Македонија
Почна соочувањето на Бошкоски со заштитениот сведок

Почна соочувањето на лидерот на Обединети за Македонија(ОМ) Љубе Бошкоски со заштитениот сведок.
Почна соочувањето на лидерот на Обединети за Македонија(ОМ) Љубе Бошкоски со заштитениот сведок.Судот на почетокот не дозволи јавноста да присуствува на соочувањето, на што остро регаираше семејството ан Бошкоски и неговиот адвокат.Лидерот на Обединети за Македонија беше уапсен на 6 јуни под сомнение за нелегално финансирање на кампањата. Иако претходно судот одлучи да го заврши судењето без да го испраша заштитениот сведок, завчера кога требаше да бидат завршните зборови, полицијата доставила известување до судот дека сведокот бил пронајден и дека сепак ќе сведочи. /крај
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски: Двојно е зголемен буџетот за науката, околу 680 милиони денари за научни трудови

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, во одговор на новинарско прашање дали Владата ќе ја поддржи науката и дали има план за тоа, појасни дека за Владата, науката е многу важна и е еден од столбовите на државноста, затоа за оваа година споредено со 2024 година за двојно е зголемен Буџетот за науката, и проектите коишто се дел од науката.
„Да, да, науката ни е многу важна. Покрај физичкото образование, се разбира дека и науката е еден од столбовите на државноста и многу значаен сегмент, бидејќи без силна наука нема иднина. Јас доаѓам од науката, од високообразовна институција, на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Можам со задоволство да кажам дека оваа година, споредено од 2024 година, речиси двојно е зголемен буџетот за науката и за проектите коишто се дел од науката.
Ако минатата година тоа беше нешто над 5,5 милиони евра, некаде околу 340 милиони денари, сега е некаде околу 660–670 милиони, 680 милиони денари. Ценам дека можеби и тоа е недоволно, се разбира, но е многу повеќе од тоа што беше. Периодот којшто следи, дополнително ќе се фокусираме на финансирање на науката. Јас ги повикувам сите високообразовни институции, приватниот сектор, Академијата на науките и сите останати да се вклучат и да поднесат свои проекти коишто ќе бидат иновативни, научни, со коишто ќе успееме да покажеме – дека и ние сме, во научна смисла, рамо до рамо со развиениот свет“, рече премиерот.
Целта на Владата е во овој мандат, велат од Владата, универзитетите да бидат на едно повисоко ниво, барем во првите илјада на следното рангирање на Шангајската листа.
„Од тие проекти, научни и апликативни, очекувам да има многу научни трудови коишто ќе бидат публикувани во научни списанија со фактор на влијание. А со самото тоа и универзитетите ќе бидат на едно повисоко ниво на следното рангирање на Шангајската листа. Знаете, наша цел е да бидеме, во овој мандат, барем во првите илјада. Но тоа не зависи само од Владата, тоа зависи, се разбира, и од универзитетите. Работиме на многу честа основа и со Министерството за образование и со универзитетите, и се надевам дека оваа цел ќе биде исполнета“, потенцираше Мицкоски.
Македонија
Судот ги одмрзнал паричните средства во случајот со РЕК Битола, Обвинителството бара нивно повторно замрзнување

Основното јавно обвинителство Битола вчера одново побара од Основниот суд во Битола да донесе одлука за определување привремена мерка – замрзнување на паричните средства во износ од околу 3 милиони евра од банкарска сметка на правното лице Друштво за производство, трговија и услуги РУД-КОП увоз-извоз ДООЕЛ Битола, бидејќи постои основано сомнение дека парите се стекнати како незаконска корист од кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластувања од член 353 од Кривичниот законик.
„Имено, постапувајќи по жалба на правното лице, Кривичниот совет на Основниот суд во Битола донел решение со кое ја преиначил одлуката на судијата на претходна постапка и дозволил одмрзнување на паричните средства, а во замена е определена мерка – забрана за располагање и оттуѓување на недвижен имот и моторни возила во сопственост на правното лице“, соопшти обвинителството.
Од таму додаваат дека, за одлуката на Кривичниот совет на битолскиот суд, ОЈО Битола ниту било известено, ниту имало право на жалба.
„Одлуката за одмрзнување на паричните средства била донесена дури 2 месеци по изјавената жалба на правното лице и на истиот ден кога Основното јавно обвинителство Битола во Судот поднесе обвинение против 10 лица за злоупотреби при јавни набавки за избор на фирма за ископ на јаловина во РЕК Битола преку кои постои сомнение дека била стекната значителната имотна корист. Со обвинението се предлага одземање на таа корист доколку биде донесена осудителна пресуда“, се наведува во соопштението.
Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Битола смета дека со донесеното решение на Кривичниот совет за одмрзнување на паричните средства се оневозможува односно се прави целосно неизвесна идната евентуална конфискација на овие парични средства како директна имотна корист од кривичното дело.
„Уште повеќе што со преиначување на првично определените мерки Судот дозволил во замена за паричните средства да биде замрзнат имот – една парцела во индустриска зона и 37 возила за кои воопшто не постои доказ дека се стекнати по извршување на кривичното дело или дека имотната корист била употребена за нивна набавка. Станува збор за возила од кои повеќето се произведени во 2007 и 2008 година, а дел и во 90-тите години од минатиот век што никако не упатува дека биле предмет на кривично дело кое согласно обвинението било извршено во 2022 и 2023 година“, велат од обвинителството.
Од тие причини ОЈО Битола итно реагираше по дознавањето за оваа одлука, ги извести Управата за финансиска полиција и Управата за финансиско разузнавање и веднаш достави нов предлог до Судот за обезбедување на имотната корист додека трае постапката. Судечкиот судија во предметот го прифати предлогот и донесе решение одново да ги замрзне паричните средства на сметката на РУД-КОП.
Македонија
Итна постапка за расветлување на случајот со закуп на природен гас од терминалот во Александрополис: Здружението на инженери поднесе претставка

Врз основа на објавените информации и изјави на официјални претставници, јавно реагираме и бараме итна институционална постапка за расветлување и решавање на случајот со закуп на капацитет за природен гас од терминалот во Александрополис, Република Грција, велат од Здружението на инженери на Македонија, од каде информираат дека поднеле претставка до Владата и Јавното обвинителство.
„Имено, од октомври 2024 година, согласно изјавата на министерката за енергетика, Република Македонија месечно плаќа околу 300.000 евра за закуп на преносен капацитет за природен гас кој не се користи“.
Ова, акко што оценуваат, значи дека буџетот на државата годишно се оштетува за сума поголема од 3,5 милиони евра.
Според нив, договорот, кој, како што истакнуваат, наводно е склучен за период од 15 години, останал активен и покрај тоа што земјата не остварила удел во сопственоста на терминалот – услов кој според кажувањата бил основа за преземање на обврската.
„Со оглед на големината на финансиската штета и фактот што станува збор за јавни средства, бараме: Итна ревизија на договорот од страна на Владата и надлежните институции, со цел негово поништување доколку се утврди дека е склучен спротивно на интересите на државата.
Покренување на истражна постапка од страна на Јавното обвинителство, со цел утврдување на евентуална кривична и материјална одговорност на лицата кои го склучиле или овозможиле спроведување на овој договор.
Објавување на содржината на договорот и вклучените страни, во интерес на транспарентност и информирање на јавноста“.
Неопходно е, додаваат од здружението, итно да се дејствува за да се спречи понатамошно трошење на јавни средства за услуга која не се користи и да се испрати јасна порака дека нема неказнивост за вакви штетни договори. Во спротивно, како што велат,довербата на граѓаните во институциите дополнително ќе се наруши.