Македонија
А.Нешковски: Мартин не почина од сопнување од кабел, беше крвнички претепан
Мартин не починал од сопнување на кабел и паѓање со лице на плочник. Од повредите и изгледот на Мартин, кои што јас ги видов со свои очи, јасно е дека смртта не настанала со обично сопнување од кабел
Мартин не починал од сопнување на кабел и паѓање со лице на плочник. Од повредите и изгледот на Мартин, кои што јас ги видов со свои очи, јасно е дека смртта не настанала со обично сопнување од кабел. Мартин бил крвнички претепан, а сега некој тоа се обидува да го прикрие.
Вака реагира братот на Мартин, Александар Нешковски по информациите кои се појавија во медиумите дека Игор Спасов, специјалецот кој е обвинет за убиството, во својот исказ тврдел дека фатален за смртта бил падот на момчето кога во обид да му избега на полицаецот се сопнал на кабел и со лицето удрило на плочникот.
„Ние нема да престанеме да бараме правда за Мартин. Позадината на целиот случај мора да излезе на виделина. Тоа е единствениот начин правдата да биде задоволена“ вели Александар Нешковски во писмото испратено во медиумите во кое го поздравува покренувањето на обвинение против Спасов.
Тој ги повикува сите граѓани на мирен протест, без разлика на вера и националност, во четврток, на 29 септември, во 17 часот пред спомен куќата на Мајка Тереза да упатат апел со кој повторно ќе побараат правда за Мартин.
„Убеден сум дека расветлувањето на трагичниот настан во кој беше убиен мојот брат, ќе спречи повторување на вакви немили настани во иднина. Државата има обврска да ни каже што точно се случило, а не со своето постапување да ја продолжува нашата агонија и да испраќа порака дека убиствата направени од службени лица може да поминат неказнети. И покрај сета наша болка, нашата мисија е убиството на Мартин да биде последниот ваков случај во Македонија“ вели Нешковски.
Тој упатува повик до сите претставници на политички партии, раководства, функционери и членови на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ, ДПА и сите останати партии да ја заборават својата партиска припадност и да се придружат на протестот.
„Животот, правдата и иднината не познаваат партиска припадност. Тие се единственото нешто околу кое сите ние, како граѓани треба и мора да се обединиме“ рече Нешковски.
Мартин Нешковски беше претепан до смрт додека се славеше изборната победа на ВМРО-ДПМНЕ, вечерта на 5 јуни на плоштадот Македонија. За смртта на момчето се дозна по два дена од неговата смрт, кога осомничениот за убиството, Игор Спасов се пријави сам во полиција./крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени возачи од Скопје и Куманово, возеле без возачка, одземени им се возилата
Полицијата уапси двајца возачи од Скопје и Куманово, возеле без положен возачки испит, одземени им се возилата.
Попладнево во 12:40 часот на патот Куманово-с. Липково, полициски службеници го лишија од слобода Ш.А.(31) од Куманово. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „голф“ со кумановски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. Ш.А. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
На 03.02.2026 во 13:00 часот на улица „Јустинијан први“ во Скопје, полициски службеници го лишија од слобода И.Џ.(20) од Скопје. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. И.Џ. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
По документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 297-а од КЗ.
Македонија
Партиите со осуда за нападот врз новинарот Видиновски
Политичките партии го осудија нападот врз новинарот Александар Видиновски.
„Ги осудуваме нападите врз новинарот Александар Видиновски, кои се последица на бугарскиот национализам и шовинизам. Нападот врз новинарот Видиновски е напад врз слободата на говор и врз медиумите, од страна на структури кои разгоруваат омраза, а се мотивирани од бугарскиот национализам. Сите напади како овој врз новинарот Видиновски го разјадуваат општеството и ја подгреваат омразата, и мора веднаш да престанат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Осуда стигна и од ЛДП.
„Либерално-демократската партија (ЛДП) најостро го осудува однесувањето на онлајн насилниците со коментари исполнети со говор на омраза кон новинарот на Канал 5, Александар Видиновски. Ваквиот начин на изразување и на воспоставување дијалог не е воопшто соодветен за било кое демократско општество. Ја изразуваме нашата поддршка за Видиновски, бараме независното новинарство да остане независно од секакви влијанија и бараме брза реакција на институциите за расчистување на случајот“, велат од ЛДП.
Македонија
Македонија и ОАЕ потпишаа Меморандум за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Дубаи оствари билатерална средба со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан, во чии рамки беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата.

„Со Меморандумот се воспоставува институционална рамка за систематска соработка насочена кон унапредување на јавните политики, јакнење на административните капацитети, дигитална трансформација и примена на иновативни модели на управување“, соопштија од МНР.
Од таму додаваат дека потпишувањето на документот отвора нови можности за размена на знаења, експертиза и добри практики, како и за реализација на заеднички активности и проекти во области од заемен интерес, со цел зголемување на ефикасноста и квалитетот на владините услуги.
На средбата станало збор и за можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Скопје и Обединетите Арапски Емирати. Воедно бил направен сеопфатен преглед на билатералните односи, при што биле разгледани можностите за нивно натамошно продлабочување. Посебен акцент бил ставен на унапредувањето на политичката соработка, јакнењето на економските врски и интензивирањето на трговската размена меѓу двете земји.
Двете страни ја потврдиле заедничката определба за натамошно зајакнување на партнерските односи и развој на конкретни иницијативи кои ќе придонесат за одржлив економски раст, институционална ефикасност и продлабочена соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати.

