Македонија
Иванов: Република Македонија е реалност
Поместувањето на статус кво ситуацијата во интеграциите на Македонија во Европската Унија и НАТО по пресудата на Меѓународниот суд на правдата е обрска и одговорност на меѓународната заедница.
Поместувањето на статус кво ситуацијата во интеграциите на Македонија во Европската Унија и НАТО по пресудата на Меѓународниот суд на правдата е обрска и одговорност на меѓународната заедница, порача претседателот Ѓорге Иванов во денешното Годишно обраќање пред Собранието.
Иванов вели дека тужбата била неизбежен потег и смета дека пресудата го потврдила она што веќе го знаевме.
Оцени дека таа е најсилниот можен аргумент што земјата во моментов го има. Посочи дека Македонија и понатаму останува во рамката на разговори под покровителство на Обединетите Нации.
„Имаме идеална можност за историски исчекор. Пресудата од Хаг, освен што ја легитимира нашата досегашна политика и ни го зголемува угледот, има и уште една голема и значајна димензија: Таа е рамка во која се регулираат прашања кои се исклучително значајни за однесувањето на двете страни во почитувањето на обврските од Времената спогодба. Пресудата потврди дека Република Македонија може да го употребува своето уставно име во рамки на меѓународни организации во кои членува и Грција. Обвинувањата на Грција во врска со непочитувањето на Времената спогодба од страна на Република Македонија беа отфрлени од судот. Затоа не треба да бараме нови начини како да дојдеме до решение. Треба само да ја почитуваме Времената спогодба и да се придржуваме до рамката поставена од резолуциите на ОН, ништо повеќе. Ние сме подготвени за тоа“, рече претседателот Иванов.
Според Иванов, одлагањето на стартот на пристапните преговори со ЕУ трета година по ред не е не е неуспех на Македонија. Вели дека се зголемува борјот на земји-членки што стојат зад нивниот старт и смета дека следниот Европски Совет може да донесе исчекор во тој правец.
„Затоа и не сме обесхрабрени. Верувам дека на следниот Европски совет, на следниот Самит на НАТО, доколку се покаже лидерство, храброст и визионерство, status quo состојбата во интеграциите може да се помести. Сите ќе бидат победници, а најголеми, секако, ќе бидеме ние и нашиот сосед. Ние со дополнителна мотивираност ќе продолжиме да го реформираме нашето општество. Целта ни е да бидеме пријателски и европски соседи со Грција. Тоа е благодарна цел и за нас, и за Грција, и за Европската унија“, вели Иванов.
Во однос на прашањето на идентитетот, Иванов побара спокојство од граѓаните, бидејќи, како што рече, никој нема да може да ни го земе она што го имаме.
„Сакам да пратам една порака до нашиот сосед. Република Македонија е реалност. Оваа реалност постоела, постои и ќе постои. За прашањата како што се нашите врвни вредности – идентитетот, јазикот, културата и уставот, воопшто, не сакаме и нема потреба да разговараме. Никој на овој свет нема право овие врвни вредности да ги оспори на друг. Тоа се вредности што може само да се констатираат и почитуваат. Затоа, поаѓајќи од изразената волја на граѓаните на Република Македонија, во иднина нема да прифатам извештај во кој македонскиот јазик и идентитет не се почитуваат. Сакам да упатам една порака до моите сограѓани. Бидете спокојни. Никој на овој свет не може и нема да може да ни го земе она што го имаме, нашето уставно име, нашиот идентитет. Ќе успееме да ги оствариме нашите стратегиски цели. Прашањето не е дали, туку кога. А до тогаш ние самите, сплотени ќе ја создаваме нашата успешна европска и евроатлантска иднина. Ќе ги реализираме целите. Ќе имаме членство и во Европската унија и во НАТО. И таму ќе бидеме тоа што сме. Друга опција не постои“, рече Иванов.
Во својот отчет пред пратениците, Иванов информираше дека во годината што изминува остварил 23 посети на странски држави, бил домаќин на вкупно 9 негови колеги, а се сретнал со над 70 шефови на држави, влади и на меѓународни организации.
Иванов, како Врховен командант на вооружените сили потсети и на изборот на нов Началник на Генералштабот на АРМ, како и на одобрувањето на новата организациска и формациска структура на Армијата. /крај/мф/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

