Македонија
ПССЕ: Македонија да спроведе јасна истрага за случајот „Ел Масри“
Парламентарното Собрание на Советот на Европа бара од Македонија конечно да отвори јасна истрага за случајот со Либанецот со германски пасош Калед ел Масри, јавува Дојче Веле на македонски јазик.
Парламентарното Собрание на Советот на Европа бара од Македонија конечно да отвори јасна истрага за случајот со Либанецот со германски пасош Калед ел Масри, јавува Дојче Веле на македонски јазик.
Парламентарното Собрание на Советот на Европа (ПССЕ) смета дека судската и парламентарната контрола на владите и нивните агенти е од клучно значење за правната држава и демократијата.
Во таа контрола се подразбираат и така наречените специјални органи, односно тајните државни служби. Тие не треба да бидат ставени во прашање, но тие не смеат да се претворат во „држава во држава“, ослободени од сите одговорности, без да поднесуваат сметки за нивните активности, што може до доведи до појава на културата на „неказнивост“, што сериозно може да им наштети на демократските институции.
Овој заклучок е дел од усвоената резолуција за неоправданото користење на поимот „државна тајна“, за да се заштитат тајните државни служби и агенции, при контролата на нивната вмешаност во кршењето на човековите права, како измачувањето, грабнувањето или реституцијата.
Врз основа на извештајот на швајцарскиот парламентарец Дик Марти, ПССЕ со огромно мнозинство (103 гласови за, 6 против и 3 воздржани), подвлече дека информациите за ваквите кршења на човековите права во никој случај не треба да бидат сметани како државни тајни, достојни да бидат заштитувани.
Во усвоената резолуција, како што јавува ДВ, меѓу другото се изразува „зачуденост зошто парламентот на Македонија не најде за потребно да отвори истрага за случајот со Ел Масри, со оглед на јасните резултати на другите истраги што биле водени за овој случај.“
Притоа се бара од македонските власти конечно да отворат јасна истрага во однос на деталните обвинувања за тајното грабнување и недозволено лишување од слобода на Калед ел Масри, кој е германски државјанин со либанско потекло.
Тој беше затворен 23 дена во еден хотел во Скопје од македонски тајни агенти, пред да им биде предаден на агенти на ЦИА, по што тој се најде во Авганистан.
Предложениот амандман од неколку парламентарци, пред се романски со кои се бараше да не се споменуваат со име романските власти и македонските власти во барањето да отворат истраги, туку тоа да се замени со општата формулација „сите вмешани земји“ , беше отфрлен од ПССЕ.
„Потребно е да се кажат нештата, такви какви што се. Парламентот треба и може да направи многу повеќе. Не е во игра честа на земјата, туку вистината, која граѓаните на вашите земји треба да ја дознаат“, нагласи известувачот Дик Марти.
Одговорот на македонските парламентарци зошто не се спроведена ефективна истрага за овој случај не беше даден од нивна страна, поради едноставна причина – во Стразбур не допатува ниту еден од членовите на Македонската собраниска делегација.
На 20 јули 2009, Ел Масри поднесе тужба против Македонија пред Европскиот суд за човекови права, што е и прв ваков случај кој се најде пред Судот од Стразбур. /крај/dw/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март не доби поддршка од пратениците од власта. Предлогот денеска беше на дневен ред на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта го одбила и предлогот за јавна расправа и разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.
Македонија
ДУИ обвинува за притисок врз судството: Изјавите на Филков за куќниот притвор се директно мешање во постапката
Демократската унија за интеграција (ДУИ) изрази длабоко незадоволство поради, како што наведуваат, заканите упатени кон судии и обвинители од страна на министерот за правда Игор Филков во неговото последно јавно појавување поврзано со куќниот притвор на поранешниот вицепремиер, Артан Груби.
Од партијата оценуваат дека извршната власт нема уставно право да сугерира како треба да функционираат судските органи и дека улогата на Министерството за правда е да го штити интегритетот и независноста на судството, особено во чувствителни случаи со засилена политичка поларизација.
„Министерот за правда, наместо да го заштити судскиот систем од партиска хистерија, дополнително го поттикнува тоа, создавајќи клима на однапред донесена пресуда и јавно испраќајќи пораки што вршат притисок врз обвинителите и судиите“, наведуваат од ДУИ.
Според нив, ваквите изјави претставуваат директно мешање во тековна постапка и сериозен удар врз правосудниот систем, со што се загрозува интегритетот на постапката и принципот на поделба на власта.
ДУИ го повикува министерот да се воздржи од понатамошно јавно мешање, а Министерството за правда, како што велат, преку јасна и одговорна комуникација да ја гарантира независноста на судството. Во спротивно, сметаат дека министерот треба да биде разрешен.
Партијата најавува дека ќе продолжи да го следи секое дејствие што, според нив, создава клима на линч и ќе ги информира своите стратешки партнери – САД, Европската Унија и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Реакцијата на ДУИ следува по прес-конференцијата на министерот за правда Игор Филков, кој побара отчетност и детално образложение за одлуката за замена на мерката притвор со куќен притвор во случајот со Груби, кој е под истрага за криминал вреден 8 милиони евра во Државна лотарија.
Филков посочи дека станува збор за лице кое 14 месеци било во бегство, за кое претходно бил утврден ризик од бегство, и јавно ги повика судскиот и обвинителскиот совет да утврдат дали има одговорност кај судијата и јавниот обвинител за одлуката за куќен притвор.
Македонија
Утре сончево време со температура до 16 степени
Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец (локално до 50 km/h), информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и сончево време со мала до умерена облачност и со пониски утрински температури.
Во четврток ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.

