Македонија
Затворен патниот правец преку Галичица
Патниот правец од Трпејца до Отешево, преку планината Галичица и оваа зима ќе биде затворен за сообраќај, затоа што не е ставен на приоритетната листата за зимско одржување на патиштата, јавува „Ohridnews“.
Патниот правец од Трпејца до Отешево, преку планината Галичица и оваа зима ќе биде затворен за сообраќај, затоа што не е ставен на приоритетната листата за зимско одржување на патиштата, јавува „Ohridnews“.
Од АМСМ информираат дека овој патен правец бил целосно затворен за секаков вид на сообраќај уште од 01 ноември годинава, а забраната ќе трае до 31 март 2012 година.
Со ова не се остварија најавите на „Македонија пат“ дека дел од овој патен правец ќе биде одржуван во текот на престојната зима. Од таму неодамна изјавија дека патниот правец, ќе почне делумно да се одржува во зимскиот период, само до месноста Корита.
„Ќе одржуваме 9 километри од вкупно 18 километри пат на планината Галичица до месноста Корита. Другиот дел останува затворен за сообраќај затоа што превојот Галичица со 1350 метри е највисок патен премин во Македонија и тешки се условите за одржување, потребна е инфраструктура и механизација“ изјави Лазо Наумоски раководител на „Македонија пат“ Охрид, на 29 октомври 2011 година.
Овој патен правец десетина години наназад се затвора за секаков вид сообраќај од октомври до март. Минатата зима Општина Охрид неколкупати реагираше дека затворањето на патниот правец Р 504 го спречува развојот на планинскиот туризам во Охридско.
На одлуката за затворање на овој патен правец регираа и планинарите и љубителите на природата од Охрид, кои неколку пати ја потенцираа важноста на овој патен правец во зима.
Инаку денеска е Меѓународниот ден на планините. Овој инернационален празник се обележува од 2003 година, со одлука и проглас на Генералното собрание на Обединетите Нации./крај/ohridnews/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.

