопје.
Ниту еден странски државник не е на листата од над 2.000 поканети гости што ќе бидат дел од централната прослава на 20-годишнината од независноста на Македонија, што на 8 Септември ќе се одржи на централниот плоштад во Скопје.
Елизабета Канчевска-Милевска , министерката за култура презентирајќи ја целокупната програма за прославата на јубилејот, рече дека било одлучено акцентот да биде ставен на домашните личности што дале придонес во остварувањето на стремежот за независност.
„Одлуката беше да се поканат само домашни личности, односно граѓаните на Република Македонија, личности од политичкиот, општествениот, културниот живот, образовниот живот, сите оние кои што во изминатиот период дале значителен белег за независна и суверена Република Македонија“, изјави Канчевска-Милевска.
Прославата на независноста вечерта на 8 Септември ќе почне во 18 часот, кога првиот парламентарец, Трајко Вељаноски ќе ја изнесе оригиналната декларација за независност од 1991 година. Документот ќе биде преземен од страна на Гардата на АРМ и ќе биде пренесена до Музејот на македонската борба.
Прва станица на свеченото дефиле ќе биде Портата „Македонија“, низ која прво ќе поминат 1.000 деца, како симбол за иднината на Македонија. Децата, заедно со Калиопи Букле ќе изведат роденденска песна на композиторот Марјан Неќак.
Предвидено е дефилето да се упати кон плоштадот „Македонија“, каде до спомениците на Методија Андонов – Ченто, Цар Самуил, Гоце Делчев, Даме Груев, Гемиџиите и Јустинијан Први ќе стојат актери во костими од времето на кое припаѓаат историските личности.
Потоа гардата ќе ја пренесе Декларацијата до новиот музеј, каде ќе му биде предадена на претседателот Ѓорге Иванов. Во чест на поставувањето на декларацијата во Музејот, АРМ на скопското Кале ќе испука топовски плотуни.
Предвидено е, по повод отворањето на музејот, да се одржи театарски ораториум „Непокор“, илустриран со познати сцени од македонската историја. Пред музејот, припадници на АРМ ќе изведат почесна стрелба во чест на сите загинати херои за Македонија.
Централниот дел од прославата ќе се одржи на плоштадот „Македонија“, каде ќе биде поставена 40 метри долга бина. Предвидено е обраќање на премиерот Никола Груевски, по што ќе следува грандиозното пуштање во употреба на фонтаната со споменикот „Воин на коњ“. Ќе биде премиерно изведена и свечената композиција „Македонија“ од страна на дваесетина естрадни ѕвезди. Прославата ќе финишира со настап на околу 90 изведувачи на забавна и народна музика.
За централната прослава, ќе биде организиран бесплатен превоз од вкупно 83 градови и општини.
„Главната идеја беше на централната прослава да се спојат минатото, сегашноста и иднината на Република Македонија, тргнувајќи од фактот дека генерациите денес го живееме големиот сон на сите наши сограѓани во минатото кои што се бореле за денешната независност“, изјави Дејан Пројковски, режисер.
Во чест на 20-годишниот јубилеј, се предвидени повеќе активности што ќе се случуваат во текот на месец септември. На самиот празничен ден пред почетокот на централната прослава е предвидено положување цвеќе на гробовите на првиот премиер на независна Македонија, Никола Кљусев и на покојниот претседател, Борис Трајковски. За истиот ден се предвидува пуштање во употреба на делницата Табановце – Куманово, промоција на 130 тома македонска книжевност на англиски јазик, а пред изнесувањето на декларацијата од Собранието е закажана средба на Вељаноски со членовите на комисијата за спроведување на референдумот од 1991 година.
Ден претходно, во Собранието на свечена седница ќе биде одбележан јубилејот.
За 6-ти септември е предвидена промоцијата на двокатните автобуси, наменети за јавниот превоз во Скопје, како и пуштањето на новиот терминал на аеродромот „Александар Велики“.
Засега останува непознато колку ќе чини одржувањето на прославата. Според министерката Канчевска-Милевска, сите културни работници ќе настапат без да им бидат исплатени хонорари, додека за чинењето на техничкиот дел од организацијата, таа најави дополнителни информации. /крај/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Зелени коридори на сите премини и размена на искуства и податоци: Скопје и Атина со заеднички план за побрза трговија
Блиската соработка на Царинските управи на Македонија и Република Грција носи видливи придобивки за економиите на двете земји, при што двете страни се длабоко посветени кон унапредување на безбедноста и забрзување на протокот на стока преку засилена соработка, размена на искуства и споделување податоци.
