Македонија
СДСМ: Дали Владата спроведува и толерира криминал во МРТВ?
По објавените ревизорски извештаи за работата на Македонската радио телевизија опозициската СДСМ прашува дали Владата спроведува и толерира криминал во МРТВ.
По објавените ревизорски извештаи за работата на Македонската радио телевизија опозициската СДСМ прашува дали Владата спроведува и толерира криминал во МРТВ.
„Додека граѓаните плаќаат за партискиот сервис на ВМРО-ДПМНЕ, членовите на Советот на МРТВ си доделиле надоместоци за една година во вредност од речиси половина милион евра. Се поставува прашањето, дали Владата спроведува и толерира криминал во партискиот сервис, додека во исто време води лажна борба против криминалот и корупцијата? Владата за ова молчи, јавниот обвинител од поодамна го преспива криминалот на оваа Влада, а за недокажан долг се затвори најстарата и најгледана приватна телевизија-А1“ вели пратеникот и член на извршен одбор, Јани Макрадули.
Според него ревизорите утврдиле сериозни финансиски проневери во МРТВ, за склучување договори во четири очи и за нереално прикажани приходи од реклами.
„Само за 3 години Владата префрлила повеќе од 30 милиони евра на МРТВ спротивно на Законот за радиодифузна дејност, пари за кои не постои никаков отчет и никој не знае за што се потрошени. На крајот на 2010 година МРТВ има неизмирени обврски спрема државата, што од даноци, што од придонеси, во износ од неверојатни 215 милиони денари. Само висината на тужбите против МРТВ е во вредност од преку 63 милиони денари. Договорот на Слободан Томиќ за емисијата „Отворено со народот“ е целосно нетранспарентен, без прецизирање на бројот на емисии, цената и вредноста. Одговорните во МРТВ само минатата година потрошиле над 118.000 евра за набавки спротивно на Законот. Наплаќањето на Радиодифузната такса од граѓаните се врши врз основа на регистер кој неточно, нецелосно и невистинито ги утврдува побарувањата за наплата“ изјави Макрадули.
Пред неколку дена директорот на МРТВ Ефтим Гаштов си поднесе оставка. На новинарско прашање дали веќе е познат новиот извршен директор на МРТВ, Макрадули вели дека сака да влегува во шпекулациите во јавноста.
„Не би ме изненадило ако човекот кој што е одговорен за еден портал ,а сите знаеме како функционира,кој што неколку месеци се појавува во МРТВ дека тој ќе биде наследникот на господинот Ефтим Гаштов.Времето ќе покаже дали господинот докажан функционер на ВМРО-ДПМНЕ од тој портал ќе се префрли во МРТВ и дали господинот Гаштов ќе добие повисока и подобра позиција од оваа што сега ја имаше“ изјави Макрадули./крај/со/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МОН: Ја јакнеме инклузијата со влезот во Европската агенција за посебни потреби и инклузивно образование
„Размената на искуства и позитивни практики со земјите од Европа и Светот ни е од голема важност во оваа насока, и затоа се радуваме што стануваме земја членка на Европската агенција за посебни потреби и инклузивно образование (EASNIE)“.
Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска, на средбата со Жоао Коста, директор на EASNIE и Рута Сваринскаите, кои деновиве се во посета на нашата земја.

– Постојано работиме на подигнување на инклузивноста на образовниот систем, затоа што секое дете мора да има еднаков пристап до квалитетно образование и да добие шанса за достигнување на својот полн потенцијал, независно на комплексноста на посебните образовни потреби. Имаме што да споделиме, бидејќи особено во изминатите неколку години направени се крупни чекори напред во градењето на инклузивно општество, но како земја во развој ќе продолжиме и внимателно да ги следиме трендовите кои ги наметнуваат развиените земји, истакна Јаневска на средбата.

Европската агенција за посебни потреби и инклузивно образование е независна организација која дејствува како платформа за соработка меѓу земјите-членки, со цел обезбедување поинклузивни образовни системи. Агенцијата е единственото европско тело кое е финансирано од своите земји-членки со конкретна мисија да им помогне да го унапредат квалитетот и ефикасноста на инклузивното образование за сите ученици, односно EASNIE е кофинансирана од министерствата за образование во земјите-членки и од Европската комисија преку оперативен грант преку Еразмус+.
Македонија
(Видео) На подрачјата на Маврово и Попова Шапка се воведува кружен тек за да се избегне блокирање на патот, СВР Тетово со апел да се почитуваат сообраќајните правила
Секторот за внатрешни работи Тетово постапува согласно годишен план за постапување во зимски услови во зимските рекреативни центри Маврово и Попова Шапка, но и во целото подрачје што го покрива.
Како и минатата година, така и оваа година на подрачјата на Маврово и Попова Шапка се воведува кружен тек на движење на возилата за да се избегне секој вид на блокирање на патот. Но, поради одредени неодговорни возачи кои не го почитуваат тоа правило дооаѓа до целосно блокирање на сообраќајот. Исто така, проблем претставува и паркирањето на возила покрај патот со што се оневозможува на надлежните институции за целосно чистење на патот и на тој начин уште повеќе се отежнува движењето во сообраќајот, односно на некои делници од патот кон Маврово нема можност за двонасочен сообраќај, велат од СВР Тетово.
Пред почетокот на сезоната, Отсекот за превенција при СВР Тетово во неколку наврати одржа состаноци со менаџери и сопственици на хотели и угостителски објекти во овие два туристички локалитети, при што беше укажано да преземаат соодветни мерки во нивниот делокруг на работа за безбедноста на посетителите, а и во однос на обезбедување на доволен број паркинг места за нивните клиенти.
„За да не се повторат ситуации од претходните години во Маврово и Попова Шапка, кога СВР Тетово дополнително ангажираше полициски службеници од другите полициски одделенија за физичко регулирање со наизменично пуштање на возилата и расчистување на сообраќајот, СВР Тетово апелира до граѓаните, да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не ги паркираат нивните возила на коловоз, да ги почитуваат наредбите од полициските службеници и да не тргнуваат кон овие локации без соодветна зимска опрема“, соопштуваат од СВР Тетово.
СВР Тетово ги известува граѓаните дека ќе бидат ангажирани и пајак службите на Тетово и Гостивар секогаш кога некое возило ќе го попречува сообраќајот, односно ќе биде подигнато и законски санкционирано.
Македонија
(Видео) Ѓорѓиевски: Целосна реконструкција на култната фонтана „Лотос“ во Градскиот парк
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски, објави видео во кое вели дека култната фонтана „Лотос“ повторно го добива својот сјај.
„Започната е целосна реконструкција на фонтаната која се наоѓа на влезот од Градскиот парк – место што со децении претставува препознатлив белег и симбол на Скопје, но кое за жал со години беше запуштено.
Со проектот е предвидена целосна обнова на фонтаната, како и уредување на плоштадот околу неа. Се поставува нова урбана опрема и современо осветлување, со што просторот ќе добие нов, модерен и достоинствен изглед, соодветен на значењето што го има за градот и граѓаните.
Ова култно катче, еден од најпрепознатливите симболи на Скопје, повторно ќе стане место за средби, прошетки и споделени моменти. Простор каде што генерации скопјани ќе се собираат, ќе создаваат спомени и ќе уживаат во уреден и квалитетен јавен простор, онака како што Скопје заслужува.
Градот го обновуваме чекор по чекор, со јасна визија и конкретни дела. Скопје го правиме заедно. По скопски!“, изјави Ѓорѓиевски.

