Македонија
Скопје и Загреб со договорот ја зајакнаа соработката
Градоначалниците на Загреб и на Скопје, Милан Бандиќ и Коце Трајановски, во вторникот во загрепската палата Дверце ја потпишаа Повелбата за пријателство и соработка меѓу главните градови на Хрватска и на Македонија
Градоначалниците на Загреб и на Скопје, Милан Бандиќ и Коце Трајановски, во вторникот во загрепската палата Дверце ја потпишаа повелбата за пријателство и соработка меѓу главните градови на Хрватска и на Македонија, притоа истакнувајќи дека станува збор официјално продолжување на од порано започнатата добра и квалитетна соработка во секторот на енергетската ефикасност, култура и др. Како што се наведува во опширниот извештај на агенцијата Hina, загрепскиот градоначалник Бандиќ по кусата средба со скопскиот колега Трајановски и официјалното потпишување на договорот, рекол дека „денешниот договор претставува ставање точка на ’и-то“ со што ја потврдуваме претходно започнатата соработка.Целта на оваа Повелба е да им се овозможи на граѓаните на двата града остварување на заедничките цели и резултати, како и зајакнување на веќе постојните врски, со посебен акцент на проширување на стопанските и на културните врски; размена на искуства во еколошките програми, особено во заштитата на животната средина; меѓусебно запознавање на културата, историјата и традицијата; соработка меѓу музеите, универзитетите; мултикултурна соработка и јакнење на врските меѓу националните малцинства; ЕУ проекти; образованието (соработка меѓу средните училишта); урбанизмот и соработка меѓу јавните претпријатија, се вели во писмената изјава на Град Скопје.Притоа се додава дека со потпишувањето на оваа Повелба двата града ќе можат да имаат заедничка соработка во рамките на меѓународните организации и асоцијациите на градови во коишто членуваат, додека особено внимание ќе биде посветено на размената на искуства, практики и можностите за учество во проекти од заеднички интерес.Бандиќ, притоа, нагласил, дека предмет на интерес на идната соработка ќе биде размената на искуствата во јавното управување, но и во стопанството, па во рамките на овие заложби Трајановски ја посетил и компанијата „Кончар“, каде што ги загледал нископодните трамваи кои возат низ улиците на Загреб, како и филијалата на загрепскиот холдинг „Зрињевац“.„Во последните 20 години, во борбата за независност на двете држави, Загреб и Скопје беа во тешки услови, а денес владеат кризата и рецесијата. Нашата обврска е, како градоначалници, сите тие проблеми да ги решаваме во своите градови, но и да си помагаме едни на други како пријатели, токму тогаш кога е најтешко.’, изјавил Бандиќ порачувајќи им на годите од Скопје дека на располагање преку работната група ќе им бидат ставени експерти од загрепските градски канцеларии за да се разменат искуствата во јавното управување.Градоначалникот Бандиќ изјавил дека е особено задоволен од потпишувањето на оваа повелба за соработка, бидејќи повеќето договори од овој вид се потпишуваат за да почне некоја соработка, додека Загреб и Скопје зад себе имаат долга соработка и проекти.Како што пренесуваат од канцеларијата на скопскиот градоначалник Коце Трајановски, тој исто така изразил убедување дека со потпишувањето на договорот за пријателство и соработка ќе се продлабочи соработката меѓу Скопје и Загреб, особено во стопанството, но и во културата и уметноста, како и во образованието и во спортот. „Станува збор за најприродниот договор досега, бидејќи и без повелбата имавме добра соработка“, го цитира Hina скопскиот градоначалник кој особено ја потенцирал важноста на соработката на јавните претпријатија и управите на двата града. „Соработката на Скопје и Загреб е клучен фактор за реализирање многу заеднички проекти во интерес на нашите граѓани. Имајќи ја предвид стратешката цел на Република Македонија за полноправно членство во ЕУ и имајќи го предвид фактот дека постигнувањето на европските стандарди и усогласувањето со европските политики се клучни насоки за развој и просперитет, убеден сум дека главниот град Скопје, има најголемо влијание во процесот на евроинтергацијата на нашата земја. Во таа смисла, богатата меѓународната соработка што нашиот град ја развива со многу градови во светот, им дава дополнителна енергија и важност во евроинтегративните процеси. Убеден сум дека искуството што го има градот Загреб како град од земја којашто е длабоко влезена во процесот на евроинтеграциите може да му пренесе позитивни искуства на градот Скопје“, изјавил градоначалникот Трајановски на потпишувањето на Повелбата.Додека делегацијата на Скопје изразила поддршка на загреб за членството во Европската унија, претставниците на хрватската престолнина ветило поддршка и помош за Скопје во сите подготовки на патот до ЕУ., изјави заменичката на загрепскиот градоначалник Јелена Пвичиќ-Вукиќевиќ. Двајцата градоначалници на крајот од официјалната средба си размениле пригодни подароци, при што Трајановски добил позлатен Медал на градот Загреб, а Бандиќ добил на подарок дрес на фудбалскиот клуб Вардар, релјеф на Александар Македонски и реплика на малата статуа на божицата на плодноста пронајден на подрачјето на Македонија, којашто датира од периодот од шест илјади години пред Христа. На свечената церемонија на потпишувањето на Повелбата, присуствувал и македонскиот амбасадор во Хрватска, Данчо Марковски, кој ја потенцирал традиционално добрата соработка меѓу хрватските и македонските градови, споменувајќи дека веќе се потпишани меѓусебни договори за соработка меѓи Осјек и Струмица, како и меѓу Ријека и Битола./крај/хи/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

