Македонија
Мерки против лажните азиланти, опозицијата бара подобри услови за живот
Власта и опозицијата со различни ставови околу предлогот на владата за измена на законот за патни исправи, чија цел е спречување на бранот азиланти од Македонија, што се појави по визната либерализација.
Власта и опозицијата со различни ставови околу предлогот на владата за измена на законот за патни исправи, чија цел е спречување на бранот азиланти од Македонија, што се појави по визната либерализација.
На денешната седница на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците, опозицијата се спротистави на решението присилното враќање на наш државјанин од странска држава да се додаде како основа за одземање на патната исправа. Според нив, предлогот е неодреден и побараа владата да достави нов предлог со кој точно ќе се наведе на кои лица се однесува мерката.
“Наместо да ги штитиме граѓаните, а патната исправа е документ кој што еден граѓанин на Република Македонија ќе го штити секаде каде и да се наоѓа во странство, ние всушност оправдуваме секаква одлука на било која влада и одбивањето што граѓанинот ќе го добие од некоја европска држава, ние по автоматизам повторно ќе го осудиме и ќе му ја одземеме патната исправа. Тоа е нелогично“, рече Зијадин Села од ДПА.
„Со репресија не можеме да ја постигнеме целта која што сакаме да ја постигнеме. Мора да имаме програми, особено од областа на трудот и социјалата која што ќе ја намалат оваа бројка на напуштање на наши граѓани и барање корка леб во странство“, рече Цветанка Иванова од СДСМ.
За власта и за предлагачот на измените, оваа санкција ќе се однесува за лицата што сакаат да ја злоупотребат визната либерализација и неосновано бараат азил во земјите од Европската Унија. Според, ова нема да ги спречи граѓаните со регулиран престој во странска држава непречено да ја влегуваат и излегуваат од земјата.
„Сето ова се прави со цел спречување илегално мигрирање и мерката е наменета против сите оние кои всушност ја злоупотребуваат визната либерализација“, рече Џељал Бајрами, заменик-министер за внатрешни работи.
„Оваа санкција ќе се примени за лицето кое е присилно вратено или протерано од друга држава поради постапување спротивно од прописите за влез и престој во таа држава. Значи секое лице кое што ќе ги повреди прописите на државата во ЕУ и заради тоа ќе биде протерано или вратено присилно, на тоа лице ќе му биде одземено патната исправа. На никое друго“, рече Илија Китановски од ВМРО-ДПМНЕ.
Измените на законот, за кои се расправа во собраниските комисии, следуваат по бранот азиланти што во неколку наврати се појави по укинувањето на шенген-визите за македонските граѓани во декември 2009-та година. /крај/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре облачно време со температура до 14 степени, од недела заладување
Времето утре ќе биде облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Во југоисточните делови ќе има врнежи од дожд (над 20 l/m²), а на повисоките планини во северозападните делови врнежи од снег, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 7, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Следува период на променливо облачно до сабота и релативно топло време со повремени врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни. Во текот на ноќва во југоисточните делови ќе наврне над 20 l/m² , а во петок поинтензивни врнежи ќе има во крајните западни делови. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер.
Од недела ќе настапи заладување и врнежи од снег се очекуваат на планините и во некои од повисоките места.
Македонија
Град Скопје најавува системско проширување на „Лајка“: 30 милиони денари за хумано решавање на проблемот со бездомните кучиња
Град Скопје почнува, како што соопштува, сериозен, хуман и системски пристап за решавање на проблемот со бездомните кучиња преку значително проширување на капацитетите на ЈП Лајка.
Од Град Скопје информираат дека по преземањето на функцијата градоначалник, ставен е крај на досегашната практика ЈП „Лајка“ да се користи за партиски вработувања, при што фокусот е насочен кон вистинско и одговорно справување со проблемот кој, како што се наведува, со години бил игнориран.
Во програмата на градоначалникот, се посочува во соопштението, предвиден е значаен фокус на ова прашање, а обезбедени се 30 милиони денари за сериозно проширување на капацитетите на ЈП „Лајка“ и за создавање современи и хумани услови за згрижување на бездомните кучиња. Станува збор за, како што се наведува, суштинска промена со цел постигнување конкретни и видливи резултати.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски изјави дека нема да се дозволи Скопје да биде депонија за бездомни кучиња од други градови. Прашањето за нивното несовесно носење во главниот град веќе е отворено со надлежните институции, а со воведувањето на системот „Сејф Сити“ ќе се овозможи идентификација и санкционирање на сите прекршители.
Воедно, градоначалникот упатил апел до граѓаните да бидат активен партнер во овој процес и секоја појава да ја пријавуваат, посочувајќи дека само со заедничка акција може да се воспостави функционален и одржлив систем за справување со проблемот.
Македонија
Алиу истражува, но се сомнева дека ќе најде податоци за извозот на мозоци: Истечени се сите рокови за архивирање на документите
Стариот закон ги обврзува институциите да ги чуваат документите за извоз на мозоците како биолошки материјал 15 години, а новиот, од 2018 година вели да се чуваат 25 години. И по двата закона роковите се истечени и институциите немаат обврска да ја чуваат документацијата за извозот кој се случил пред 30 години. Вака министерот за здравство Азир Алиу објасни за истрагата која се прави во Министерството за извезените мозоци од починати Македонци со психијатриска дијагноза кои во научни цели биле извезени во САД.
„Јас барам од нашата група да дојде до информации како е тоа направено, како тој материјал стигнал од една земја во друга, тука е нашето. Но, има и втор момент за кој морам да ве информирам, според стариот закон до 2018 година сите материјали, административни документи законски било да се чуваат 15 години. Од 2018 година, според ЕУ директивите, сите документи кои се поврзуваат со таков тип биолошки материјал треба да се чуваат 25 години. Ако земеме и новиот и стариот закон, а се работи за проект пред 30 години, се плашам дека можеби некоја институција може и да ги нема тие документи архивирано“, рече министерот Алиу.
Лично мислење на министерот е дека има мали можности за злоупотреби во целиот процес оти се работи за истражувачки проект меѓу две земји.
„Втората земја е САД каде што има многу јасно дефинирани протоколи кога се работи за биолошки материјал. Прво овој факт треба да го имаме предвид. Вториот факт што мене лично ми дава комодитет дека би имало можеби малку злоупотреби е институцијата од другата страна, се работи за престижен Универзитет. Исто така научникот кој е главен во тој Универзитет е човек кој што е светско име како научник, и лично, тргнувајќи од себе си, не верувам дека таа држава, тој Универзитет или таа лабораторија може да дозволи да има злоупотреби за увоз на биолошки материјал без да има јасно дефинирани протоколи. Ова е мое лично мислење“, рече министерот Алиу.
Македонската јавност дозна дека некогаш од кај нас биле извезувани мозоци од починати лица за научно да се истражуваат откога американското Министерство за правда ги објави документите на починатиот милијардер обвинет за трговија со луѓе, педофилија и силување, Џефри Епстин.
Јавното обвинителство денес извести дека по објавите во медиумите е оформен предмет по допрен глас поради наводите од објавените документи во случајот за Епстин.

