Македонија
Дождливо време со грмежи
Променливо облачно со повремен дожд, на места нестабилно со пороен дожд и грмежи. Локално врнежите ќе бидат пообилни и се очекува да наврнат повеќе од 20л/м2.
Променливо облачно со повремен дожд, на места нестабилно со пороен дожд и грмежи. Локално врнежите ќе бидат пообилни и се очекува да наврнат повеќе од 20л/м2.Дневните температури ќе се движат од 17 до 27 Целзиусови степени.Во Скопје и околината променливо облачно со повремен дожд и дневна температура до 26 степени. /крај/ухрм
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Одбележана 17-годишнината од хеликоптерската несреќа во која загинаа единаесет припадници на Армијата
Со едноминутно молчење и полагање свежо цвеќе на спомен-обележјето во Катлановско Блаце, денеска 12 јануари, беше одбележана седумнаесет годишнината од трагичното загинување на единаесетте припадници на Армијата, кои ги загубија своите животи враќајќи се од мировната мисија АЛТЕА во Босна и Херцеговина.
Почит на загинатите припадници на Армија им оддадоа делегации од Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата, предводена од министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, од Командата за операции, 1.пешадиска бригада, воздухопловниот ВИНГ, од општината Петровец и членовите на семејствата.
Во таа пригода, министерот за одбрана Владо Мисајловски истакна дена на местото на оваа голема трагедија оддаваме почит кон македонските херои заедно со членовите на нивните семејства, херои кои никогаш нема да бидат заборавени.
Претходно во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец, на спомен обележјето пред командата на воздухопловниот ВИНГ со полагање свежо цвеќе беше оддадена почит од страна на припадниците на воздухопловниот ВИНГ.
Почит кон единаесетте загинати македонски припадници ќе биде оддадена и во меморијалниот парк во кампот Бутмир, Сараево, во Босна и Херцеговина каде што нашите припадници беа дел од мисијата АЛТЕА.
Во хеликоптерската несреќа, на денешен ден пред седумнаесет години, враќајќи се од мировната мисија АЛТЕА трагично загинаа потполковник Тони Спасовски, мајор Горан Ристовски, капетаните Бране Спасовски и Игор Ѓорески, наредниците Славчо Василев и Тони Давитковски, постарите водници Јанко Шириќ и Александар Тасковски, водниците Мики Ивановски и Александар Васиќ и десетарот Златко Вељаноски.
Македонија
(Фото) Орце Ѓорѓиевски: 24/7 во служба на мојот народ
Градоначалникот на општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски и општинските служби во текот на целата ноќ ги расчистуваа улиците од снегот. Во 03 по полноќ, тој на својот фејсбук профил сподели фотографии од акцијата.
Механизацијата во огромен број е распоредена на сите улици на територијата на општината, а се интервенира и во делот на паднатите гранки и дрвја како последица на снежното невреме.
Како што информираат од општината, активно се работи веќе 10 часа, а екипите ќе продолжат во текот на целиот ден и нема да дозволат граѓаните да бидат попречени во извршувањето на своите активности.
-Мојот народ да биде спокоен, подготвени сме и извршувањето на секојдневните активности ќе биде целосно овозможено и непречено! – истакна Ѓорѓиевски.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Лешинарската политика на Венко Филипче наложи да прави политички поени и од снегот во јануари
Лешинарската политика на Венко Филипче наложи да прави политички поени и од снегот во јануари, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.
„За разлика од минатите години кога снегот беше прилика СДС да краде, сега институциите делуваат. Наспроти голата реторика на СДС и Филипче, еве ги фактите: Битолската подружница има поставено 370м3 сол и ризла, од Тетово – Стража 400м3 сол и ризла, Штип, Берово, Кочани и Делчево 300м3 сол и ризла. Згрозени сме од лешинарската политика на СДС и Венко Филипче. Тие од снежната бура прават политика, што само потврдува дека тонат во сопствената безидејност“, стои во соопштението на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно, од СДСМ обвинија за лошо справување со последиците од снежните врнежи.
„Снегот предизвика вистински хаос во сообраќајот, не само во населените места, туку и на регионалните патишта и на автопатите. Автопатот „Пријателство“, кај селото Миравци е заледен. Автопатот кон Грција е заледен, и покрај тоа што оваа зима, само досега, државните институции потрошиле 219 милиони денари (3.569.106 евра) за сол и ризла. Најголеми се тендерите на Јавното претпријатие за одржување на патишта „Македонија пат“, кое засега има склучено три двегодишни договори во вредност од по 1,3 милиони евра годишно за сол и ризла. Но, поради неспособноста на надлежните, сообраќајот се одвива отежнато и се зголемува опасноста од незгоди. Пред само неколку дена бројни граѓани со часови беа заглавени во километарски колони во Маврово. Хаос се случи и на патот Тетово – Попова Шапка, каде што патиштата останаа целосно неисчистени. Дополнително, патот до Галичник беше непрооден повеќе од еден месец, оставајќи ги жителите на ова населено место во целосна изолација. Владата на ДПМНЕ и Мицкоски потфрли и со снегот, доведувајќи ги граѓаните во сериозен ризик“, пишува во соопштението на опозициската СДСМ.