Македонија
(Видео) Ковачевски: НАТО и ЕУ споделуваат исти вредности, евроинтеграција на Северна Македонија за стабилен и просперитетен регион

Претседателот на Владата Димитар Ковачевски на Самитот на НАТО во Вилнус, Литванија во изјава за медиумите говореше за перспективата на Македонија, како и за тоа што значат донесените одлуки на Самитот, за Алијансата, за нашата држава како НАТО членка и за нашиот регион.
„ Покрај суштинските дискусии, имавме и интензивна агенда на состаноци со лидерите на НАТО членките, но и со лидерите на ЕУ, Украина и блиските партнери од Индо-пацификот – Австралија, Јапонија, Нов Зеланд и Јужна Кореја. Како лидери на НАТО земји членки, донесовме суштински одлуки со кои ќе зајакне колективната одбрана и безбедноста на сите наши граѓани.
Прво, ги усвоивме новите регионални планови за колективна одбрана и брз одговор на заканите преку копно, вода и воздух. Ова е генерациска трансформација што долгорочно ќе го зајакне НАТО.
Второ, донесовме Нова заложба за инвестиции во одбраната од најмалку 2% БДП од кои 20% ќе се наменети за модернизација. Ние оваа година имаме 1,85% од БДП наменети за одбрана, односно 274 милиони евра следната година според буџетската проекција веќе достигнуваме 2% БДП, односно 304 милиони евра и ќе го држиме тоа ниво во иднина.
Новите инвестиции ќе помогнат во јакнење на нашите капацитети за одбрана, справувањето со тероризмот, со растечките сајбер и хибридни закани, како и злоупотребата на нови технологии.
Трето, одлучивме да продолжиме со недвосмислена и силна поддршка за Украина. Ние имаме како држава многу јасна позиција и Северна Македонија секогаш ќе го поддржува правото на самоодбрана и заштита на независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина“ изјави Ковачевски.
Тој додаде дека НАТО веќе во 2008 година има донесно одлука дека Украина треба да стане полноправна членка.
Рече дека на овој Самит го формирале Советот НАТО-Украина што претставува историски чин и дека денес се одржал првиот состанок на Советот на НАТО – Украина, на кој присуствувале и претседатели и премиери на сите земји членки на НАТО и претседателот на Украина заедно со неговиот тим и го усвоиле надградениот пакет за долгорочна поддршка за Украина, за поддршка на реформите и трансформација на нивните воени сили согласно НАТО стандардите.
„Денес, беше објавена и заедничка декларација на Г7 со Украина, која ја поздравуваме и поддржуваме и која во иднина ќе биде корисна рамка за нашата поддршка на Украина.
Северна Македонија како НАТО членка, со започнати преговори за членство во ЕУ, неспорно делува како фактор на стабилност на Западен Балкан.
Токму затоа активно работиме и сме целосно посветени на остварување на втората стратешка цел – полноправно членство во ЕУ. Благодарение на тешките одлуки кои ги бевме донеле и визионерски денес ние сме дел од НАТО – Алијансата. НАТО јасно нагласува дека Западен Балкан е регион од стратешко значење што може да се види и од комуникето што е споделено.
Посветеноста на НАТО на стабилноста и безбедноста е преку поддршката на реформите кои ќе придонесат за напредок во аспирациите на земјите од регионот за членство во НАТО и ЕУ. Ова е еден исклучително значаен заклучок којшто потврдува дека НАТО Алијансата споделува исти вредности со ЕУ и поддршката која земјите членки на НАТО ја даваат на регионот е токму во насока на зачленување на нашата и на другите земји од регионот во ЕУ“ рече Ковачевски.
Тој нагласи дека демократските вредности, владеењето на правото, домашните реформи и добрососедските односи се витални за регионалната соработка и евро-атланските интеграции, и истите ќе донесат очекуван развој.
„Благодарение на одлуките кои ги донесовме во текот на изминатиот период, денеска како земја членка ја имаме целата поддршка на сојузниците, НАТО е тука за нас кога се справуваме со хибридните закани, НАТО е тука за нас кога ја јакнеме Армијата, а благодарение на стабилнсота и сигурноста која ја имаме како НАТО членка, имаме и рекорден број на странски инвестиции во текот на сите изминати години споредени со сите други години во износ од 754 милиони евра која што е направена во најкризната година по втората светска војна.
Ќе продолжиме по истиот пат да работиме забрзано и на членството во ЕУ, затоа што покрај безбедноста, енергетиката и економијата, пристапните преговори со ЕУ значат реформи во владеењето на правото и подобар стандард за живот на граѓаните“ порача Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Прогласена е кризна состојба“ – СМС порака која стигна до граѓаните е тест за масовно известување во кризни состојби

