Македонија
Загинатиот работник бил надзорник, „Лимак“ тврди дека користел машина за која не бил обучен и не била негова задача
Градежникот кој загина на градилиштето на „Лимак“ во центарот на Скопје ги прекршил интерните правила за безбедност, бил надзорник но во моментот кога настрада извршувал обврски кои не му биле во опис на работното место, користел машина за која не бил обучен, заедно со машината паднал и ги добил смртоносните повреди. Од „Лимак“ велат дека загубата на колегата силно ги потресла и оти до несреќниот случај дошло и покрај сите активности кои ги преземаат за безбедност и здравје при работа.
„Истрагата за причините за несреќата покажа дека вработениот кој беше надзорник – бригадир и чија задача е да ги координира активностите на 10-20 работници, за жал постапил спротивно на безбедносните процедури. Имено, работниците редовно вршат средување на локацијата на која работат, за што според безбедносните инструкции се користи скеле. Иако според описот на работните обврски надзорникот – бригадир не треба да ја извршува оваа активност, туку треба да ја координира групата, вработениот започнал со активноста, а наместо скеле одлучил да користи машина за подигнување. Поради својата тежина машината за подигнување ја пробила дрвената подлога и паднала заедно со вработениот, како резултат на што тој се здоби со фатални повреди. Користењето на оваа машина не е во описот на работните задачи на надзорник – бригадир и тој не бил обучен да ја користи“, велат од компанијата „Лимак“.
Нагласуваат дека вработениот имал лична заштитна опрема, предвидена со интерните правилници на компанијата и со Законот за безбедност и здравје при работа. Од „Лимак“ уверуваат дека сите работници задолжително носат соодветна опрема, а активностите се одвиваат согласно највисоките стандарди и процедури за безбедност при работа. Како голема и реномирана компанија тврдат дека имаат свои воспоставени практики во градежните операции, а за да спречат вакви настани најавуваат дека дополнително ќе ја зајакнат контролата.
Компанијата извести дека соработува со сите надлежни институции и ќе постапи по нивните препораки.
Деталното објаснување на несреќата „Лимак“ го испрати на „Макфакс“ по објавената изјава на директорката на Државниот инспекторат за труд, Весна Томовска, која денес рече дека е утврдена одговорност кај работодавачот кој најверојатно не ги обезбедил потребните мерки за заштита на работа, но за целосен извештај за направениот надзор чекаат да се преведат од турски изјавите на очевидците.
Турската компанија „Лимак“, која се преставува како една од најголемите градежни компании во светот, гради подземна сообраќајница и деловно- трговски комплекс со четири дваесетканици кај Старата железничка станица во Скопје.
Загинатиот работник не е прв инцидент на ова градилиште. Градежник и претходно беше повреден, а пред две години во голема полициска контрола на градилиштето беа откриени 97 странски државјани кои немаат регулиран престој и работат непријавени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

