Македонија
Отворен новиот скопски аеродром „Александар Велики“
Отворен е новиот аеродром „Александар Велики“ во Скопје, десет пати поголем од досегашниот, кој ќе има капацитет да услужи четири милиони патници годишно.
Отворен е новиот аеродром „Александар Велики“ во Скопје, десет пати поголем од досегашниот, кој ќе има капацитет да услужи четири милиони патници годишно.Инвестицијата вредна 100 милиони евра е на турската компанија ТАВ, која до 2030 година ќе управува со аеродромот. Во присуство на неколку стотина граѓани, меѓу оние што ја пресекоа црвената лента што симболично беше отворен новиот аеродром беа претседателот Ѓорге Иванов, премиерот Никола Груевски, претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, генералниот директор на ТАВ Аеродроми, Мустафа Сани Шенер. „6 септември 2011 година влегува во историјата како ден кога е заокружен еден од најголемите инфраструктурни зафати во поновата историја на Република Македонија“, рече премиерот Груевски.„Проектите за аеродромите носат важни промени и претставуваат важен услов за создавање идни бизниси“, изјави Шенер.„Од денес, граѓаните на Република Македонија ќе можат со гордост да патуваат, со гордост да пречекуваат гости и со гордост да го презентираат новото лице на Македонија“, рече вицепремиерот задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски.„Новите и модернизирани објекти се изградени според најновите и современи светски стандарди, а воедно е набавена и нова опрема со што аеродромот „Александар Велики“ во Скопје ќе функционира согласно највисоките меѓународни стандарди, кои овозможуваат значително подобри услови, комодитет и простор за патниците – нешто што тие го бараа години и години наназад“, рече министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиевски.Проектот за модернизација на аеродромот опфаќа нова терминална зграда од 40.000 метри квадратни со шест патнички пристапни мостови, продолжена полетно-слетна писта со што се овозможува оперирање на авиони со поголем капацитет, нов поголем паркинг за автомобили, нов карго терминал, противпожарна и спасувачка станица, нова административна зграда и комплетно нова внатрешна инфраструктура. /крај/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

