Македонија
“Не ме тепајте ве молам не ме тепајте”, биле последните зборови на Нешкоски
Судскиот процес против Игор Спасов кому му се суди за убиството на Мартин Нешковски во Основниот суд 1 денеска се одвиваше со големо полициско обезбедување во и надвор од судот. Видно беше дека МВР го следи будно целиот настан и со камера пред и во судот.
Судскиот процес против Игор Спасов кому му се суди за убиството на Мартин Нешковски во Основниот суд 1 денеска се одвиваше со големо полициско обезбедување во и надвор од судот. Видно беше дека МВР го следи будно целиот настан и со камера пред и во судот. Три часа пред судиите обвинетиот Игор Спасов детално раскажуваше што се случило вечерта кога бил на задача да го обезбедува Премиерот и други ВИП личности на прославата на победата на ВМРО –ДПМНЕ на последните парламентарни избори. Неколку пати повтори дека по телефонска наредба бил на работна задача. Спасов тврди дека го удрил Нешкоски, но не за да го претепа или убие туку за да го освести. Бркотницата со Нешкоски била бидејки момчето заедно со неколкумина другари сакале да се приближат на премиерот и да се качат на бината каде тој говорел. Бил спречен од Спасов по што Нешкоски почнал да бега, а Спасов поради сомнителното однесување на момчето тргнал по него да го уапси. Но, Нешкоски се сопнал на кабли и со лицето паднал на асфалтот. Според одбраната на Спасов, Нешкоски бил онесвестен и тој воопшто не знаел дека е во животна опасност. “Да знаев дека е во критично ќе го однесев на раце во болница. Јас му помагав да се освести”. Само овој дел е ист со исказот на сведокот дека Нешковски се сопнал од кабли и паднал. Девојката кога го видела целиот настан со својот изказ предизвика огромна реакција во судницата, а судиите за да се разјасни ситуацијата го прекинаа на кратко процесот. Таа гледајќи кон Спасов рече: ”Овој човек прв пат го гледам, тепачот беше висок два метри носеше пиштол и имаше тетоважа на раката. “Го тепаше со клоци и тупаници, а Мартин со рацете на главата викаше не ме тепајте ве молам не ме тепајте”, сведочеше првиот сведок на обвинителството. По завршувањето на денешното прво рочиште адвокатот на Спасов рече дека изјавата на сведокот дека имало друго лице на местото треба да се утврди во постапката , но тоа не значи дека негираат дека Спасов бил присутен до телото на Нешкоски. За писмото до министерката Гордана Јанкуловска во кое Спасов бара МВР да потврди дека бил на работна задача адвокатот Ване Андреев појасни дека било лично и немало врска со постапката. Реагираше и братот на убиениот Нешковски кој тврди дека: “Обвинетиот во многу наврати сакаше да каже нешто, но беше спречен од судиите повеќе пати и го вратија да премолчи. Знаеме дека од самиот почеток дека сите кријат, немаме докази и снимки од Плоштадот на јавно место каде има ВИП личности и видео надзор. Обвинителството е целосно замолчено. Сега и обвинетиот сака да каже кој наредил да го стори тоа и е спречен од судиите”, тврди тој. Ваквата реакција е бидејки Спасов сакаше да открие службени тајни, но судот тоа не му го дозволи. Дел од службената тајна е кој ја дал наредбата да биде во периметарот на обезбедување на Премиерот по 23 часот кога му завршила работната смена. Судењето продолжува в понеделник. крај.км
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Вељаноски за техничката влада: Уставен експеримент кој предизвикува штета за државата
За поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, техничката влада е експеримент кој како што оценува, предизвикува повеќе штета од корист за државата.
„Секој правен и уставен експеримент предизвикува повеќе штета од корист за државата.
Времето и искуството покажаа дека импровизациите во системот не носат квалитет, туку дисфукционалност. Така беше со идејата за техничката Влада, така беше и со Специјалното јавно обвинителство(СЈО).
Треба да говориме отворено и без лажни наративи“, пишува Вељаноски на социјалните мрежи.
Според него, овие два механизма не беа воведени за да донесат повеќе правда или демократија.
„Тие беа измислени и наметнати со една единствена политичка цел-да се инсталира СДСМ на власт и да се реализира идејата за промена на уставното име на Република Македонија. Ништо друго. Граѓаните не треба повеќе да бидат предмет на манипулација за наводните “благодети” на овие ад-хок решенија.
И СЈО и техничката Влада беа плод на политички и правни манипулации, туѓи на нормалниот парламентарен живот и правниот поредок. СЈО веќе заврши на буништето на историјата како неуспешен проект. Време е и техничката Влада итно да и се придружи.
На Македонија и е потребен стабилен систем а не вечни изнудени експерименти“.
Македонија
Сите што ќе одат на средба со Мицкоски го легитимираат криминалот и корупцијата, велат од СДСМ
Сите што ќе одат на лидерската средба со Христијан Мицкоски го легитимираат криминалот и корупцијата, велат од СДСМ.
„Сите што денеска ќе одат на средба со Мицкоски за укинување на техничката стануваат соучесници во: легитимирање на криминалот и корупцијата на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ, анти ЕУ кампањата на власта за изолација на земјата, планот за предвремени избори што ги имаат веќе договорено без основни услови да бидат фер и демократски и реализација на планот „мигранти за пари“ после тоа“, смета СДСМ.
Сите чекори кои власта досега ги презема, додаваат од партијата, веќе ги најавивме: изолација, избори, мигранти за пари.
„Секој што ќе отиде на средбата со Мицкоски не може да каже после тоа дека не бил соучесник. СДСМ останува со граѓаните, на вистинската страна. СДСМ останува на страната на Македонија, на страната за интеграција, на фронтот за правда и против корупцијата и криминалот“, велат од опозициската партија.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на патот Скопје – Штип
Сообраќајот на патниот правец Скопје – Штип е нормализиран, информира АМСМ.
Сообраќајот на патниот правец Скопје – Штип утрово беше во целосен прекин, поради опожарено тешко моторно возило, четири километри пред патарината „Преод“.
Сообраќајот на државните патишта се одвива по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

