Македонија
Шлумберже: Препораката за почнување преговори ќе биде повторена
Предизвикот за вашата земја пред објавувањето на извештајот за напредок е двоен, затоа што развојот на процесот на реформи ќе треба да биде позитивно оценет, но исто така ќе треба да се знае дали препораката за почнување преговори ќе биде повторена, бидејќи таа препорака не е вечна.
Предизвикот за вашата земја пред објавувањето на извештајот за напредок е двоен, затоа што развојот на процесот на реформи ќе треба да биде позитивно оценет, но исто така ќе треба да се знае дали препораката за почнување преговори ќе биде повторена, бидејќи таа препорака не е вечна. Ова го изјави францускиот амбасадор во Македонија Жан Клод Шлумберже во Неделното интервју на Радио Слободна Европа, додавајќи оти се надева дека земјава ќе ја добие препораката за почеток на преговорите. Според него, државите членки едногласно ќе треба да ја донесат таа одлука. „Сосема очигледно е дека е спроведена огромна законодавна работа и покрај тоа што тоа не секогаш е соодветно со европските норми, мислам пред се на законот за недискриминација или амандманот во однос на составот на Советот за радиодифузија, истакнува амбасадорот. Но она што е најважно е дека спроведувањето на тие реформи и усвојувањето на текстовите и областите во кои се очекува напредок се јасно определени уште во претходниот извештај, зборувам за независноста на судството, реформите во јавната администрација, борба против корупцијата, слободното изразување во медиумите, политичкиот дијалог, тоа се области за кои искрено се надевам дека ќе се констатира напредок во извештајот“, вели Шлумберже. Тој изрази жалење за инцидентите што се случија меѓу новинарите и европските парламентарци.„Ни останува само да констатираме една загрижувачка состојба во врска со состојбата во медуиумите уште од пред една година. Тоа е очигледно затоа што претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите, госпоѓа Мијатовиќ во повеќе наврати интервенираше и јавно го искажа своето мислење. Плурализмот на медиумите, критиките кон власта, но и постоењето на независно тело за регулација се суштински елементи за информирање на граѓаните, но и за доброто функционирање на демократијата. Знам дека постојат огромни тешкотии со кои се соочува медиумскиот сектор, како на пример финансиска нетранспарентност, политички притисок, но исто така и обврзување кон професионалност на новинарите. Сето тоа треба да претставува причина за властите да бидат многу попретпазливи и да не се задоволни од намалување на медиумскиот простор во земјата, туку токму спротивното“, изјави францускиот амбасадор Шлумберже во интервјуто за Радио Слободна Европа. /крај/рсе/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени возачи од Скопје и Куманово, возеле без возачка, одземени им се возилата
Полицијата уапси двајца возачи од Скопје и Куманово, возеле без положен возачки испит, одземени им се возилата.
Попладнево во 12:40 часот на патот Куманово-с. Липково, полициски службеници го лишија од слобода Ш.А.(31) од Куманово. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „голф“ со кумановски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. Ш.А. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
На 03.02.2026 во 13:00 часот на улица „Јустинијан први“ во Скопје, полициски службеници го лишија од слобода И.Џ.(20) од Скопје. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. И.Џ. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
По документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 297-а од КЗ.
Македонија
Партиите со осуда за нападот врз новинарот Видиновски
Политичките партии го осудија нападот врз новинарот Александар Видиновски.
„Ги осудуваме нападите врз новинарот Александар Видиновски, кои се последица на бугарскиот национализам и шовинизам. Нападот врз новинарот Видиновски е напад врз слободата на говор и врз медиумите, од страна на структури кои разгоруваат омраза, а се мотивирани од бугарскиот национализам. Сите напади како овој врз новинарот Видиновски го разјадуваат општеството и ја подгреваат омразата, и мора веднаш да престанат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Осуда стигна и од ЛДП.
„Либерално-демократската партија (ЛДП) најостро го осудува однесувањето на онлајн насилниците со коментари исполнети со говор на омраза кон новинарот на Канал 5, Александар Видиновски. Ваквиот начин на изразување и на воспоставување дијалог не е воопшто соодветен за било кое демократско општество. Ја изразуваме нашата поддршка за Видиновски, бараме независното новинарство да остане независно од секакви влијанија и бараме брза реакција на институциите за расчистување на случајот“, велат од ЛДП.
Македонија
Македонија и ОАЕ потпишаа Меморандум за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Дубаи оствари билатерална средба со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан, во чии рамки беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата.

„Со Меморандумот се воспоставува институционална рамка за систематска соработка насочена кон унапредување на јавните политики, јакнење на административните капацитети, дигитална трансформација и примена на иновативни модели на управување“, соопштија од МНР.
Од таму додаваат дека потпишувањето на документот отвора нови можности за размена на знаења, експертиза и добри практики, како и за реализација на заеднички активности и проекти во области од заемен интерес, со цел зголемување на ефикасноста и квалитетот на владините услуги.
На средбата станало збор и за можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Скопје и Обединетите Арапски Емирати. Воедно бил направен сеопфатен преглед на билатералните односи, при што биле разгледани можностите за нивно натамошно продлабочување. Посебен акцент бил ставен на унапредувањето на политичката соработка, јакнењето на економските врски и интензивирањето на трговската размена меѓу двете земји.
Двете страни ја потврдиле заедничката определба за натамошно зајакнување на партнерските односи и развој на конкретни иницијативи кои ќе придонесат за одржлив економски раст, институционална ефикасност и продлабочена соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати.

