Македонија
„Метрудхем“ без одговор дали ќе ја дислоцира Топилницата
Компанијата „Метрудхем“, сопственик на велешката Топилница, не одговори конкретно на пораката на премиерот Никола Груевски, да размислат за просторна дислокација на Топилницата.
Компанијата „Метрудхем“, сопственик на велешката Топилница, не одговори конкретно на пораката на премиерот Никола Груевски, да размислат за просторна дислокација на Топилницата.
Наместо конкретен одговор, од компанијата изјавија дека препораката на премиерот ја сфаќаат како подадена рака од Владата за изнаоѓање на решение.
„Препораката на премиерот Никола Груевски ја разбираме и ја поздравуваме иницијативата за започнување на соработка за изнаоѓање на решение за реализација на нашата инвестиција. Како инвеститори, ја изразуваме нашата подготвеност да ги презентираме овие решенија кои ги предвидуваме и на владата и на широката јавност. Исто така даваме поддршка за оваа иницијатива за соработка на разгледување на можните опции за реализација на инвестицијата во тесна соработка и помош на владата и токму поради изнаоѓање на соодветно вин – вин решение го продолжуваме и го поддржуваме започнувањето на можната соработка со исклучително позитивна енергија“ изјави денеска портпаролот на компанијата Александар Билбилов.
Тој вели дека се подготвени да седнат и да преговараат со владата, да ги презентираат нивните решенија и планови и да видат што понатаму.
Тој отфрла било каква поврзаност на компанијата со било која политичка партија. Како што изјави Билбилов, капиталот за инвестицијата вредна 150 милиони евра ќе го обезбеделе преку банки. Не кажа конкретно кои банки ќе ги финансираат и врз основа на кој имот ќе обезбедат кредити, ако тврдат дека во нивна сопственост единствено е имотот на Топилницата.
„Поддршка дефинитивно имаме, ние сме партнерска компанија на „Минеко групација“ вели Билбилов.
Доколку градоначалникот на Велес го измени генералниот урбанистички план за делот околу „Топилницата“, „Метрудхем“ нема да може да инвестира воопшто, но од таму не размислувале ниту за оваа можност.
Премиерот Никола Груевски пред неколку дена и препорача на компанијата „Метрудхем“ да размисли за просторна дислокација на Топилницата, на место каде што нема да биде загрозен градот Велес.
„Владата е подготвена да и помогне на компанијата во процесот на дислокација доколку компанијата ја прифати препораката. Владата поддржува отворање на нови фабрики кои отвораат нови работни места, но сепак пред сè, и над сè мора да биде здравјето на луѓето, на сите нас, на нашите деца и на идните генерации на кои треба да им оставиме здрава животна средина“, се вели во соопштението од Владата.
Велешани излегоа на масовни протести за да покажат дека се против рестарт на Топилницата , која со години го загадуваше овој град. /крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.
Македонија
Традиционална церемонија на свечено менување на државното знаме во претседателскиот кабинет
Повеќе од 170 основци од скопските училишта „Ѓорѓија Пулевски“ и „Кочо Рацин“ и од училиштето „Св. Наум Охридски “ од Охрид, денеска ја проследија церемонијата на свечено менување на државното знаме, којашто во Кабинетот се одржува секој втор петок во месецот во знак на оддавање почит кон државата.
Во присуство на бројни претставници на Армијата, учениците, заедно со своите наставници и образовни асистенти, најпрво внимателно го ислушаа командирот на почесната единица кој ги образложи причините и процесот на менување на знамето.
Потоа, нивните љубопитни очи се вперија кон јарболот на којшто постојното, беше заменето со ново државно знаме. Церемонијата заврши со интонирање на македонската химна од Воениот оркестар, пропратено со детскиот хор.
Во рамки на посетата, дечињата ја разгледаа свечената сала со двата импозантни мозаици на академик Глигор Чемерски, „Македонија-светла земја“ и „Македонија-земјата памети“.
Претседателката изрази радост за присуството на најмладите посетители и одговараше на бројните креативни прашања меѓу кои и: Кои и биле омилените книги на нивна возраст? Дали ѝ недостигаат студентите? Сонувала и посакувала ли некогаш да стане претседателка? Какви карактеристики треба да поседува еден лидер? Како се одвива еден нејзин работен ден и колку долго трае? Дали ги помни омилените наставници?
Таа, во својство на ученичка, ги именуваше саканите учители, истакнувајќи дека имале огромно влијание врз нејзината љубов кон учењето.
На крајот, Сиљановска-Давкова им порача дека вреди да се учи и дека нема подобар влог во иднината, од оној во знаењето.
Младите посетители, освен со убави спомени, од Кабинетот си заминаа и со автограм од претседателката Сиљановска-Давкова.