Проширување на примената на зелените коридори на сите граничните премини, споделување на најдобрите практики и искуства на државната хемиска лабораторија на Грција, како и унапредување на соработката помеѓу службите за контрола и истраги, се дел од иницијативите што ќе бидат опфатени во заедничкиот Акциски план на коишто двете страни започнуваат да работат веднаш. Ова се дел од заклучоците на денешната билатерална средба на делегации од двете царински управи предводени од директорите Бобан Николовски и Димитриос Бурикос, на која активно учествуваше и директорката на Националната лабораторија на Грција, Софија Зиси.
„Овој состанок го гледам како можност за утврдување на конструктивни заеднички активности во областа на ефикасни контроли и практични мерки за олеснување на трговијата на границата, имајќи ги предвид напорите и активностите кои Царинската управа на Република Северна Македонија ги спроведува на патот на интеграцијата кон Европската Унија“, истакна Бурикос.
Директорот Бурикос во своето обраќање особено се осврна на реформата на Царинската унија на ЕУ, која значително ќе влијае на идната соработка. Во оваа насока, тој се осврна на трите главни области кои се акцентирани со реформата – централизација на царинските податоци преку заеднички Царински податочен центар на ЕУ, целосна дигитализација, како и поедноставување на постапките преку унапредување на програмата за Овластен економски оператор како клучна за олеснување на трговијата и зајакнување на безбедноста во синџирот на снабдување преку партнерство со приватниот сектор.
Директорот Николовски нагласи дека Царинската управа е цврсто посветена кон спроведување на реформската агенда за побрза интеграција во единствениот пазар на ЕУ, при што размената на искуства со Грција, како земја членка е од големо значење за понатамошно усогласување со европските системи и практики.
„Преку соработката со грчката Царинска управа јасно потврдуваме дека нема отстапувања од нашата цел, изградба на модерна царинска служба што работи по највисоки стандарди. Во фокусот на нашата соработка во периодот што следи се модернизација на царинската лабораторија, унапредување на контролите базирани на анализа на ризик, зајакнување на истражните механизми и олеснување на трговијата преку проширување на зелените ленти и размена на податоци во реално време. Нашата блиска соработка е основа и за унапредување на условите за водење бизнис, како клучно за зголемена трговска размена помеѓу двете држави“, вели директорот Николовски.
Македонија
Таравари поднесе тужба за клевета против Изет Меџити
Претседателот на поделената Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, преку својот адвокат, Aбидин Абдули, вчера поднесе тужба за клевета во Основниот суд Скопје 2 против градоначалникот на Чаир, Изет Меџити.
Тужбата доаѓа по изјавите дадени од Меџити во телевизиска емисија на „Лајм“, каде што тој тврдел дека Таравари за време на својот мандат како министер, издал седум лиценци за фабрики за преработка на канабис.
Според соопштението, пред поднесувањето на тужбата бил даден и законски рок за јавно извинување, кој Меџити не го искористил.
Таравари категорично ги демантираше овие обвинувања, оценувајќи ги како невистинити и клеветнички. Тој претходно најави дека ќе преземе правни чекори доколку не биде упатено јавно извинување за дадените изјави.
Со поднесувањето на тужбата во Основниот суд Скопје 2, случајот сега се очекува да добие институционален тек.
Македонија
Пријава против поранешниот градоначалник на Кичево, го оштетил буџетот за 1,4 милиони денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник на Кичево, Фатмир Дехари, две други лица и еден правен субјект, за злоупотреби и несовесно работење со што го оштетиле буџетот на општина Кичево за сума од над 1.400.000 денари.
„ОВР Кичево поднесе кривична пријава против Ф.Д.(52) од кичевското село Србица, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, против Б.К.(46) од кичевското село Аранѓел поради постоењер основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“, против Д.С.(41) од кичевското село Длапкин Дол за сторено кривично дело „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“, како и против едно правно лице со седиште во Длапкин Дол“, соопшти МВР.
На 08.01.2025, Ф.Д., во својство на градоначалник на општина Кичево, искористувајќи ја својата службена положба донел план за јавни набавки за 2025 година на општина Кичево спротивно на одредбите од Законот за комунални дејности. Иако, општина Кичево има јавно комунално претпријатие, Ф.Д. сите комунални дејности ги доверил на пријавеното правно лице со седиште во Длапкин Дол со намера да се стекне со поголема имотна корист на штета на буџетот на општина Кичево.
Второпријавениот, одговорно овластено лице за одржување на зелени површини, пропуштил должен надзор и несовесно постапил во вршењето на своите овластувања и должности, додека третопријавениот во својство на управител во правното лице, свесно ги повредил прописите на постапката за јавен повик.
Со тоа, вкупно исплатените парични средства за одржување на зеленилото околу зградата на општината изнесува вкупно 1.457.205 денари на штета на општина Кичево.

