Македонија
Екс-претседателот Црвенковски на состанок на „Клинтон глобална иницијатива“
Поранешниот претседател на Македонија Бранко Црвенковски, на покана на поранешниот претседател на САД Бил Клинтон, и оваа година ќе учествува на годишниот состанок на „Клинтон глобална иницијатива“.
Поранешниот претседател на Македонија Бранко Црвенковски, на покана на поранешниот претседател на САД Бил Клинтон, и оваа година ќе учествува на годишниот состанок на „Клинтон глобална иницијатива“, што од денеска до 22 септември 2011 година ќе се одржи во Њујорк, информираат од неговиот кабинет.
Оваа година состанокот на Клинтон глобална иницијатива е посветен на неколку теми.
Првата тема се однесува на генерирање на вработеност за 21-от век со цел да се нагласат програмите за обука на ефективна работна сила, да се презентираат иновативните владини стимулации кои ги зголемуваат работните места и да се испита развојот на водечките бизниси на пазарот кои одржливо може да го зголемат профитот, просперитетот и продуктивноста во светот.
Другата тема се однесува на обезбедување на долгорочна благосостојба на планетата земја преку редефинирање на потрошувачката, што на организациите ќе им овозможи брза реакција во однос на ограничените ресурси додека се обезбедува економски раст. Клинтон глобална иницијатива годинава особено внимание ќе посвети и на потребата од поголема вклученост на жените во областите на развој, при што ќе се промовираат идеи и иновации кои доаѓаат директно од нив.
Свое учество на состанокот на Клинтон глобална иницијатива најавија и претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо, претседателот на Република Словенија Данило Тирк, претседателот на Мексико Фелипе Калдерон, претседателот на Република Финска Тарја Халонен, премиерот на Кралството Норвешка Јенс Столтенберг, како и многу други истакнати поранешни државници, претставници на водечки компании, претставници на влијателни невладини организации и истакнати личности од јавниот живот.
Во 2005 година претседателот Клинтон ја формираше „Клинтон глобална иницијатива“ со цел да ги претвори идеите во акција и да му помогне на светот да се движи надвор од сегашната состојба на глобализација кон повеќе интегрирана глобална заедница на заедничка корист, одговорности и вредности. Со собирањето на едно место на светските лидери од различни области, „Клинтон глобална иницијатива“ создава единствена можност за насочување на капацитетите на поединци и организации за реализација на поставената цел.
На годишните состаноци на „Клинтон глобална иницијатива“ досега учествуваа повеќе од 150 сегашни и поранешни претседатели, 18 добитници на Нобеловата награда за мир, стотици извршни директори на водечки глобални компании, лидери на фондации, директори на највлијателните невладини организации, како и видни членови на медиумите. Овие членови на „Клинтон глобална иницијатива“ досега извршија речиси 2000 преземени обврски проценети на 63 милијарди долари, кои веќе го подобрија животот на 300 милиони луѓе во повеќе од 180 земји. /крај/со/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени возачи од Скопје и Куманово, возеле без возачка, одземени им се возилата
Полицијата уапси двајца возачи од Скопје и Куманово, возеле без положен возачки испит, одземени им се возилата.
Попладнево во 12:40 часот на патот Куманово-с. Липково, полициски службеници го лишија од слобода Ш.А.(31) од Куманово. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „голф“ со кумановски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. Ш.А. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
На 03.02.2026 во 13:00 часот на улица „Јустинијан први“ во Скопје, полициски службеници го лишија од слобода И.Џ.(20) од Скопје. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. И.Џ. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
По документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 297-а од КЗ.
Македонија
Партиите со осуда за нападот врз новинарот Видиновски
Политичките партии го осудија нападот врз новинарот Александар Видиновски.
„Ги осудуваме нападите врз новинарот Александар Видиновски, кои се последица на бугарскиот национализам и шовинизам. Нападот врз новинарот Видиновски е напад врз слободата на говор и врз медиумите, од страна на структури кои разгоруваат омраза, а се мотивирани од бугарскиот национализам. Сите напади како овој врз новинарот Видиновски го разјадуваат општеството и ја подгреваат омразата, и мора веднаш да престанат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Осуда стигна и од ЛДП.
„Либерално-демократската партија (ЛДП) најостро го осудува однесувањето на онлајн насилниците со коментари исполнети со говор на омраза кон новинарот на Канал 5, Александар Видиновски. Ваквиот начин на изразување и на воспоставување дијалог не е воопшто соодветен за било кое демократско општество. Ја изразуваме нашата поддршка за Видиновски, бараме независното новинарство да остане независно од секакви влијанија и бараме брза реакција на институциите за расчистување на случајот“, велат од ЛДП.
Македонија
Македонија и ОАЕ потпишаа Меморандум за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Дубаи оствари билатерална средба со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан, во чии рамки беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата.

„Со Меморандумот се воспоставува институционална рамка за систематска соработка насочена кон унапредување на јавните политики, јакнење на административните капацитети, дигитална трансформација и примена на иновативни модели на управување“, соопштија од МНР.
Од таму додаваат дека потпишувањето на документот отвора нови можности за размена на знаења, експертиза и добри практики, како и за реализација на заеднички активности и проекти во области од заемен интерес, со цел зголемување на ефикасноста и квалитетот на владините услуги.
На средбата станало збор и за можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Скопје и Обединетите Арапски Емирати. Воедно бил направен сеопфатен преглед на билатералните односи, при што биле разгледани можностите за нивно натамошно продлабочување. Посебен акцент бил ставен на унапредувањето на политичката соработка, јакнењето на економските врски и интензивирањето на трговската размена меѓу двете земји.
Двете страни ја потврдиле заедничката определба за натамошно зајакнување на партнерските односи и развој на конкретни иницијативи кои ќе придонесат за одржлив економски раст, институционална ефикасност и продлабочена соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати.

