Македонија
Случај Нешкоски:Фотографија на Мартин во ковчег-доказ за бруталноста на Спасов
Во судот денеска се појавија лекари обдуценти кои детални ги образложија сите повреди кои ги регистрирале на телото на Нешкоски при вршењето на обдукција. основна причина за смртта е скршеница на носот во горниот дел меѓу очите од каде во мозокот се појавило обилно крварење.
Во Основниот суд 1 во Скопје денеска заврши доказната постапка за случајот против полицискиот полицаец Игор Спасов обвинет за убиство на Мартин Нешкоски. Нешкоски починал, според обвинението, од бруталното тепање. Во судот денеска се појавија лекари обдуценти кои детални ги образложија сите повреди кои ги регистрирале на телото на Нешкоски при вршењето на обдукција. основна причина за смртта е скршеница на носот во горниот дел меѓу очите од каде во мозокот се појавило обилно крварење. Лекарите појаснија дека ваквата повреда е настаната од брз и краток удар со тап предмет. Иако одбраната се обиде да поентира дека повредата е настаната можеби од пад и удар на тврда подлога, лекарите беа категорични дека Нешкоски бил удрен. Тие кажаа дека на неколку места Нешкоски имал подливи и внатрешни крварења. Дури и на левата страна од главата, неколку сантиметри над ушната школка, обдуцентите откриле тешка повреда нанесена од удар. При презентирањето на доказите семејството на Нешкоски до судот даде, а судот ја прифати како доказ, фотографија од мртвиот Мартин. Фотографијата е направена во ковчегот во капела неколку минути пред Мартин да биде погребан. Таа фотографија која семејството ја имаше објавено и на интернет, сега ја има и судот како официјален доказ , а на неа се гледаат тешките повреди на главата на момчето, модрица над носот и отоци на главата. Исто така беа сослушани и психијатар и психолог кои вршеле вештачење над Спасов. Потврдија дека Спасов бил свесен кога го бркал Нешкоски, а постапил така поради неговата импулсивност и чувство на моќ, а низок праг на толеранција. Неговиот бранител бараше ново вештачење тврдејќи дека Спасов е трениран полицаец кој не реагира импулсивно и токму заради тоа на шест месеци МВР спроведува психијатриски прегледи. Судот ваквото барање не го прифати бидејќи во случајот неспорно е како реагирал Спасов и од неговото сведочење и од непосредните сведоци и јасно е дека бил свесен и пресметлив. Судењето продолжува во јануари за кога се закажани завршни зборови, по што ќе биде соопштена пресудата. Нешкоски настрада бидејќи сакал да се качи на бината каде се славела победата на владејачката партија и да се поздрави со лидерот. Спасов, кој тврди дека бил на должност и го обезбедувал славењето, не му дозволил, по што настанала прво бркотница, а потоа и тепачка по која Нешкоски почина. крај.км
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март не доби поддршка од пратениците од власта. Предлогот денеска беше на дневен ред на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта го одбила и предлогот за јавна расправа и разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.
Македонија
ДУИ обвинува за притисок врз судството: Изјавите на Филков за куќниот притвор се директно мешање во постапката
Демократската унија за интеграција (ДУИ) изрази длабоко незадоволство поради, како што наведуваат, заканите упатени кон судии и обвинители од страна на министерот за правда Игор Филков во неговото последно јавно појавување поврзано со куќниот притвор на поранешниот вицепремиер, Артан Груби.
Од партијата оценуваат дека извршната власт нема уставно право да сугерира како треба да функционираат судските органи и дека улогата на Министерството за правда е да го штити интегритетот и независноста на судството, особено во чувствителни случаи со засилена политичка поларизација.
„Министерот за правда, наместо да го заштити судскиот систем од партиска хистерија, дополнително го поттикнува тоа, создавајќи клима на однапред донесена пресуда и јавно испраќајќи пораки што вршат притисок врз обвинителите и судиите“, наведуваат од ДУИ.
Според нив, ваквите изјави претставуваат директно мешање во тековна постапка и сериозен удар врз правосудниот систем, со што се загрозува интегритетот на постапката и принципот на поделба на власта.
ДУИ го повикува министерот да се воздржи од понатамошно јавно мешање, а Министерството за правда, како што велат, преку јасна и одговорна комуникација да ја гарантира независноста на судството. Во спротивно, сметаат дека министерот треба да биде разрешен.
Партијата најавува дека ќе продолжи да го следи секое дејствие што, според нив, создава клима на линч и ќе ги информира своите стратешки партнери – САД, Европската Унија и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Реакцијата на ДУИ следува по прес-конференцијата на министерот за правда Игор Филков, кој побара отчетност и детално образложение за одлуката за замена на мерката притвор со куќен притвор во случајот со Груби, кој е под истрага за криминал вреден 8 милиони евра во Државна лотарија.
Филков посочи дека станува збор за лице кое 14 месеци било во бегство, за кое претходно бил утврден ризик од бегство, и јавно ги повика судскиот и обвинителскиот совет да утврдат дали има одговорност кај судијата и јавниот обвинител за одлуката за куќен притвор.

