Македонија
Нова мониторинг станица за квалитетот на воздухот во Центар
Нова мониторинг станица за квалитет на амбиентен воздух поставена во Општина Центар, на крстосницата меѓу улиците Водњанска и Васил Ѓоргов, денеска беше пуштена во употреба.
Нова мониторинг станица за квалитет на амбиентен воздух поставена во Општина Центар, на крстосницата меѓу улиците Водњанска и Васил Ѓоргов, денеска беше пуштена во употреба.На церемонијата, свое обраќање имаа министерот за животна средина и просторно планирање, Абдилаќим Адеми и вршителот на должност шеф на Делегацијата на Европската Унија во Република Македонија, Робин Лидл. „Пуштањето во работа на станицата за мониторинг на квалитетот на воздухот, на територијата на општина Центар, заедно со станицата во општина Карпош претставува голема придобивка за животната средина бидејќи значително ќе ја надополни постојната национална мрежа за автоматски мониторинг на квалитетот на воздухот во Република Македонија„ истакна Адеми во своето обраќање.Мониторинг станицата во општина Центар го мери квалитетот на воздухот во област каде има голема фреквенција на сообраќај, а станицата во Карпош ќе го следи квалитетот на воздухот во т.н. урбана позадина со цел да се добијат информации за просечните нивоа на квалитетот на воздухот и изложеноста во урбаните средини. Нивното поставување е овозможено со финансиска поддршка од Инструментот за предпристапна помош – ИПА – како дел од помошта на Европската Унија за 2011 година наменета за зајакнување на секторот за квалитет на воздухот во Република Македонија со набавка на опрема за мониторинг на квалитетот на воздухот, опрема за метеоролошки мерења и софтвер за управување со податоците за квалитет на воздухот. Станиците се опремени со анализатори за мониторинг на сулфур диоксид (SO2), азотни оксиди (NOX), јаглерод моноксид (CO), озон (O3), цврсти честички (PM2.5 и PM10), бензен и останати испарливи органски соединенија. Воедно за првпат започнува мониторингот на цврстите честички (PM2.5) кои се едни од најштетните загадувачки супстанции за човековото здравје во воздухот, и како што е познато, предизвикуваат сериозни последици на здравјето, вклучувајќи го зголемениот ризик од кардиоваскуларни и респираторни болести. Набавката на опремата, вклучува и набавка на четири нови автоматски метеоролошки станици и набавка на систем за управување со податоци за квалитет на воздухот, кој ќе биде дел од националниот информативен систем за животна средина. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Откажани и одложени повеќе летови на Меѓународниот аеродром Скопје
Маглата го отежнува авиосообраќајот на скопскиот аеродром, каде, според податоците од официјалната веб страница, има повеќе откажани и одложени летови.
На официјалната страна на Меѓународниот аеродром Скопје, од утринава откажани се летовите Истанбул, Измир, Венеција и Љубљана, како и повеќето полетувања.

Бидејќи временските услови се менуваат постојано, од ТАВ Македонија апелираат до сите патници да ги следат информациите и насоките за нивните летови кои ги добиваат од авиокомпанијата со која летаат.
Сите промени во редовниот распоред на летање се ажурираат во реално време на веб-страницата на Меѓународниот Аеродром Скопје https://skp.airports.com.mk/, а патниците може да се информираат за статусот на нивните летови и на пултот за информации кој работи 24/7 со персонал кој е присутен на аеродромот и на телефонскиот број 02 3148 333.
Поради густата магла која ја зафати скопската котлина, а која предизвика намалена видливост, на Меѓународниот Аеродром Скопје, вчера од 00:00 часот до 18 часот, како што информираа од ТАВ Македонија имло 16 откажани и 11 пренасочени летови, додека три авиони слетале и три авиони полетале после пладне, кога се подобриле временските услови.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ не се обновува, го рециклира моделот на Заев
ВМРО-ДПМНЕ остро реагира на последните кадровски решенија во СДСМ, оценувајќи дека наместо најавена обнова, партијата продолжува со, како што велат, рециклирање на стари кадри и политики од времето на Зоран Заев.
Според владејачката партија, изборот на Александар Наумоски и Драган Крајовски за членови на Извршниот одбор на СДСМ покажува дека станува збор за свесна одлука да се задржи истиот модел на функционирање, а не за вистинско кадровско освежување.
Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека Александар Наумоски, како поранешен градоначалник на општина Ѓорче Петров, зад себе оставил бројни нерешени проблеми, меѓу кои недостиг на вода, недоволен број места во градинките и депонија што со години претставувала сериозен проблем за граѓаните. Во исто време, како што се наведува, уште на почетокот на мандатот си ја зголемил градоначалничката плата и во последните шест месеци се обидел да протурка 25 урбанистички планови со брзина каква што, според партијата, не покажал кога станувало збор за јавниот интерес.
Во реакцијата се спомнуваат и наводни тендерски шеми поврзани со неговиот мандат, меѓу кои и набавка на две машини за перење за градинка по цена од 25.500 евра, од фирма која, според ВМРО-ДПМНЕ, редовно добивала јавни набавки.
За Драган Крајовски, кој претходно беше директор на затворот „Црн мост“ во Битола, од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека неговото раководење било обележано со молк за сериозни инциденти и неправилности. Како примери се посочуваат пожар во ќелија во кој бил повреден затвореник, користење европски средства за реновирање на објект што почнал да се распаѓа по две години, како и наводна злоупотреба на службени возила за приватни патувања.
ВМРО-ДПМНЕ оценува дека лидерот на СДСМ, Венко Филипче, овие кадровски решенија ги претставува како „реформски капацитет“, со што, како што велат, се потценува јавноста и се испраќа порака дека партијата нема намера да се дистанцира од влијанието на поранешното раководство.
„Изборот на овие старо-нови лица е јасен доказ дека во СДСМ ништо суштински не е променето“, се вели во соопштението.
Македонија
Скопје меѓу најзагадените во Европа, СДСМ обвинува за погрешни приоритети на власта
СДСМ обвини дека власта нема средства за мерки против загадениот воздух, иако Скопје, како што наведуваат, е втор најзагаден град во Европа, додека истовремено се трошат милиони евра на, како што тврдат, наместени и криминални тендери.
Од опозициската партија посочуваат дека граѓаните на Скопје секојдневно се изложени на сериозни здравствени ризици поради загадениот воздух, особено децата, младите, хронично болните и повозрасните лица, но дека ова прашање не е приоритет за актуелната власт.
„Иако Скопје е меѓу најзагадените градови во Европа, власта тврди дека нема пари за мерки и политики за подобрување на квалитетот на воздухот. Пари, според нив, има само за криминални и наместени тендери“, се вели во соопштението.
СДСМ се повикува и на наводи изнесени од Антикорупциската комисија (АКТ), според кои преку корупциски систем милиони евра од јавните средства завршувале кај фирми блиски до власта. Како пример, се наведува дека една фирма добила 161 тендер, додека друга, со само двајца вработени, инкасирала девет милиони евра за една година.
Според СДСМ, ваквите практики покажуваат дека приоритет на власта на ВМРО-ДПМНЕ не е здравјето на граѓаните, туку коруптивни зделки.
„Корупцијата навлегува во секој сегмент на општеството, а последиците се сериозни и директно влијаат врз здравјето на граѓаните“, наведуваат од партијата, додавајќи дека е неопходно да се стави крај на, како што велат, криминалот и грабежот и јавните пари да се насочат кон реалните потреби на граѓаните.