Во текот на попладневните часови, дел од граѓаните добија СМС порака со следната содржина: „Ве известуваме дека има прогласена кризна состојба во врска со пожарите и ве информираме дека на сила е забрана за движење во шумите.”
Центарот за управување со кризи информира дека ова е тест порака со цел да се проверат можностите за праќање вакви масовни пораки, кои во иднина треба да бидат дел од системот наречен ‘cell broadcasting’ или масовно праќање пораки во случај на кризна ситуација за известување и тревожење.
Оваа тест-порака има за цел да ги испита техничките можности за воспоставување на системот за масовно известување на населението во случаи на кризни состојби.
Овој систем, познат како cell broadcasting, овозможува испраќање на итни пораки до сите корисници на мобилни телефони кои се наоѓаат во определена географска област, без разлика на мобилниот оператор. Неговата цел е навремено и ефикасно информирање и тревожење на населението во случаи на пожари, поплави, земјотреси, опасни временски појави или други кризни ситуации.
„ЦУК е обврзан да го воведе овој систем, а веќе се започнати активности за изработка на физибилити студија која ќе ја процени техничката, финансиската и организациската изводливост за негова имплементација. Воведувањето на вакви системи е не само национална потреба, туку и обврска согласно законодавството на Европската Унија, која ги задолжува сите земји членки да располагаат со ваков механизам за масовно тревожење и информирање на граѓаните во случај на кризни состојби“, соопшти ЦУК.
Македонија
Активни се девет пожари во Македонија

До 18:30 часот, имало вкупно 29 пожари на отворен простор, од кои 9 се активни, 4 се под контрола, а изгаснати се 16 пожари, соопшти Центарот за управување со кризи.
АКТИВНИ (9):
Општина Чучер Сандево: помеѓу с.Блаце и с.Горњани, м.в.Рамна шума (шумски пожар)
Општина Прилеп: с.Бешиште, м.в.Бешишки Рид (приземен во мешана шума)
Општина Македонски Брод: помеѓу с.Црешнево и с.Локвица (деградирана дабова шума и грмушки)
Општина Дојран: с.Николич (нискостеблеста шума)
Општина Василево: с.Владевци (нискостеблеста шума)
Општина Чашка: под Солунска глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина дупка, каде нема активен пламен, само чад во карпест дел (шумски пожар)
Општина Крива Паланка: с.Лозаново
Општина Тетово: патен правец Тетово – с.Селце (дива депонија)
Општина Делчево: м.в.Брежје (нискостеблеста вегетација, смреки и грмушки)
ПОД КОНТРОЛА (4):
Општина Македонски Брод 1: с.Рамне – с.Ковче (ниска вегетација, проширен од фабриката Самоков)
Општина Македонски Брод 2: с.Слатина (мешана шума)
Општина Македонски Брод 3: с.Слатина (нискостеблеста мешана шума)
Општина Делчево: градска депонија Острец (депонија)
ИЗГАСНАТИ (16):
Општина Шуто Оризари: с.Визбегово (депонија)
Општина Ѓорче Петров: с.Орман (ниска вегетација и дрво)
Општина Гази Баба: Смилковско Езеро (ниска вегетација)
Општина Аеродром: ул. 3 Македонска Бригада (сува трева)
Општина Кисела Вода: ул.Малешевска во нас.Драчево (сува трева)
Општина Струмица: с.Куклиш (стрниште и сува трева)
Општина Велес: градска депонија во Велес (ѓубре)
Општина Кавадарци: ул.Диме Туриманџов (ѓубре)
Општина Делчево: м.в.Брежјето (грмушки и сува трева)
Општина Куманово: нас.Средорек (ѓубре и сува трева)
Општина Крива Паланка 1: с.Градец (шума и сува трева)
Општина Крива Паланка 2: с.Конопница (борова шума)
Општина Желино: с.Ларце – с.Горна Лешница (мешана шума)
Општина Тетово: с.Џепчиште (сува трева)
Општина Гостивар: Гостивар (сува трева)
Општина Кочани: кај селата Јастебник и Полаки, м.в.Бабиште (шума и сува трева)
Македонија
Уапсени две лица, запалиле кабли и предизвикале пожар

Полицијата уапси две лица кои запалиле кабли и предизвикале пожар.
Според информациите на МВР, вчера во 15:30 часот, при вршење на патрола на патот помеѓу Кадино и Миладиновци од страна на полициски службеници е забележан црн час при што затекнати се две лица кои имаа запалено кабли во близина на сува трева и дива депонија.
„Со брза реакција пожарот е спречен да се прошири и истиот е изгаснат. Утврдено е дека станува збор за лицето И.Б.(39) од Куманово и А.Б.(31). Лицата се лишени од слобода во Полициска станица Гази Баба и ќе биде известен Јавен обвинител за поднесување на соодветна пријава“, соопшти МВР.